Климатски одржливи региони преку системски решенија и иновации – ARSINOE нов проект финансиран од Хоризонт 2020
Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика, ИЕГЕ – Скопје е дел од конзорциумот на Проектот ARSINOE – Климатски одржливи региони преку системски решенија и иновации, кој доби грант од €14.83M од Програмата Хоризонт 2020, во рамките на повикот Green Deal Call: Building a low-carbon, climate resilient future: Research and innovation in support of the European Green Deal (H2020-LC-GD-2020), во категоријата Innovation Action.
Проектот ќе ги поддржи општествената и научната заедница во ефикасно оценување на еколошките и економските ефекти од климатските промени и разбирање на влијанието на можните интервенции, со имплементација на напредни методологии, аналитички и комуникациски алатки, користејќи интерактивна платформа која ќе им овозможи на засегнатите страни соработка во изнаоѓање решенија за мулти-секторска климатска адаптивност.
Мисијата на проектот ARSINOE е овозможување на фундаментална трансформација на економските, социјалните и финансиските системи, зајакнувајќи ја нивната климатската отпорност и адаптивност, преку системски и иновативен пристап.
Проектот ќе трае 48 месеци и во него ќе учествуваат 42 партнерски организации, со следната структура:
– Координатор на проектот е Универзитетот во Тесалија, Република Грција
– 20 Универзитети или истражувачки институции
– 5 Мали и средни претпријатија
– 1 Големи претпријатија
– 6 Јавни тела
– 3 Невладини организации
– 4 Меѓународни организации
– 2 Платформи (Water Europe, UN SDSN)
Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ учествува во сите работни пакети, а ја води Студија на случај 4: Модел на интегрирано, климатски адаптивно, управување со водите во регионите на Охридско и Преспанко езеро, во прекуграничен контекст (Република Северна Македонија, Република Грција, Република Албанија). Студијата ќе се фокусира на долгорочно одржливо користење на водните ресурси во сложените екосистеми на Охридското и Преспанското Езеро, земајќи ги предвид поврзаните сектори на користење вода-енергија-земјиште, со цел подобрување на нивната климатска отпорност и прилагодливост, при истовремено овозможување на нивниот планиран развој и раст.
Оваа студија на случај има за цел да ја подобри климатската отпорност на еколошките, економските и општествените сектори, поврзани со користењето на водата, во анализираните региони, преку демонстрирање на иновативно – инклузивен методолошки пристап на системска иновација.
Проектот ARSINOE ќе обезбеди комлексен сет на иновативни решенија за долгорочно планирање, распределба и употреба на доволна количина и соодветно квалитетна вода за сите корисници, почитувајќи ги нивните интереси со цел да се подобри здравјето на луѓето, производството на храна, зачувување на природните еколошки системи, производство на чиста енергија и одржлив раст на сите економски сектори.
Партнери на ИЕГЕ во оваа Студија на случај ќе бидат Националната Агенција за животна средина и климатски промени на Република Грција и Националната агенција за просторно планирање на Република Албанија.