Бескрајна светлина – Стефан Игњатовски Ристовски, член во Lions Club Lux Aeterna

Бескрајна светлина – Стефан Игњатовски Ристовски, член во Lions Club Lux Aeterna

Lions Club Lux Aeterna е дел од светската невладина организација Lions Club International и македонската лајонс мрежа (Lions District 132, Macedonia), основан во 2013 година. Клубот брои 26 членови кои го донираат своето време во организирање на различни видови активности и проекти за остварување на определена хуманитарна цел. Поразговаравме со Стефан Игњатовски Ристовски овогодишен претседател на клубот Lions Club Lux Aeterna кој до сега има исполнето над 100 часови волонтерски активности, како во државава, така и надвор од неа. Сега, веќе 8 години е дел од Лајонс семејството (од самото основање на клубот), кои и покрај бројните препреки, сепак успеваат да го задржат духот на клубот преку донации онаму каде е најпотребно.

1. Кажете ни нешто повеќе за Lions Clubs International.
Lions Clubs International (LCI) е меѓународна хуманитарна организација основана во 1917 година во Чикаго, Илиноис, од страна на Мелвин Џонс. Оваа светски распространета организација заклучно со јануари 2020 година, брои повеќе од 46 000 локални клубови и повеќе од 1,4 милиони членови (вклучувајќи го и младинското крило Лео) во повеќе од 200 земји во светот.

2. Кои се “Витезите на светлината”?
Лајонсите се познати и како “Витези на светлината” бидејќи една од основните мисии е помагање на лицата со оштетен вид. Мотото на Лајонс клубовите е “Служиме” под кое помагаат секаде каде што има потреба за помош. Хуманата цел на членовите на Лајонс фамилијата е да служат на заедницата со своето знаење, време, мрежа на контакти, работа, посветеност и секако финансиски средства.


3. Колку членови брои и споделете нешто повеќе за Lions Club Lux Aeterna?
Lions Club Lux Aeterna е еден од најактивните млади клубови во нашата земја, кој постои 8 години и моментално брои 26 членови.

4. Каков тип на хуманитарни акции реализирате и во дали имате традиционални хуманитарни акции кои го одбележуваат вашиот клуб?
Организираме различен тип на настани преку кои собираме средства кои ги донираме онаму каде што е најпотребна помош, обично млади лица на кои им е потребно лекување, донираме пакетчиња на деца за Нова Година, делиме цвеќиња во домови за стари лица за 8-ми март, правиме топли чаеви за бездомни лица, донираме облека и храна во цркви и домови, правиме интерактивни дружби со дечиња од дом, како и дечиња со Даунов синдром. Сме санирале и цели домови кај луѓе кои доживеале катастрофи, како и донации на средства за хигиена кај што било итно и неопходно. Повеќето ни се традиционални, а има уште безброј акции кои можам да ги набројам, а се надевам ќе бидат и уште побројни и поефикасни во иднина.

5. Со која хуманитарна акција особено се гордеете?
Особено ми се драги зимските традиционални забави (обично при крај на ноември), бидејќи уште на почетоците со особена жар ги организиравме, полниме цели локали со наши пријатели и поддржувачи на Лајонс активностите, а се собираат и сериозни суми кои некому значат живот.


6. Кои се главните предизвици со кои се соочувате при реализација на одредена хуманитарна акција?
Поттикнување на што повеќе членови да учествуваат во организација на истата, бидејќи е демотивирачки целиот товар да паѓа на неколку луѓе, кога може да се искористи енергијата на целиот клуб.

7. Следна хуманитарна акција која ја планирате?
Една од акциите планирана за овој месец е хуманитарната акција за подигнување на свесност за Дијабетес мелитус (шеќерна болест), преку која клубот цели да пренесе корисни информации за шеќерната болест на што поголем број луѓе низ земјава.

8. Вие сте член на клубот од неговото основање. Кое е вашето досегашно искуство?
Горд сум на сиот придонес даден кон општеството, како и пораката која ја оставаме за да поттикнеме и други млади луѓе да подадат рака каде е најпотребно. Искрено, сме имале и тешки, демотивирачки моменти, но сепак овие години растејќи заедно, успеавме да изградиме убави пријателства и сфаќаме дека неслучајно баш овие луѓе се сеуште тука после 8 години и покрај сите обврски и ангажмани кои засилено ни ги носи приватниот живот.

9. Како го замислувате клубот во иднина?
Издигнат на едно повисоко ниво, во смисла на создавање посериозни и конкретни акции, каде како стабилни и самостојни луѓе со малку вложен труд ќе постигнеме многу повеќе од тоа што успеваме денес со нашите лимитирани средства и ресурси.

10. Порака за читателите :))
Разбудете ја хуманоста во вас и ќе сфатите колку благодарно ќе ви се врати. Без разлика дали сте дел од Лајонс, друга организација, или воопшто поединец кој сака да помогне, запамтете дека вашето малку, некому значи живот, а пораката која ја оставате е многу силна. Бидете солидарни, етични и општеството тоа ќе го препознае и ќе ве награди.

empty-author

Поврзана содржина