Метеопатијата болест на денешницата – прим. д-р Толе Битовски

Метеопатијата болест на денешницата – прим. д-р Толе Битовски

Иако некои ја нарекуваат „болест на нашето време“, метеопатијата е зголемување на чувствителноста кај одреден број луѓе на временските настани.

Метеопатијата е група на симптоми и реакции што се манифестираат кај луѓето кога станува збор за промена во една или повеќе метеоролошки фактори како што се температурата, влажноста, атмосферскиот притисок, дождoт, громот и ефектот на јонизација.

Посебна група на хронични пациенти метеопати се луѓе кај кои интензитетот на болеста се зголемува поради временските промени и екстремните временски услови.

За времето се зборува од аспект на здравјето и на влијанието на климатските фактори на човечкото тело. Промената на климата има директно влијание на организмот и води до промени во расположението.

Така, кога врне нас нè боли глава, кога се менуваат временските услови сме уморни, поспани, немаме мирен сон, кога дува ветар сме радразливи и нервозни. Сè повеќе истражувања укажуваат дека луѓето стануваат поосетливи на промените на климата  т.н. метереопати. Иако меѓу најзагрозените се лица на средна годишна возраст, особено жени, не се исклучува можноста оваа состојба да се јави кај други возрасни групи, дури и кај мали деца.

д-р Толе Битовски

Зошто промената на времето влијае на организмот?

Секогаш кога се менува времето во атмосферата се создаваат електромагнетни импулси коиштo делуваат на оргaнизмот и поттикнуваат негова реакција и прилагодување. На тој начин времето, посебно наглите промени т.е. екстремно ниските или високи температури, притисокот на воздухот, влажноста го оптеретува организмот. Реакцијата којашто следи е различна за секој, некои луѓе се помалку или повеќе осетливи на промените, некој не ни чувствува промени додека одредени личности доста бурно реагираат. Овде треба да се напомене дека покрај климатските услови и индивидуалната осетливост, промените се јавуваат и во зависност од начинот на живот и секојдневните навики коишто доста придонесуваат за проблемите.

Кои се ефектите од промената на времето?

Типични симптоми коишто се јавуваат се: главоболки, мигрена, несоница, пореметување на сонот, мачнина, замор, општа слабост, нагли промени во расположението, раздразливост, нервоза, депресивни мисли, отежната концентрација, промени во кардиоваскуларниот систем, болки во зглобовите, болки во оперативни рани, скршеници и.т.н. Посебно осетлива категорија на луѓе претставуваат хронично болните коишто патат од заболувања на срцето, висок притисок, дишните патишта, астма, ревматоиден артрит.

Како да се надминат тегобите?

Она што е најзначајно е дека за било кои симптоми или болест најпрво треба да се помогне со природни средствa па потоа со посебна терапија. Пример за тоа се разни чаеви (камилица, мајчина душица, лаванда) за кои се знае дека имаат смирувачки ефект, потоа масажа на слепоочницата или на главата, на останатите делови од телото како и консумирање лесна храна. Што поголема физичка активност на отворен простор како и престој на отворено без разлика на временските услови. Препорачливо е долги прошетки, трчање, возење велосипед, престој на планина. Секој организам може лесно да се истренира да се прилагоди на временската состојба. Туширање со наизменично топла или ладна вода, престој во сауна итн. можат да помогнат во симулација на временските услови.

  • Променете го начинот на живеење.
  • Откажете се од цигарите, алкохолот и кафето или ако тоа не е можно едноставно намалете ја количината.
  • Хранете се здраво, повеќе течности, повеќе овошје и зеленчук.
  • Одмарајте.
  • Релаксирајте се.
  • Прочитајте некоја книга наместо да гледате телевизија.
  • Слушајте добра музика.
  • Најдете некое хоби што би ве исполнило и би ве опуштило, пример цртање.
  • Следете ја временската прогноза со цел да го намалите изложувањето на организмот на промените.
  • И на крај доколку симптомите не се подобруваат или се неиздржливи обратете се на лекар за помош.

прим. д-р Толе Битовски

спец. физијатар