Меѓународна иницијатива за развој на одржливи градови

Меѓународна иницијатива за развој на одржливи градови

Кога зборуваме за одржливи градови, кои се резултат на одржлив и интегриран урбан развиток, на ум имаме повеќе аспекти: паметно урбанистичко планирање, одржлив јавен градски превоз, квалитетно и достапно домување, квалитетни јавни услуги, чист воздух, вода, зелени површини, достапни работни места и почитување и негување на минатото.

Токму затоа, паметното урбано планирање и стратегиите за развој се од клучно значење за правилно управување со ресурсите кои ни се на располагање.
Проектот „Вградување на платформа за соработка за унапредување на вештини и вмрежување кон одржливи градови“ (Enable) финансиран од Еразмус+ Соработка за иновација и размена на добри практики во високо образование КА203, има за цел да се развие методологија за создавање на одржливи градови кои користат мултидисциплинарен пристап (урбанистичко планирање, економски развој, социјална инклузивност, историја, иновации, наследство и туризам). Проектот Enablе ќе помогне кон подобро разбирање на овие концепти и да понуди решенија кој ќе придонесат кон градење на одржливи градови.

Оваа методологија за одржливи градови ќе биде пилотирана во градот Прилеп, кој е стратешки партнер на проектот.

Градот Прилеп позициониран во карактеристичен југоисточен европски контекст е земен како студија на случај и ќе биде предизвикан од интердисциплинарен и транснационален наставен процес.

„Веруваме дека од градот Прилеп навистина може да се извлечат лекции за градови кои опстанале низ вековите и визионерски да се постават основите за продолжување на одржливоста во иднината. Преку активностите во проектот Enable наша цел е да научиме од искуствата од минатото, имајќи поглед кон иднината, подржан со визијата на оние кои го водат градот, и заедно да креираме план за Прилеп, како одржлив град.“ – изјавува проф. д-р Ангелина Танева-Вешоска, директор на Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика

Во новосоздадените услови поради COVID-19 пандемијата, во рамките на проектот беше креирано документарно видео за градот Прилеп, со цел да служи како основа за работа за сите вклучени студенти и архитекти, кои работат на решенија и иновативни пристапи кон градење на одржлив град.


Проектот започна во октомври 2019 и е структуриран преку три главни активности кои ги претставуваат целите на проектот, спроведени во временска рамка од 24 месеци:
• Истражување и развој на програма / Развој на методологија
• Спроведување на студиска програма / Есенски семестар 2020 година
• Синтеза на резултатот / Концепт за одржливи градови преку практикување на мултидисциплинарен пристап

Носител на проектот е Факултет за Архитектура и Дизајн, Универзитет Американ Колеџ Скопје, апартнерски институции се Институт за истражување во животната средина, градежништво и енергетика ИЕГЕ, Скопје, Институт за просторно планирање при ТУ Виена (Institute of Spatial planning, TU Wien), Катедра за архитектура и територија на Медитеранскиот универзитет Реџо Калабрија (dArte, Mediterranea University, Reggio Calabria) и Фондација за партнерства во животната средина од Брно (Nadace partnersivi, Brno).

Посeтете ја платформата https://sites.google.com/uacs.edu.mk/enable/ и профилите на социјалните мрежи Facebook и Instagram.

empty-author