Ако уметноста умее да зборува, би рекла “Сѐ што ќе замислиш е реално.” – Алберто Пренков, Галерија РА

Ако уметноста умее да зборува, би рекла “Сѐ што ќе замислиш е реално.” – Алберто Пренков, Галерија РА

Галерија РА е една од првите основани приватни галерии во нашата земја која се занимава со откуп и продажба на уметнички дела и постои на пазарот повеќе од 20 години. Она што го мотивира Алберто да работи со уметност, кој заедно со својот брат ја раководи галеријата е социјалната интеракција која ја нуди оваа работа, како и слободата и желбата на уметниците да творат која ја препознава во секое уметничко дело.

1. Раскажете ни ја накратко приказната за основањето на Галерија РА.

Галерија РА е основана во 1990 година, како фамилијарен бизнис кој се пренесува од колено на колено. Идејата за основање на галеријата е добиена во неформална дружба со блискиот, драг пријател, ретко добар уметник, еден од врвните сликари Димитар Кондовски, кој беше неизмерна поддршка во текот на целото работење.

2. Галерија РА, кое е значењето на името на галеријата?

Инспирација за името секако е египетскиот бог на сонцето Амун РА. Со тоа името на галеријата се поврзува со светлината која уметничките дела ја пренесуваат на своите сопственици и со која го осветлуваат и зрачат во просторот. Како додадена вредност во значењето на името се иницијалите на моменталните сопственици на галеријата – Рикардо и Алберто.

3. Што ве восхитува во уметничките дела?

Повеќето уметници се водени од вродена, компулсивна желба да творат. Тие се чувствуваат особено задоволни од самиот процес на создавање. На пример, Пабло Пикасо бил познат по инзвонредно големиот број на уметнички дела кои ги оставил зад себе, според некои проценки, шпанскиот мајстор создал до 250 000 дела во неговиот живот. Иако ваквата продуктивност е далеку од обична, таа го илустрира типот на работна етика и посветеност што се потребни за уметниците да станат успешни во ултра конкурентниот свет на современата уметност.

И покрај финансиската несигурност и номадски начин на живот, да се биде уметник е антитеза на типичната работа од осум до четири. Уметниците имаат голема лична слобода да го искусат светот кој малкумина од нас можат – дозволувајќи им да ги канализираат своите искуства во големи уметнички дела. Ја препознавам слободата, желбата на уметникот да твори во секое уметничко дело, а токму тоа е она на што се восхитувам.

4. Што ве мотивира да работите со уметност?

Не е тајна дека светот на уметноста отсекогаш имал многу силна социјална нишка. Со векови, уметниците, дилерите, колекционерите се горди што се дел од културниот дијалог и учествуваат во гламурот на светот на уметноста. Покрај социјалната интеракција која ја нуди оваа работа, особено ме мотивираат и истите причини поради кои ѝ се восхитувам на уметноста.


5. Затворете ги очите и опишете го првото уметничко дело на кое ќе помислите.

Олимпија, дело од Едуар Мане, чувство на мистична атмосфера, дело полно со провокација и скриени пораки на уметникот.

6. Кои познати уметници може да се најдат во Галерија РА?

Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Димитар Пандилов, Ордан Петлевски, Вангел Коџоман, Вангел Наумовски, Димитар Кондовски, Томо Шијак, Томо Владимирски, Спасе Куновски, Љубомир Белогаски, Вснчо Горгиевски, Петар Мазев, Трајче Јанчевски, Васко Ташковски, Глигор Чемерски, Данчо Калчев, Рубенс Корубин, Константин Качев, Илчо Пенушлиски и други.


7. Кој е вашиот омилен светски познат уметник и зошто?

Караваџо, неговите слики се провокативни, како и самиот тој.
Тој е прв уметник кој користи модели, луѓе од секојдневието и не се ограничува на академска студија за сликање, затоа што верувал во отсликувањето на природното. Ако неговиот модел имал нечисти нокти или мрсна коса, тој тоа го сликал, баш така како што вистина е.

Караваџо е мајстор на светлината, тој ја користел светлината за да ја долови формата, да создаде простор и да даде драма на секојдневните и библиските сцени. Комбинирајќи го реализмот и драматичната светлина, сликата ја претворал во исклучително моќна приказна.

8. Ако уметноста умее да зборува, што би рекла?

Четопати знам да ја цитирам изјавата на Пикасо “Научете ги правилата како професионалец, за да можете да ги кршите како уметник.“, со тоа филозофски се обидувам да демонстрирам пред големиот наплив на модерни уметници. Да не бидам погрешно сфатен, ја обожувам модерната уметност, но кога таа е зрела, кога на платното е нанесено она што е замислено, онака како уметникот го гледа, а не се само нафрлени бои. Во тој контекст Пикасо има изјавено “Сѐ што ќе замислиш е реално.”. Преку овие две мисли уметноста ни кажува да бидеме професионалци, но и да бидеме слободни и креативни умови.

9. Дали е лесно да се одреди вистинската вредност на уметничките дела?

Како галерија ние се водиме од неколку принципи при одредувањето на вредноста на делото. Јас би наброил само неколку, како што се автентичноста на делото, состојбата, реткоста на тоа дело, она што е предмет на сликање во делото… Сепак и кога се знаат принципите при одредување на вредноста на уметничкото дело, тоа воопшто не е лесно.

10. Кои се вашите идни цели во работењето?

Тешко е да се каже дека финансиите се наша цел, бидејќи културата во нашето општество е на пониско ниво, но ние имаме различни мотиви, како што е социјалната интеракција, можноста да постојано да сме со креатори, слободата што ја дава уметноста и онаа енергија која се пренесува преку уметноста. Нашата цел е сите овие убавини да им ги приближиме на што е можно поголем аудиториум.

empty-author