Местото за среќа не е важно, луѓето се – Бубе Јаневска Ивановска

Местото за среќа не е важно, луѓето се – Бубе Јаневска Ивановска

1. Која е Вашата претстава за совршена среќа?
– Сите што ги сакам здрави, прави, собрани на едно место, во исто време, со насмевки и весели муабети и кога за миг ќе подзастанеш и ќе ја погледнеш таа слика, сакајќи да ја замрзнеш и ќе си речеш ,,Јас сум среќна,,.

2. Кој е Вашиот најголем страв?
– Не се плашам баш-баш, на секој страв му погледнувам директно во очи, иако со змијата ама ич не би сакала средба „во четири очи“.

3. Со која историска фигура би се поистоветиле?
– Принцезата Џаханара, ќерката на Мумтаз и Шах Махал која е дел од градењето ма мавзолејот Таџ Махал. Доколку би можела да се вратам низ времето тогаш би сакала да бидам Мумтаз Махал, да проверам дали нејзиниот Шах навистина толку силно ја љубел и не можел без неа што по нејзината смрт наредил да се изгради Таџ Махал.

4. На кого најмногу му се воодушевувате?
– Мојата мајка која, за жал, не е повеќе со нас. Таа беше мојот херој, таа ме научи да бидам силна и храбра, таа ме воодушевуваше секојдневно со својата смиреност, остроумност, цврсти одлуки, безгрешни совети…


5. Која Ваша карактерна особина не ја поднесувате кај себе?
– Емотивноста ме нервира кај себе, а и во одредени ситуации наивноста што во ова време-невреме им верувам на луѓето. Иако, искреноста и чесноста се мои одлики, очекувам и другите да се такви, а за жал не се. Од карактерот мој… Па, не знам како се вика таа особина ама не си поднесувам понекогаш што мислам дека можам сè сама.

6. Која е Вашата најголема екстраваганција?
– Нема такво нешто. Не сакам да сум центар на светот, а и моето мото е ,,Скромноста е доблест,,. Иако одамна скромноста и чесноста во времињава во кои живееме се мана.

7. Кое е Вашето омилено патување?
– Барселона. Градот кој го почувствував како мој дом од првиот момент кога стапнав во него. Како да сум живеела таму во некое минато и градот во кој би живеела ако некогаш си одам од овде.

8. Во кои прилики лажете?
– Кога порано мајка ми, а сега сопругот ќе прашаат: „Пак си купила нови чевли?“. Одговорите се два, дека штиклите ми се стари, дури од лани или дека се многу пониска цена од реалната односно евтини, па гревота е да не се купат 😂 Па која жена не лаже за штикли? 😂


9. Која карактерна особина кај човекот сметате дека е најпреценета?
– Добрите карактеристки одамна веќе се мана, за жал и тоа е она што ме вади од кожа. Не може користољубивоста, нечесноста, лагата, лицемерието да биде вредно и важно. Се дури на овие работи луѓето гледаат како на доблести, никогаш нема да биде од нас општество со вистински вредности.

10. Кои зборови и реченици најчесто ги користите?
– Се фатив сега скоро дури зборувам на телефон дека стопати реков „ме сфаќаш“ и излудев 😂😂😂 Имам работа сега, да го исфрлам од речник ова, ме сфаќаш? 😂😂


11. Што не Ви се допаѓа во Вашиот физички изглед?
– Сите имаме свои физички недостатоци кои успешно или не умееме да ги скриеме. Порано не носев собрана коса затоа што мислев дека едното уво ми е клемпаво, па со годините сфатив дека се само луди млади години, а сега 5-6 кг што ми се вишок ми се проблем.

12. За што најмногу сте се покајале во животот?
– Што на некои луѓе не им кажав во лице тоа што заслужија.

13. Кој-а е љубовта на Вашиот живот?
– Александар, а во последниве пет години и Нела, се моето сè.


14. Кога и каде сте биле најсреќни?
– Секаде онаму каде што сум била со оние што ги сакам и каде на среќата немала крај. Местото за среќа не е важно, луѓето се.

15. Кој талент би сакале да го поседувате?
– Да свирам клавир. Не сум се обидела, може ако одам на часови, ќе биде од мене пијанистка.


16. Како се чувствувате моментално?
– Неделно сончево утро, дури најмилите спијат, јас одговарам на Вашите прашања и ги превртувам во глава сеќавањата, спомените, прочитаните книги,… Убаво ми е. Прекрасно.

17. Што сметате за Ваш најголем успех?
– Како и секоја жена… Мајчинството. Има ли нешто поубаво, помоќно и посилно од тоа да се биде мајка?


18. Ако после смртта би се вратиле на овој свет, што би биле?
– Делфин. Па нели се прекрасни овие морски цицачи? Интелигентни и секогаш пријателски расположени.

19. Која е најголемата драгоценост која ја поседувате?
– Мојата Нела, љубовта за неа и за целото семејство. Силата што ми ја даваат да се борам, да не се откажувам, да не застанувам.

20. Што претставува за вас разочарувањето?
– Лекција од книгата наречена живот. Секое разочарување е искуство, но и потсетување дека она што нема да те убие, ќе те направи посилен. Разочарувањето е и истовремено соочување со реалноста. Понекогаш нашите мисли и цели се поинакви од реалноста во која живееме и тоа нè погодува. Но, секогаш можеме да надминеме сè, и да продолжиме понатаму.

21. Со која професија (освен оваа) би сакале да се бавите?
– Можам да се бавам и со повеќе работи, сум се обидела навистина. И да бидам сметководител, да бидам ПР, да бидам професорка… Ако не дај Боже затреба, ќе се снајдам и во друга професија. Важно е да сакаш да учиш и да не се срамиш да прашуваш, и се разбира да сакаш да напредуваш.


22. Кој е Вашиот идол (пример) во животот?
– Повторно ќе ја кажам… Мојата мајка. Пример за цврста, силна и истрајна жена. Жена од која учев да бидам она што сум. Кога се наоѓам пред некој предизвик, секогаш прво се прашувам што таа сега ќе ми каже за ова, каков совет ќе ми дадеше… Една е мајка!

23. Кој е Вашиот омилен сликар, а кој писател?
– Немам омилен сликар. Ги почитувам делата на Никола Мартиноски, на Сергеј Андреевски, а од младата генерација на Михаил Корубин. Од писателите… не се задржувам на еден автор, читам она за што во моментот сум расположена, понекогаш тоа се сведува дури и на чик-литература, за максимално опуштање. Ги сакам Гијам Мисо, Халед Хосеини, од македонските Петре М. Андреевски, Венко Андоновски, а во последно време уживам во стиховите на Ана Бунтеска. Не можам да не ја споменам Милица Јаковљевиќ-Мирјам. Врежани ми се најзините дела во меморијата затоа што ја читав во некои помлади години, кога создавав слика за тоа како еден маж треба да сака и да почитува жена, а токму овие книги се во едно време когаа жената многу внимаваше како се однесува и како искажува љубов.

24. Кој е Вашиот фиктивен јунак?
– Сите понекогаш посакуваме да имаме супер-моќи. Немам омилен ама посакувам во дадена ситуација да ја имам моќи на Супермен, Бетмен… тоа сее јунаците со кои јас растев, за новите супер-херои како PJ Masks ќерка ми ќе Ви раскаже. 😂

25. Каде би сакале да живеете?
Барселона и никаде на друго место.


26. Што најмногу мразите?
– Лаги, лицемерие и простотилук. Ги има насекаде околу нас во изобилство, за жал. Исто така, многу мразам кога некој раскажува нешто и си ја зачинува приказната со работи што не се случиле и немаат врска со настанот, на кој сум била и јас присутна. И не разбирам од каде потребата на некои луѓе да ја рушат самодовербата на поединци за да се истакнат над нив. Бљак!

27. Која човечка особина ве иритира?
– Ме иритира самобендисаност. Во ред е да се цениш себеси и своите квалитети, но да бидеш реален во тоа. Сите имаме мани и доблести, но не по секоја цена да се истакнуваш, да се правиш најдобар, најуспешен, недостижен, омаловажувајќи ги другите околу тебе.

28. Кое е Вашето мото?
– Не прави му на друг она што тебе не сакаш да ти го прават.

29. Кои квалитети ги вреднувате кај мажите?
– Искреност, чесност, смисла за хумор. Мојот Александар ги има овие квалитети и затоа чекориме заедно во животот.


30. Кои квалитети ги вреднувате кај жените?
– Без оглед дали е маж или жена, искреноста и чесноста ми се важни. Знаете, ако Вашите очи го гледаат светот со доблестите, очекувате сите да имаат таков поглед. Ама за жал, не е така, па поради тоа можеби и се разочаруваме и сме изненадени од нечие однесување, од нечии постапки, и сл.

31. Што е за вас вистински пријател?
– Оној што е тука за вас и во добро и во лошо. Оној што ќе ти подаде рака без очекување да возвратиш. Оној што на твоето „Благодарам“ ќе рече „Ма нема за што да се заблагодаруваш, за тебе сум тука секогаш“. Оној што знае со зборови да ти ,,удри,, два-три шамари за да те врати на вистинскиот колосек доколку гледа дека не одиш по правиот пат или погрешно расудуваш, проценуваш, размислуваш.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk