Заблуди и вистини околу редовните професионални чистења на стоматолог – д-р Ана Бундалевска – Александровска

Заблуди и вистини околу редовните професионални чистења на стоматолог – д-р Ана Бундалевска – Александровска

Иако редовните професионални чистења на стоматолог, се дел од негата за себе за многумина, сепак многу често се сретнуваме со пациенти кои со себе носат многу заблуди околу оваа рутинска, но исклучително важна процедура. Издвоив неколку дијалози од секојдневната клиничка пракса со цел да се разбијат некои заблуди кои често ги сретнуваме на првата посета.

  • Јас добро ги четкам забите и немам забен камен. За разлика од општо прифатеното мислење дека на професионално чистење се оди само кога ќе се појави забен камен, вистината е дека тогаш е веќе доцна. На појавата на забен камен и претходи фаза на акумулација на забен плак кој на почетокот лесно се отстранува, потоа станува цврсто припоен за глеѓта и на крајот почнува да се минерализира. За цело тоа време околната гингива е воспалена и почнува бавно, но континуирано да се повлекува. Од тие причини после чистењето може да забележите дека меѓу забите и „непцата“ (гингивата) се отвориле празни триаглести простори.
  • Со чистењето празните простори помеѓу забите стануваат поголеми. Со повторно одолговлекување на професионалното чистење овие простори стануваат се поголеми, не заради дејството на ултразвукот, туку заради континуираното воспаление кое го предизвикуваат забните наслаги. Присуството на бројни бактерии во овие наслаги предизвикува воспаление на непцата и тие се помалку или повеќе набрекнати, отечени. Со чистењето, инфекцијата се смирува и непцата спласнуваат во нивната нормална, реална димензија. Колку и да ви се овие празни простори неприфатливи, одложувањето на професионалното чистење нема да ги направи помали. Напротив, редовните чистења може само да овозможат да стагнираат овие промени. За враќање на гингивата во нормално ниво, постојат специфични хируршки постапки за кои може да се разговара со орален хирург обучен за ваков тип на интервенции.
  • Ме советуваа дека забниот камен ги држи моите заби цврсти. За жал сеуште постои такво убедување во некои средини и тоа неретко меѓу едуцираната популација. Вистината е дека забниот камен под себе обезбедува сигурно место и храна за илјадници бактерии,  кадешто четката не досега да ги отстрани и на тој начин оддржува воспаление кое бавно но сигурно го уништува целиот забнопотпорен апарат (пародонциум).  Кога во оваа фаза конечно ќе биде отстранет – долу навистина остануваат заби кои се повеќе или помалку мобилни, односно „се клатат“. Навремената контрола на забниот плак е најсигурниот начин за контрола на воспалениот на потрпотниот апарат (пародонтопатијата).
  • Не знам колку често е треба да одам на вакво чистење. По ова прашање Американската дентална асоцијација промовира концепт на индивидуална превенција, кој пак значи индивидуално одредување на интервалот меѓу две чистења, зависно од ризикот кај секој пациент. Така здрава уста со многу реставрации најчесто спаѓа во шест месечен интервал за чистење, здрава уста со добра хигиена и без пломби и коронки би можеле да бидат безбедни и со едногодишни чистења и контролни прегледи. Од друга страна, кај лица со напредната пародонтопатија и со длабоки пародонтални дефекти, кои веќе поминале низ протокол за пародонтална терапија може да се одреди интервал за контрола и на еден и пол месец до три месеци.
  • Се плашам дека чистењето е болно. Колку е гингивата повеќе воспалена, толку е повеќе осетлива. Сепак тоа не значи дека чистењето треба да помине со болка. Постојат неколку начини да се обезболи оваа процедура. Зборувајте отворено со својот стоматолог околу ова прашање и побарајте решение за болката. Кај екстремно осетливи пациенти, со исклучителна сензитивност на забните вратови на студената вода од ултразвукот, неретко употребуваме анестезија и процедурата ја изведуваме во две посети. Стравот од болка е причина број еден за одбегнување на посетата на стоматолог и затоа не се срамете да зборувате за тоа.
  • Не сакам да одам на чистење, зашто непцата многу ми крварат. Непцата крварат затоа што се воспалени, не затоа што ги повредувате. Само добро и темелно чистење, проследено со соодветна нега после тоа може да го сопре крварењето. Од друга страна, премногу нежно четкање, т.е. поштедување од четкање заради тоа што непцата лесно крварат води кон акумулација на повеќе забен плак, тоа пак води кон уште посилно воспаление и уште појако крварење. Така настанува ефектот на топка снег – како поминува времето и одложувањето – така топката тркалајќи се станува поголема т.е. состојбата се влошува.
  • Јас користам најскапи средства за нега на устата и забите, професионално чистење не ми треба. Скапите и деликатни средства за нега на устата не се гаранција за здрава уста, ниту се наменети за секоја уста. Многу од нив немаат ниту целосен ефект доколку на забите има голема акумулација на плак. Многу мал процент на лица имаат беспрекорна хигиена на устата. Сите ние имаме тешко пристапни, скриени точки, како и места кои се достапни, но при рутинирано четкање ги пропуштаме и за кои единствено нашиот стоматолог може да не извести и посоветува како да обрнеме повеќе внимание. Исто така, средствата за дезинфекција на устат следат откако механички ќе се отстрани целиот плак и забе камен.
  • Прво да ги средиме забите, потоа сакам чистење. Чистењето е алфа и омега во воспоставувањето и одржувањето на здрава уста. Тоа значи дека чистењето е првата работа која треба да се направи при посета на стоматолог, со исклучок на совршено здрава уста со олдична хигиена. Тоа ни овозможува најтемелен преглед на забите и непцата од сите страни. На оваа посета се нотираат сите состојби во устата и најсоодветно се одредува интервалот за понатамошни чистења како и планот за третман, согласно наодот. Сите интервенции на забите треба да се направат на здрав фундамент, во отсуство на секакво воспаление. Откако ке се воспостави оптимално здравје на устата и забите – следува чистењето како терапија на одржување на 3-6-12 месеци зависно од потребата.

Д-р Ана Бундалевска - Александровска

Спец. по стоматолошка протетика