,,Еден цртеж, илјада зборови” – Децата го отсликаа светот во кој сакаат да живеат

,,Еден цртеж, илјада зборови” – Децата го отсликаа светот во кој сакаат да живеат

На 17ти декември под мотото „Еден цртеж, 1000 зборови” се доделија сертификати на голем број млади ликовни творци кои со своите цртежи, а поттикнати од своите ментори придонесоа во реализирањето на боенката „Обој ме зелено”.
Како дел од процесот на реализирање на иницијативата за боенката “Обој ме зелено” беше објавен Јавен ликовен конкурс. Голем број индивидуалци и ученици од основни и средни училишта ширум нашата земја учествуваа со прекрасни цртежи од кои беа одбрани најдобрите 17 цртежи кои се дел од боенката.
Одбраните илустрации во боенката „Обој ме зелено” илустрираат теми поврзани заштитата на животната средина и од­држливите еколошки навики кај децата со цел да се подигне свеста за грижа за животната средина од најрана возраст. Иницијативата Обој ме зелено / Color me green освои второ место на конкурсот објавен од проектот TREASURE, воден од Институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ.

Боенките ќе бидат поделени помеѓу ученици од основни и средни училишта со цел да се подигне свесноста на останатите ученици за важноста на оваа тема. Учесниците на овој ликовен конкурс изразија многу силна порака преку своите цртежи, за нивната загриженост за животната средина во која живеат и го изразија нивното право да живеат во чист и здрав свет.
„Се надеваме дека ќе направиме барем мала промена во нашето општество со овие боенки и ќе ги едуцираме најмладите.” – искрено порачуваат членовите на тимот Обој ме зелено.
Покрај оваа иницијатива како дел од проектот TREASURE имаше две други наградени иницијативи со креативни идеи за подигнување на свеста за заштита на животната средина и одржливост.
Целта на проектот TREASURE е да влијае врз создавањето на здрава иднина за нашата земја преку иницирање на одржлив начин на живот, зелени вештини и стратегии кои се одразуваат на економијата, општеството и животната средина. Проектот TREASURE е финансиран од International Visegrad Fund.


Носител на проектот TREASURE е Институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ кој со својата мисија и визија се ориентира кон одржлив развој и економија базирана на знаење, со цел да ги охрабри идните генерации да продолжат со откривање, креирање, моделирање, извршување, мониторинг и подобрување на активностите на истражување и развој и применетото знаење, вештини и компетенции потребни за обезбедување благосостојба на идните генерации.

Ана Томиќ

Помлад истражувач ИЕГЕ