Незапирливи кругови, енергичен и емотивен звук – Андреа, музичарка која е дел од Националниот избор на песна и претставник на Евровизија 2022

Незапирливи кругови, енергичен и емотивен звук – Андреа, музичарка која е дел од Националниот избор на песна и претставник на Евровизија 2022

Андреа е млада, амбициозна музичарка со ветувачка музичка кариера, која пренесува силни емоции преку својата музика. Таа твори веќе неколку години, а нејзината музика веќе е прикачена во „светскиот етер“. Музичките блогови за неа велат дека прикажува „соул музика со самодоверба на многу поискусен уметник“.

Со својата песна „Circles“ е дел од Националниот избор на песна и претставник на Евровизија 2022. Резултатот од Националниот избор и официјалниот претставник на Евровизија 2022, која ќе се одржи во Торино, Италија, ќе се објави овој петок во емисијата Стисни Плеј.

1. Раскажи ни што е она што те инспирираше да почнеш да свириш и да правиш музика?

Често велам дека пеам уште пред да почнам да зборам, можеби и мојот прв збор сум го запеала 🙂 Како личност не така лесно зборувам за моите емоции, па музиката е еден креативен начин да се изразам, да кажам сѐ што сакам и да опишам како се чувствувам. На некој начин изразувањето преку музиката и емоциите се мојата инспирација.

2. Кој уметник од нашата или светската естрада те инспирираше да тргнеш по патот на музичката кариера и зошто?

Постојано сум слушала различни изведувачи и секој од нив бил некој вид инспирација за мене. Но, не смеам да не потенцирам дека на моја 13-14 годишна возраст, во периодот кога се запознав со Hayley Williams од Paramour сфатив дека сериозно сакам да се бавам со музика, како кариера. Едноставно нејзиниот начин на пишување музика, ми даде самодоверба, ми помогна да верувам во себе.

3. Што би издвоила и кое е твоето најголемо достигнување во твојата музичка кариера?

Најголемото достигнување всушност го живеам сега… особено ме радува што ме запознаа во нашата земја и ме поддржува нашата публика.

4. Како би ја опишала твојата музика? Кој е твојот музички стил?

Pop Solo R&B…


5. Да беше дел од познат бенд, во кој бенд ќе беше и зошто?

Дефинитивно Paramour, имам пораснато со нив 🙂

6. Дали пееш под туш? Кои песни? :))

Цело време пеам, а песните кои ги пеам под туш се во зависност од тоа со која песна сум “заразена” периодот, моментално тоа е песната Shut Up од The Black Eyed Peas.

7. Опиши ни го твојот омилен и најмалку омилен дел од тоа да се биде музичар.

Омилен дел за мене е способноста да креираш, да се осеќаш посебно, нема нешто поубаво од тоа да знам дека можам да се релаксирам и работам истовремено, да “исфрлам” од себе сѐ што имам да кажам, а при тоа да се изразувам креативно, можноста да пренесам порака која ќе ја слушнат сите. Најмалку омилен дел ми се бизнисот, парите, бројките…

8. Умееш да свириш гитара, дали некогаш си научила некого да свири на гитара?

Се имам обидено и до некаде имам успеано да научам повеќе блиски, со тоа што инсистирам песната што сакаат да научат да ја свират да биде некоја лесна, со 4 акорди, споро оди, ама сѐ се може се додека има ентузијазам, а и мене ми е интересно да помагам.

9. Опиши се себеси со 3 зборови :))

Снаодлива, амбициозна и тврдоглава.

10. Кажи ни нешто повеќе за креативениот процес низ кој поминувате со продуцентот и композитор Александар Масевски… Што ве прави “dream team”?

Имаме неопислива хемија, тоа што го создаваме го правиме со љубов и ја слушаме истата музика. Dream team сме затоа што има магија помеѓу нас двајца, Александар точно знае што сакам, а и јас знам што тој прави. Уживаме во процесот и двајцата едноставно толку многу ги сакаме песните што ги создаваме, би кажала музиката те држи млад :))

11. Драго ни е што си дел од Националниот избор на песна и претставник на Евровизија 2022. Што е она што те натера да се пријавиш и да бидеш дел од Националниот избор?

Едноставно препознав вистински предизвик, кој решив да го прифатам. Одамна сакав да застанам на евровизиската сцена, да ја искористам можноста мојата музика да ја запознаат, препознаат и слушнат многу луѓе од различни земји, како и од нашата.

12. Опиши ни го твоето искуство од учеството во изборот, какви се твоите очекувања?

Јас веќе на некој начин го имам постигнато тоа што го сакам, мојата музика ја слушна и нашата публика, така што и да не победам сепак имам публика на која што можам да им го презентирам тоа што го умеам и сакам да го правам.

13. Сакаме да знаеме нешто повеќе за твојата песна „Circles“ со која ја освои публиката. Дали би можела да ни ја откриеш приказната која стои зад инспирацијата во создавањето на оваа песна?

Кога ја создавав песната бев инспирирана од вистинска приказна, дел од мојот живот. Сите сме имале токсични врски, сме кружеле во незапирлив круг и било неопходно да се направи промена за да се излезе од тој круг колку и да било тоа тешко и предизвикувачко, во песната „Circles“ се преточени емоции од моето доживување.

14. За крај што би се случило доколку победиш на од Националниот избор на песна и бидеш наш претставник на Евровизија 2022? Дали веќе имаш свои замисли на изгледот на големата сцена? :))

Да, имам, но сакам да биде изненадување, ве уверувам дека дефинитивно ќе биде добро, сѐ ќе биде претставено во најдобро светло и баш така како што треба :))

empty-author