Зградата на Централната Пошта во Скопје именувана меѓу 7-те најзагрозени споменици во Европа во 2021 – м-р Сузана Касовска Георгиева

Зградата на Централната Пошта во Скопје именувана меѓу 7-те најзагрозени споменици во Европа во 2021 – м-р Сузана Касовска Георгиева

На 8 ми април 2021 година Европа Ностра ја објави Листата на 7-те најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа за 2021. На листата заедно со уште 6 споменици од Европа, се најде и Зградата на Централната Пошта во Скопје.

Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ) од Скопје препознавајќи ја големата потреба за заштита на културното наследство во нашата земја ја номинираше Централната пошта за оваа европска престижна програма на 7-те најзагрозени во 2021.

Разговаравме со м-р Сузана Касовска Георгиева од Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ), проект менаџер на тимот кој ја номинираше Поштата во програмата 7-те најзагрозени и ја прашавме повеќе да ни објасни за номинацијата, програмата, објектот, свесноста за културното наследство и идните активности на ИЕГЕ поврзани со одржливоста на културното наследство.

1. Што претствува програмата 7-те најзагрозени на Европа Ностра?

Програмата 7-те најзагрозени е водена од Eвропа Ностра во партнерство со Институт на Европска Инвестициона Банка. Истата е поддржана и од Програмата Креативна Европа на Европската Унија. Програмата започна во 2013 година, и истата претставува дел од граѓанската кампања за спасување на загрозеното наследство во Европа. Програмата подигнува свест, и именувањето на загрозен локалитет честопати служи како катализатор и поттик за мобилизирање на потребната јавна или приватна поддршка, вклучително и финансирање. Европа Ностра пак е основана во 1963 година, денес е признаена како најголема и најрепрезентативна мрежа за наследство во Европа. Европа Ностра промовира кампањи за спасување на европските најзагрозени споменици, локалитети и пејзажи, посебно преку Програмата 7-те најзагрозоени.

2. Како започна процесот на номинација анд Зградата на Централната Пошта?
Процесот на номинација на Централната Пошта започна во 2019 година кога Институтот за истражување на животната средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ), како опшествено одговорна организација која се грижи за заштитата на културното наследство, ја препозна големата потреба за заштита на овој објект. Процесот беше целосно поддржан од АД “Пошта на Северна Македонија”, д-р Георги Георгиев од “Консалтинг, Планирање, Иновации и Стратегии” од Германија, Министерството за култура на Северна Македонија, како и Ралф Килиан и Јоана Лаиснер од институтот Фраунхофер. Номинацијата беше поднесена во 2020 година во Европа Ностра и Поштата се најде на листата на 12-те најзагрозени локалитети за 2021 година, а потоа и на Листата на 7-те најзагрозени локалитети за 2021 година.

3. Кој ја прави селекцијата и кое беше мислењето за објектот на Централната Пошта?
Селекцијата беше направена од страна на Бордот на Европа Ностра врз основа на извонредното значење на наследството и културната вредност на секој локалитет, како и врз основа на сериозната опасност со која се соочуваат. Нивото на ангажираност на локалните заедници и посветеноста на јавните и приватните чинители за зачувување на овие локалитети се сметаа за клучни додадени вредности. Друг критериум за избор претставуваше потенцијалот на овие локации да дејствуваат како катализатор за одржлив социо-економски развој за нивните локалитети и регионот.
Нашата Пошта се најде на оваа листа поради нејзиното извонредно големо европско значење. Токму ова го потврди и Одборот на Европа Ностра и Советодавното тело на програмата 7-те најзагрозени за 2021 година кои изјавија: “Зградата на Централната Пошта претставува сѐ она што е програмата 7-те Најзагрозени, а тоа е културен објект од извонредно значење кој претставува симбол на повторното раѓање на градот после земјотресот. За жал, овој објект потребно е да се роди по втор пат.”

4. Кои се придобивките од оваа престижна номинација?
Избраните 7 најзагрозени локалитети се квалификувани за грант за наследство од Европска Инвестициона Банка до 10.000 еур по локалитет, со кој ќе се помогне во имплементирањето на активности кои ќе допридонесат кон зачувување на загрозениот локалитет. Тим на експерти кои ја претставуваат Европа Ностра и Институтот на Европска Инвестициона Банка ќе обезбедат експертски совет, ќе идентификуваат можни извори на финансирање и ќе помогнат да се мобилизира широка поддршка за објектот. Тие ќе формираат и сет на совети за идни активности. Останата продобивка од оваа номинација, е тоа што оваа номинација претставува голема референца за идни активности и аплицирање на останати европски фондови.

5. Зошто токму Централната Пошта беше номинирана во оваа престижна програма?
Во предвид беа земени два индикатори, а тоа се големото значење на објектот и големата загрозеност на истиот. Централната пошта има многу големо значење, бидејќи таа претставува главно обележје на постземјотресно Скопје, симбол на отпорноста и сплотеноста на граѓаните во изградбата на новото Скопје. Овој објект на скулптурална бруталистичка архитектура од 20 век, дизајниран од Јанко Константинов и финализиран во 1974 година, е од огромно значење за визуелниот и симболичен архитектонски пејзаж на Скопје, како и за наследството на Европа и пошироко. Од друга страна пак, поради огромниот пожар во 2013 година, објектот е под голема загрозеност и опасност од распаѓање. Првичното застаклување на куполите и муралите се целосно уништени. Објектот е загрозен од неупотреба, засилен со присуството на поткопување од ерозијата предизвикана од покачување на подземните води од реката Вардар. Бидејќи зградата сѐ уште е без покрив, таа страда од директната изложеност на влијанија, врнежи од дожд и снег кои продираат во целата нејзина внатрешност.

Објавата на 7-те загрозени локалитети во 2021 година се одржа на дигитален настан со високи претставници од Европска Комисија и Европа Ностра, со повеќе од 500 слушатели

6. Кои се идните активности на проектниот тим?
Иднината на зградата на Централната пошта е загрозена со оглед на степенот на нејзиното оштетување, бидејќи објекти со овој тип на форма и конструкција се многу комплексни за обнова. Подигнувањето на јавната свест за важноста на заштитата и повторната употреба на објектот е една од главните цели на членовите на проектниот тим, од кој сум дел јас со арх. Благица Стојчевска, од АД “Пошта” и д-р Георги Георгиев од Германија. Номинаторот ИЕГЕ се залага за редизајн на објектот како центар за културни и општествени активности, кои ќе го продлабочат разбирањето, знаењето и свесноста за културното наследство како клучен извор за одржлив развој на заедницата.

7. Колку е важно подигнувањето на јавната свест за културното наследство?
Подигнувањето на јавната свест е клучно за зачувувањето на културното наследство, кое нашата земја го има во изобилие. Културата и нејзиното наследство ги рефлектираат и обликуваат верувањето, вредностите и аспирациите, со што се дефинира народниот идентитет на луѓето. Важно е да се зачува нашето културно наследство, затоа што тоа го чува нашиот интегритет како народ. Тоа е нешто што ние во нашата земја треба добро да го разбереме да го пренесеме на идните генерации.

Фотографии од 7 најзагрозени споменици и локалитети со наследство во Европа

Големото значење на културното наследство за Европа, може да се види и преку изјавата на ЕУ – “Културното наследство е нашето минато, сегашност и иднина. Тоа е дел од нашиот идентитет и ги доближува заедно луѓето од нашиот континент во заеднички вредности и искуства. Тоа е скапоцено и заслужува наше најголемо внимание и заштита.” Колку е значајно културното наследство и подигнувањето на свеста за истото покажува исто така и фактот што 2018 година беше прогласена за “Година на културно наследство” од страна на Европската Комисија. Слоганот на годината беше: „Наше наследство: Каде минатото се среќава со иднината”.

Должност на сите нас е да се грижиме и да го сочуваме нашето културно наследство, бидејќи тоа е нашиот идентитет, тоа сме самите ние. Знаењето за културното наследство мора да се пренесе на идните генерации, бидејќи без ова знаење тие нема да бидат одржливи.

empty-author