Зајакнување на дигиталните вештини на младите во руралните средини

Зајакнување на дигиталните вештини на младите во руралните средини

Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика ИЕГЕ, заедно со партнерските институции ја започнаа реализацијата на Еразмус+ проектот DigiRUR – Бидете успешни во дигиталната ера во руралните средини.

Главната цел на проектот DigiRUR се заснова во промовирање на активно граѓанство, креативно учење и претприемништво кај младите кои одлучуваат да останат, работат и создаваат во руралните средини.

Во текот на последната деценија цела Европа се карактеризира со бавен економски раст и висока стапка на невработеност кај младите, тоа е особено забележливо во руралните области во ЕУ.

Може да се каже дека постојат неколку големи предизвици со кои се соочуваат младите и се рефлектираат на нивниот личен, економски и социјален развој, а промовирањето на претприемништво за млади е најдобриот начин да се одговори на тие предизвиците. За жал, континуирано забележуваме пониски нивоа на претприемништво за млади во руралните средини отколку во поголемите градови, што доведува до економска депривација и напуштање на овие области, високи нивоа на миграција и низок животен стандард.

Една од главните причини за ниските нивоа на младинска иницијатива за претприемништво во руралните средини се ограничените можности на младите да пристапат до информации и да ги развијат своите деловни знаења и вештини, позатворениот тип на однесување на руралните млади и недостатокот на финансиски ресурси за стекнување на нови вештини.

Целта на проектот DigiRUR е да се поттикнат претприемачките вештини на младите во руралните средини. Проектот ќе овозможи бесплатен пристап до едукативни материјали за рурално претприемништво и дигитално усовршување и обуки за млади лица во руралните средини. Проектот ќе го поддржи претприемачкиот екосистем со активно ангажирање на јавните и приватните чинители и ќе поттикне партнерството за аплицирање на фондови за поттик на младите претприемачи. Долгорочната цел на проектот е да овозможи одржлив локален економски раст и намалување на миграцијата кон урбаните средини.

Реализацијата на проектот DigiRUR ќе трае до ноември 2023 година, a партнери во проектот се етаблирани европски институции: MIG “Panagyurishte, Strelcha, Lesichovo”, Бугарија; CREATIVE THINKING DEVELOPMENT, Грција;  GuruServices.Biz, Грција; UNIVERSITAT INTERNACIONAL DE CATALUNYA, Шпанија; Институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ, Северна Македонија; VIRTUAL CAMPUS LDA, Португалија; CENTRE FOR ADVANCEMENT OF RESEARCH AND DEVELOPMENT IN EDUCATIONAL TECHNOLOGY LTD-CARDET, Кипар и Institute for Technology Transfer and Innovations, Бугарија.

empty-author