Моторниот развој во детската возраст – дипл. физиотерапевт Димитар Антевски

Моторниот развој во детската возраст – дипл. физиотерапевт Димитар Антевски

Раѓањето на детето настанува после девет месеци интраутерин живот со повеќето органи и системи неопходни за живот целосно формирани. Меѓутоа ова не важи за централниот нервен систем којшто при раѓањето е сеуште функционално незрел, па новороденчето не е способно за самостојно функционирање.
Зрелото новороденче коешто е без оштетувања е способно автоматски да одговори на поедини дразби. Дланката и табанот на детето се рефлексогени зони. Примитивните рефлекси и автоматските реакции се карактеристични за новороденчињата и рана доенечка возраст. Во текот на следните месеци поголемиот дел од нив се губат, а се развиваат постурални рефлекси и антигравитационен став на телото.

Дел од рефлексите кај новороденчињата се:
Рефлекс на цицање, рефлекс на плачење, рефлекс на фаќање со дланките (кога новороденчето го притиска нашиот прст), Бауерова реакција (кога се притискаат табаните на новороденчето додека тоа е поставено на стомак, а тоа почнува алтернативно ползење), одбрамбено вртење на главата (кога е поставено на стомак со цел да се ослободат дишните патишта), автоматски од (кога новороденчето се држи во рацете и се доближуваат нозете до подот па тоа почнува да симулира одење), феномен на куклини очи (кога главата полека се врти, а очите се движат во спротивен правец), промена на положбата на вратот (кога се врти главата а целото тело го следи ова движење).

Карактеристики на моторниот развој по месеци
Од вториот месец ја подига главата дури лежи на стомак, лежи и се врти симетрично, често се смее, фиксира предмети со поглед на 30-40цм, дланките се претежно затворени и често ставени во уста.
Додека во третиот месец при положба на грб детето лежи симетрично си игра со рацете и ги набљудува а нозете ги држи флектирани, при подигање за рацете од лежечка положба главата го прати трупот. На допир со предмет ја отвара дланката и ја зема играчката ја држи цврсто и не ја пушта своеволно.
Потоа во четвртиот месец од раѓањето новороденчето веќе цврсто ја држи главата при сите положби и успева да ја поткрене до 90 степени, се потпира на своите подлактици и тоа доста стабилно, дланките се отворени и волно си игра со нив, движењата сеуште не им се координирани и предметите ги ставаат во уста и доколку се исправи држејќи го под пазувите може да прифати дел од својата тежина со нозете.


Следено во петтиот месец од положба на грб детето почнува да се врти на двете страни па дури и на стомак, ги прави првите движења на „пливањето“, при подигање од лежечка положба помага и со нозете и ги испружува а кога е во седечка положба грбот е свиткан и седи нестабилно. Доколку се подигне во стоечка положба ги исправа целосно нозете и притоа ја прифаќа својата тежина.
Во шестиот месец од положба на грб активно се врти странично и на стомак, ги фаќа стапалата и си игра со нив, во положба на стомак се крева на своите раце потпирајки се на дланките. Доенчето сака да се исправи и тешко се враќа од седечка во легната положба, стабилноста при седењето е подобрена и за миг може да ги ослободи рацете. Ги истражува предметите со кои си игра и почува да разликува пријатни од непријатни површини и да изразува задоволство или незадоволство.
Седмиот месец го карактеризиираат стабилно седење, завземање четириножна положба и придвижување кон напред во обид на ползење. Детето се исправа во седната положба само придржувајќи се за еден прст и во овој период доаѓа до израз доминантноста на една рака.
Почетокот на осмиот месец го карактеризира доенчето со многу брзо менување положби и тоа постојано е во движење. Во седечка положба грбот е рамен и има добра контрола врз истиот, може да стои цврсто и ја превзема сопствената тежина но е несигурно и се клати, плеска со рацете и предметите ги фаќа во секоја положба во која е стабилно.
Во деветтиот и десеттиот месец доенчето седи стабилно, кога ќе се подигне во стоечка положба се придржува за околните предмети, стои стабилно и цупка, ги прави првите чекори на страна, ползи, се интересира за пофини дразби како на пример сигналот од телефонот или чукањето на часовникот. Се обидува да пие само од чаша. Фаќа предмети со двете раце и посегнува по нив и вон неговиот досег.


Дванаесеттиот месец детето стои слободно но рамнотежата сеуште не е сосема добра и ги прави првите несигурни чекори. Од стоечка положба многу добро се враќа во седечка.
Веќе во петнаесеттиот месец се движи слободно, нозете се често во внатрешна ротација и може да се сопне од сопствените стапала. Стапалата се со целата површина на подлогата но притоа не се гледаат сводовите иако на преглед тие може да се откријат. Самостојно јаде со лажичка, се соблекува, гради кула од коцки, фаќа ситни предмети. Се смета дека 3/4 од децата веќе самостојно се движат на возраст од 15 месеци.
Рамнотежата е добра во сите положби веќе во осумнаесетиот месец. При движење може да држи предмет во своите раце, може да клекне и да се подигне, да се движи наназад и по скали. Фрла топка и притоа не паѓа, помага во домашните работи ако му се наложи.
Сепак мора да се напомене дека растот и развојот на децата се одвива индивидуално и не треба да се фиксираме строго по наведените фази. Доколку се забележат поголеми отстапувања од оваа шема потребно е да се консултира педијатар.

Димитар Антевски

дипл. физиотерапевт