Важноста на детската игра – м-р Зденка Стаменова

Важноста на детската игра – м-р Зденка Стаменова

За да го охрабрите вашето дете да истражува, треба постојано да му нудите интересни искуства. Овие искуства во раното детство се основа на мотивацијата на човекот за подоцна во животот, развивање на интеракција со луѓето, добивање на енергија за изнаоѓање на начини за решавање на проблеми. Децата кои не се активирани да истражуваат подоцна немаат активен систем за истражување. Начинот на кој можете да го активирате овој систем е да му обезбедите богата стимулативна средина за имагинативна и истражувачка игра.

Збогатете ја околината

Обезбедете му на детето место за истражување, имагинативна и креативна играчка и пријатели со кои ќе игра. Сето ова придонесува за мотивирање на системот за истаржување.

Охрабрете ја креативната игра обезбедувајќи му неколку идеи и објекти со креативен потенцијал со кои ќе игра. Покажете му како да „лета со метла„ да бара џуџиња, да гради замоци. Едноставни играчки како што се саксии, тави, бокал со вода, кутии со песок се добри за почеток. Нема потреба од скапи играчки.

Неколку идеи:

  1. Направете шатор користејќи столици и чаршави и наполнете го со играчки просторот;
  2. Помогнете му да игра со природни материјали како што се листови, цвеќиња, песок, вода, снег кога го има;
  3. Облечете го со водоотпорно мантилче и чизми и одете да си играте на дожд;
  4. Изградете свет на фантазија, обезбедете играчки како што се мали колички, садови за вода, како тоа да е езеро за чамци, кофи за вода со отвори како да врне;
  5. Однесете го вашето дете на село каде што има пристап на земја, вода, трева за тркалање и играње на неа. Ако сте во близина на поток покажете му како да направо брана, камења на кој ќе стојат мали чамчиња – листови. Еднаш откако ќе го активирате системот за истражување застанете настарана и оставете го неговите идеи и креативност да излезат на виделина.
  6. Седнете на под заедно, дувајте балони, фрлајте пердуви во воздух, цртајте, боете заедно, гласот нека ви биде лесен нежен и забавен.

Одберете свет или средина во која ќе може да ја развие својата фантазија, на пример: зоолошка градина, продавница за слатки, замок, циркус, куќички за кукли и сл.

Настаните почнуваат да се редат во ваквите места со додавање на неколку клучни фигури, (на пр. минијатурни животни и луѓе). Овие играчки можат да бидат постимулативни од тие кои се засноваат само на структуирани игри, како што се игрите на табла и игрите кои се потпираат само на физичките вештини, а кои се добри од доста причини ама не го активираат системот за истражување.

Цртањето и активностите за моделирање се исто така добри за развивање на идеите на детето како и за неговата фантазија. Оставете го да експериментира со материјалите, но не го нудете со препознатливи слики и шаблони како што се боенките. Секако дека тие се за уживање во боењето, но не дозволуваат слободно развивање на фантазијата на начин на кој спонтаното цртање го прави тоа.

Спречување на љубопитноста

Изолацијата, несигурноста, стравот, лутината, сепарационата анксиозност можат да ја уништат желбата на детето за игра исто како и критикувањето на детето поради бучноста, нередот и трчањето.

  • Ако брзо се вознемирувате или ако не ви одговара времето и локацијата за игра на вашето дете, тоа ќе научи да ги инхибира своите потреби да истражува и да создава.
  • Дозволувајќи му на вашето дете да останува подолг период нестимулирано и во досадна атмосфера, кога ќе стане адолесцент иритираните родители често ќе го нарекуваат мрзлив и простак, а во основа тоа може да се чувствува доста депресивно.
  • Вашето дете не треба да седи мирно за време на патувањето, треба да го активирате неговиот мозок со комуникација, како и за време на оброкот.
  • Да имате време еден за друг.
  • Не дозволувајте телевизорот, компјутерот, мобилниот, таблетот да му бидат главна занимација.
  • Не е добро и премногу структуирани активности како што се часови по јазик, часови за балет и т.н..
  • Никогаш не ја обесхрабрувајте неговата креативност и истражувачки импулси.

Постарите деца и тинејџерите кои се со помалку активен систем за истражување, неактивноста и досадата ја доживуваат „болно“, па затоа честопати влегуваат во високо активни инциденти како што се насилството, вандализмот, дрогата. Тие имаат потреба да прават драстични нешта за да можат да почувствуват интерес и возбуда.

И училиштата треба да го стимулираат истражувачкиот систем. Физичкото интерактивно играње е многу важно за долготрајно емоционално здравје. Ваквата форма на играње има природни антистресни ефекти. Играта може да биде помеѓу возрасни и деца или помеѓу деца. Експанзивната игра го доведува детето во состојба на уживање, на радост и честопати резултира со детско пискање, смеа и радост. Вие му пружате ваква социјална игра кога го скокоткате по стомакот, кога го фрлате во воздух, го вртите.

Лице во лице играта што вклучува и допири е таков вид на игра која е спонтана, непредвидлива, со хумор и моменти кога можете да му речете на детето: „упс, ќе ти го изедам стопалото“, па се преправате дека го правите тоа. Или пак се преправате дека сте поштар а потоа земете го во раце и ставете го во скут кај некој друг возрасен – поштата пристигна. Тркалете се по подот, борете се меѓусебно, играјте си на борење, криенка-миженка.

Понекогаш ваквото играње може да донесе повреда ако нема возрасен да ги следи децата.

 

Што се случува ако децата не бидат вклучени во ваков тип на игра

Тие ќе играат повеќе и тоа во погрешно време, со други зборови нивниот импулс за игра ќе се изрази несоодветно. Тоа се случува со некои деца етикетирани како деца со ADHD. Во една студија е докажано дека децата кои се лишени од игра во училиште развиваат ADHD симптоми и не се во можност да седат мирни и да се фокусираат на наставата.

 

Хиперактивност или недоволно играње

Децата со ADHD имаат симптоми на хиперактивност, импулсивност, слабо внимание и концентрација без можност да се насочат кон задачата, да следат инструкции, да организират нешто и да слушат. Честопати трчаат, се качуваат, брзо се досадуваат и екстремно се фрустрираат ако не можат да ја извршат задачата. Често се нервираат, не си го чекаат редот. За дијагноза на АДХД, 75% од овие симптоми мора да бидат присутни 6 меци па и повеќе. Причини – невролошки проблеми, стрес за време на бременост, изложеност на цигари, алкохол, компликации за време на породувањето, мала родилна тежина, прерано родено, неухранетост, средински отрови и др.

Многу деца се погрешно дијагностицирани. Некои се способни да се сконцентрираат, да се смират и да стапат во интеракција перфектно добро кога им се дава време од страна на возрасните со многу охрабрување, награда наместо уценување и викање. Некои пак доживеале трауми и се со едно чувство на беспомошност а тоа е многу болно.

Кај ADHD главен проблем е тоа што фронталниот дел од мозокот не е целосно активиран. Интерактивната игра го прави тоа, односно го активира фронталниот дел на мозокот.

Зошто лековите може да не се вистинското решение

Ritalin (methylphenidate) е амфетамин како што е и кокаинот, тој има нуз ефекти како што се главоболки, гадење, несоница и загуба на апетитот. Со прекинување на лекот може да се добијат спротивни ефекти и тоа: вознемиреност, депресија, исцрпеност и сл. Родителите кажуваат дека децата со Ritalin ја губаат способноста за игра и радост. Во поновите истражувања се докажува дека Ritalinot даден во предпубертетниот период долготрајно ја редуцира активноста на допаминот во мозокот. Паркинсоновата болест е резултат на редукцијата на допаминот.

Други истражувачи докажуваат дека интерактивната игра е доста ефективна и може да делува како блага доза на Ritalin. Многу деца престануваат да бидат хиперактивни ако земаат рибино масло. Ова го зголемува нивото на серотонин во мозокот кој природно ја инхибира импулсивноста.

м-р Зденка Стаменова

дефектолог