Бегство, воедно прибежиште… нешто што го правиш само за себе – Баже Димовски

Бегство, воедно прибежиште… нешто што го правиш само за себе  – Баже Димовски

Неформалната велосипедска група „Explore Macedonia Tour “ е група во која Админстратори се Баже Димовски и Борис Петрушевски. Првата тура се реализираше во Март 2012 година, поточно на 17 Март и оваа година полниме 9 прекрасни години. Од тогаш до денес има точно 313 тури извозено во Македонија па и надвор од неа. Групата бележи секојдневен раст уште од самите почетоци и во моментов брои над 3.100 членови, а членството се состои од бајкери/ки од 7 до 77 години. Турите се одржуваат во недела и на секои три тури се вози една помала околу Скопје како би можеле и почетници да ни се приклучат, па полека да ни се придружат и на поголемите тури. На нашата табела има речиси 800 бајкери/ки кои биле на тура еднаш, два и повеќе пати, а рекордерот има дури 160 извозени тури. Секоја година возиме традиционално три тури: Скопје – Врање – Скопје, втората е тродневната тура до Охрид и третата е целодневен пикник во Катланово.

1. Зошто велосипедизам, а не кошарка, фудбал, тенис?
Не знам зошто… иако со сите овие спортови дружиме од мали нозе, некако велосипедот си доби посебно место кај нас. Можеби затоа што нема ограничување на учесници, нема исцртани полиња, судии… велосипедизмот дава чувство на слобода, нема противници и секако дружење со многу луѓе на едно патување/доживување. Мислам дека повеќе тој ме одбра мене одколку јас него.

2. Како се подготвувате за една велосипедска тура?
Оние кои редовно возат тури и немаат некаков ритуал или посебно психичко подготвување освен стандардното пакување еден ден пред тура, за утрото се да биде подготвено. Она што секогаш носиме со себе во ранец е (задолжително) резервна гума, алат, резервен дрес и комплетната спортска облека, задолжителната кацига, ракавици и насмевката и ведриот дух настапуваат при првиот контакт со педалите, па дури и кога тоа е во 01 часот наутро… почетокот на традиционалната тура за Охрид е во раните утрински часови.

3. Која е разликата помеѓу планинско и road возење?
Голема е разликата помеѓу планинскиот и друмскиот велосипедизам, почнувајќи од различни велосипеди, различна опрема па се до адреналинските потреби на велосипедистот. Downhill е дисциплината која изобилува со адреналин. Секоја дисциплина во велосипедизмот има своја убавина, а кај нашите тури, кои се друмски, мислам дека убавината е и кога ќе стигнеш до некој град или село, каде што никогаш не си бил, не си ни верувал дека можеш со велосипед да стигнеш дури до таму, а притоа се дружиш со многу различни профили на луѓе, кои од самото запознавање ти се супер другари/ки само затоа што делите иста пасија. Планинските тури знаат да бидат доста напорни, но не со толку километри изминати како кај друмските, но сепак сите сме велосипедисти иако возиме различни дисциплини. Баш поради тоа, велосипедистите се поздравуваат било каде и да се видат на тура и друмски и планински, како кај нас така и насекаде.

4. Која е вашата најдолга релација како здружение што сте ја возеле?
Најдолгата релација извозена во еден ден ни е 255 км. и тоа Скопје-Виница-Скопје, а рекордната километража беше 460 км. извозени во три дена. Тоа беше моето прво возење за Охрид, прекрасно… Тоа беше Скопје-Св.Наум и враќање преку Струга и Маврово. Ваквите тури се возат кога денот е најголем, а воедно и најтопол, нели. Ние возевме прв пат кон крајот на Септември, почеток на Октомври, што беше грешка. На Маврово може температурата да се симне и до нула степени и во Октомври.

5. Постојат ли идеални услови за возење на вело-тура?
Постојат идеални услови за возење кои се краткотрајни… ама сепак има. Тоа е кога температурата не е многу висока, нема автомобили во близина, нема ветер или дува одзади (што многу ретко се случува) секако треба да имаш среќа, да се нема дефекти во групата итн итн. Секако, пред тура секогаш ги проверуваме временските прилики во сите места кои ги посетуваме во еден ден, од врнежи до температури па и ветрови и досега… добро сме ги предвидувале благодарение на странските портали за временска прогноза.

6. Некоја интересна случка/згода/незгода која останува во меморија засекогаш
Има многу случки па и незгоди кои се случувале низ овие 9 години. Секако и смешни ситуации, нервозни мигови така да не би можел да издвојам една или две, а и некој ќе може да се препознае па налути… можам да кажам само дека благодарение на уличните кучиња дознавме дека можеме и со 100 км. на час да возиме 🙂

7. Како се чувствувате кога возите велосипед/тура?
Има моменти кога се искрадуваш од дома за да одиш на тура, во 07,06 па и 04 часот, одиш на прсти да не ги разбудиш сите по дома во Недела наутро, баш како да бегаш од дома. Е тоа чувство на бегство е чувството кое те следи низ целиот ден. Возење низ природа, далеку од секојдневието кое сепак е присутно, затоа што се дружиш, разговараш баш за секојдневието ама на тура…. секојдневието ништо не ти може. Бегство, воедно прибежиште… нешто што го правиш само за себе. Оние кои имаат среќа возат и со членови од своето семејство, имаме и такви примери кога доаѓале и цели семејства на тура.

8. Од ваше искуство, колку е важно возењето велосипед за нашето здравје, психичко и физичко?
Возењето велосипед е култура на живеење, тоа е многу повеќе од спорт и рекреација. Комјутерите го знаат тоа, па затоа и го користат како превозно средство во секојдневието. Одличен спорт за губење на вишокот килограми, оддржување на добра кондиција и ведар дух. Како што имам кажано и порано, нема нервозен велосипедист наутро за на работа. Мислам дека кога сите повеќе би го користеле велосипедот во секојдневието, можат да ги изгубат болките во мускулите, кичмата и р’бетот и да ја подобрат работата на срцето. Но сепак, на сите им велам да си најдат било каква причина за возење, па ќе го смениме самиот стил на живот, на подобро, се разбира.

9. Најголем предизвик со кој сега сте се соочиле при возење на некоја тура?
Секако дека предизвикот е долгата километража или искачување на некоја угорнина. Речиси на сите тури има угорнини кои се своевиден предизвик, во зависност од ветрот, а и друштвото. Ако дојде некој почетник на тура која не е за него, ќе се изнамачи и тој и тие околу него. За мене лично… турата за Охрид преку Маврово секогаш ќе биде предизвик. Тура која не е за потценување, тура која топло им ја препорачувам на бајкери кои не биле никогаш, но се разбира, не е за почетници.

10. Вашата тура од соништата?
Никогаш не сум размислувал за такво нешто. Би било одлично да се вози низ Европа на недела или две. Метрополите во Европа или пак крајбрежјата на Европа. Во најбрз можен рок би се исцртала и мапа и план и се… Нека биде покрај вода ако веќе можам да бирам 🙂

11. Доколку има заинтересирани кои сакаат да бидат дел од вашата Вело-група, како оди начинот на зачленување?
Нашата група ја има само на Facebook, зачленувањето од секогаш било бесплатно, нека ја побараат групата, нека си го прочитаат правилникот и задолжително со кацига и исправен велосипед да почнат да возат тури, се разбира од пократките кон подолгите. Слободно можат да се консултираат со Админите на која тура можат да дојдат, а за која е сеуште рано.

12. Следна планирана тура, и совет за оние кои планираат да почнат со физичка активност но од нареден понеделник? 🙂
Следната тура е во зависност од променливото време кое го имаме овој месец, така да не би можел ништо поконкретно да кажам се до два дена пред турата. Секако ќе биде над 50 км. А што се однесува до оние што сакаат да почнат од Понеделник, да им советувам да почнат од Недела… прекрасни излетнички места има околу Скопје, па нека го направат првото бегство. А ако мора да биде Понеделник, секогаш дигаме палец за со велосипед на работа. Најбитно е да се почне.

13. Како се одвиваат вело турите во време на пандемија, како се справувате со рестрикциите?

Веќе една година не организираме тури како што ги правевме досега туку си задаваме број на километри како предизвик или како задача, кои треба да се извозат во еден од деновите во викендот. Советуваме секој велосипедист сам да вози, во пар или во најмногу група од 4 лица, на паузите да држат дистанца и да се носат маски. Секогаш се придржуваме до препораките на надлежните.

14. Предновогодишно организиравте хуманитарна акција наречена ” Bike a buddy 18 и 19 “. VipHeart ја следеше акцијата, но би сакале збор два околу ова?

Предновогодишно решивме да организираме една хуманитарна акција во кругот на велосипедистите. Решивме кој сака, може да донира новогодишно пакетче кое сами ќе го купат или направат дома, да го донесат на договорено место во рок од две недели, а потоа да бидат подарени на дечиња кои новогодишната ноќ ќе ја поминат во болница. Во таа акција се приклучија и „Друштво неозбилни велосипедисти“ на кои во оваа прилика им изразуваме благодарност за учеството. Беа собрани околу 205 пакетчиња, па за истите моравме да побараме поголемо возило зошто беше невозможно да се испорачаат одеднаш.

Беа посетени 4 болници, Св.Наум Охридски – Хируршки Клиники, Комплекс Мајка Тереза – Детска Хирургија, Комплекс Мајка Тереза – Детски Клиники и Институт за белодробни заболувања кај децата – Козле.

Се видовме со дечиња во некои од болниците и чекалните, а во некои не. Бевме облечени како за на тура, со дресови и кациги и тоа помина одлично. Би сакал ова да ни биде една нова традиција и слободно можат да ни се приклучат и други велосипедски групи.
Во оваа прилика би сакале да се заблагодаирме на сите кои донираа пакетче, а воедно и на лекарите и директорите кои ни овозможија да донираме за дечињата во болниците.

15. Како и дали ќе го одбелжите деветтиот роденден?

Имаме касичка во која донираат сите бајкери на секоја тура, донациите се симболични, кој колку сака, а на крајот од денот во Е.М.Т. табелата пишува колку средства имаме собрано. Со тие средства, секој наш роденден го одбележуваме со прослава, каде што секогаш има говор од Админот, доделување на пофалници и благодарници за бајкерите и спонзорите. По тој официјален дел следува забава и на крајот се разбира, роденденската торта. На нашите забави присуствуваат обично од 70-90 бајкери/ки и таа бројка секоја година расте. За жал, минатата година таа прослава не се оддржа а како што гледаме…истото ќе се случи и оваа година. Како и да е, се надеваме дека јубилејниот десетти роденден ќе го прославиме како што сме славеле во годините наназад.

Соговорници Баже Димовски и Борис Петрушевски
Благодарност до Vipheart.mk за поканата за дружба по повод 9 години Е.М.Т.

empty-author