Срце што се смее и топол збор за пациентите е најдобриот лек во нивните маки – сестра Бети Монева

Срце што се смее и топол збор за пациентите е најдобриот лек во нивните маки – сестра Бети Монева

Животната среќа доаѓа кога си се остварил како личност, си доживеал подеми и падови, си изградил кула од карти којашто не се срушила и си го нашол мирот во душата. Во овие мои 45 години старост, најмногу им се заблагодарувам на моите родители кои ме воспитале да бидам скромна, пожртвувана, борбена и добра личност. Тие ме научија секогаш да ги сакам луѓето и тогаш кога тие не те сакаат…. Да давам само љубов, и да бидам сигурна дека таа на крајот достоинствено ќе победи.


Мојата животна среќа се моите деца, мојата професионална работа и љубовта на мојот живот. Горда сум на моите ангели, моите два сина кои ме направија најсреќна на светот со нивното постоење. Израснав два арслани, вредни и чесни, кои веруваат во себе и знаат сами да се справат со секој предизвик во животот.

Мојата прва радост ми го разубави животот со уште една среќа и ми донесе ќерка во мојот дом. Нека се среќни, несебични во љубовта, добри и благородни во душите и да ми подарат многу внучиња. Знам дека во годините наназад им бев „ноќна мора“ мислејќи дека јас сум таа што знае што е најдобро за нив. Прочитав дека разликата меѓу терористи и жена во ПМС била таа што со терористите можело да се преговара. Со мене никако, секогаш јас знаев што треба да јадат, каде да одат, како да се облечат и со кого да се дружат – се на се вечна „мрчаторка“, како и секоја мајка (хаха). Ама знам, дека и покрај сѐ, ме сакаат најмногу на светот, како и јас нив.

Огромен дел од мојата животна среќа е мојата работа како медицинска сестра. Медицинските сестри се луѓе со добри души. Во мојот 24 годишен работен стаж сум се сретнала со најразлични ситуации, но научив дека едно срце што се смее, раката за споделување, рамото за плачење и топлиот збор за болните пациенти е најдобриот лек во нивните маки.

Претежно моите пациенти се жени коишто сакаат да се остварат како мајки. Првиот контакт го имаат со мене и секогаш им велам дека се дојдени на најблагодарната мисија во животот, да подарат еден живот и нивниот страв да го преточат во позитивна мисла дека им се случува нешто најубаво. Не се сами, тука сум јас, само за нив ќе се грижам ништо да не им фали и да се чуствуваат како во својот дом. Се трудам со мојата смиреност, топол глас и голема насмевка да им ја олеснам болката, да ја сфатат како најубаво нешто во животот сѐдо доаѓањето на свет на тие најслатки човечиња – нивните бебиња, толку убави, невини со најубав мирис на светот. Се трудам никогаш пациентот да не примети дека мојата работна рутина и дневна динамика може да ме исцрпи емотивно и физички. Си велам издржи, можеш, а и мораш, ќе ја ставам најголемата насмевка и тргнувам во поход. Здравите и задоволни пациенти се моето мало богатство. Од нив се раѓаат многу пријателства, интимно споделени разговори и убав кажан збор за мене. Најголемата среќа која за некого е ситница е чувството кога си одиш дома задоволна и знаеш дека и покрај отечените нозе и уморот којшто те совладува од ноќното дежурство, си оставил задоволен, мирен и среќен пациент кому ќе му се вратиш, за повторно да му го разубавиш денот. А дома те чека најубавото и најмиризливо кафенце направено од љубовта на мојот живот и чаша вода со терапијата за моето хашимото.

Па има ли поубава животна среќа?
Сестра Бети Монева

empty-author