Најдрагиот гостин во домот на новороденчето – патронажната сестра – дипл. мед. сестра Јулијана Маџовска

Најдрагиот гостин во домот на новороденчето – патронажната сестра – дипл. мед. сестра Јулијана Маџовска

Неонаталниот период од развојот на бебето претставува најважен период за здравјето на новороденчето, а редовните здравствени контроли и грижата за него се од голема важност за неговиот понатамошен развој. Целта на посетата на патронажните сестри кај новороденчето е да им помогнат на мајката и бебето во домашни услови, но и да ги направат потребните контроли во текот на овој период. Патронажната посета на новороденчето претставува значајно олеснување за мајката и бебето, со тоа што бебето останува во безбедна средина и се елиминира дополнителниот ризик од одење во болница.

1. Кога започнува посетата на патронажната сестра кај новороденчето?
Првата посета кај новороденчето се спроведува најбрзо што може по отпуштање на родилката од породилиштето. Потребата од практични совети и подршка во домашни услови се најпотребни веднаш по пристигнувањето дома поради специфичната состојбата во која таа и новороденчето се наоѓаат. Во патронажната служба секојдневно стигнуваат податоци за новите породувања од сите породилишта во градот, така да многу често се случува да ја исконтактираме родилката додека сеуште е на родилното одделение. Во одредени случаи кога кај родилката е направена патронажна посета во периодот на бременоста се случува после породувањето родилката сама да се јави и побара посета.

2. Колку често е пожелно и до кој период се препорачува посета и контрола на бебето од страна на патронажната служба?
Според програмата за превентивна здравствена заштита на мајките и децата секое новороденче треба да се посети двапати во првиот месец и уште три пати во текот на првата година. Во пракса посетите се остваруваат во зависност од индивидуалната состојба и потребите на мајката и новороденчето. Се додека не сме сигурни дека мајката ги совладала техниките за доење и ги применува препораките за правилна нега на новороденото, посетите продолжуваат. Понекогаш и две посети се доволни за да се осигураме дека и мајката и новороденото се во состојба која ги исполнува условите за нормален раст и развој на новороденчето, но во повеќето случаи се спроведуваат три и четири посети во периодот на првиот месец, податок добиен од анализата на податоците од месечните извештаи на остварени посети кај новороденче. Со други зборови, посетите продолжуваат до констатацијата дека и новороденото и мајката се во добра состојба што значи: воспоставено доење, новороденото добива мајчино млеко колку што му е потребно, папче зараснато без патолошки промени, физиолошката жолтица комплетно исчезната или со намалување на интензитетот, како и санирање на поедини инфекции на кожата, очите, усната шуплина кои може да се појават во тој период.

3. На што им укажувате на мајките да обрнат внимание при воспоставувањето на односот мајка-бебе?
Кај новороденчето покрај задоволовање на потребата за глад, жед и соодветна хигиена, треба да се задоволат и развојните потреби кои се карактеристични за секој развоен период. Веднаш после раѓањето треба да се практикува сензомоторна стимулација кај новороденчето, што всушност претставува соодветно стимулирање на сетилата за вид, слух, допир, говор. На новороденото треба да му се покажат позитивни чувства на кои тоа реагира. Иако не може да разбере што му говори мајката, сепак може да го разбере емоционалното изразување на љубов или одбивање. Така, преку контактот со очите започнува емоционалниот дијалог со новороденчето, изразен со насмевки и гестикулации кои покажуваат задоволство. Овој емоционален дијалог е многу важен за развивање на идните интеракции на детето со други возрасни и го помага развојот на говорот. Исто така од особена важност е да му се покаже позитивна емоција на љубов со разни допири и прегратки, на кои бебињата одговараат индивидуално.

4. Доколку има проблеми со доењето и исхраната од страна на мајката кои се препораките?
Проблеми со доењето од страна на мајката може да се јават од повеќе причини. Најчесто потешкотиите се во случаи кога мајката воопшто нема брадавици или се недоволно изразени што го оневозможува или значително отежнува процесот на доење. Исто така неправилното поставување на дојка може да доведе до појава на рагади (пукнатини), несоодветното т.е. недоволно празнење на дојките и други несакани состојби може дополнително да го компромитираат процесот на доење. Такви состојби може да резултираат со недоволен внес на мајчино млеко од страна на новороденчето или прекин на доењето. За секоја состојба која претставува и довела до проблем (рагади, преполнети тврди дојки, мастит, вовлечени брадавки) постојат соодветни препораки и соодветни постапки чија цел е доењето да продолжи. Затоа најважно е да дадеме максимална подршка на мајката и практична помош во надминувањето на проблемите за да продолжи процесот на доење.

5. Колку е важна топлината и хигиената во домот за правилен раст на новороденчето?
Просторијата во која новороденчето престојува треба да е со доволно дневна светлина и да се проветрува. Собната температура треба да е помеѓу 22°C и 24°C, додека за капење треба да е најмалку 26°C. Бебињата во првите 28 дена многу лесно може да добијат некаква инфекција поради што е потребно да се спроведуваат следните препораки: – миење на рацете пред да се земе новороденчето во раце, особено пред доење и по менување на пелената, – миење на раце на секој член од семејството кој ќе го земе бебето, – избегнување на контакти со многу лица во првите шест недели, посебно ако е сезона на настинки.

6. Колку време е потребно за адаптација на бебето во новите услови на живот?
Бебињата во новите услови се адаптираат релативно брзо. Во првите 3-5 дена во зависност од текот и начинот на породување, потешкотии во адаптацијата може да има од аспект на мајката односно нејзината здравствена состојба. Во такви случаеви таткото и потесното семејство се вклучува максимално во грижата за новороденото и подршка на мајката. Новороденчето во првата недела се чувствува најсигурно во непосредна близина на мајката, но веќе во втората половина на првиот месец ги препознава гласовите на членовите од семејството кои секојдневно ги слуша.

дипл. мед. сестра Јулијана Маџовска

7. Доколку се случи некоја промена кај новороденчето, каде да се обратат и интервенираат родителите?
Новороденчињата се раѓаат со одредени физиолошки карактеристики кои континуирано се следат. Секоја патолошка промена која ќе се забележи (промени на кожата, неонатална жолтица, инфекција на кожа, уста, очи итн), најнапред се третира и следи во домашни услови. Доколку има потреба од повисоко ниво на здравствена заштита новороденото се упатува на матичен лекар.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk