Презентација на стратегијата за одржлив развој на Прилеп како дел од завршниот настан на европскиот проект ENABLE

Презентација на стратегијата за одржлив развој на Прилеп како дел од завршниот настан на европскиот проект ENABLE

Во ЦК „Марко Цепенков“ на 22.09.2021 се одржа завршната презентација на стратегијата за одржлив развој на Прилеп, користејќи мултидисциплинарен пристап во рамките на Еразмус+ ENABLE проектот.

Проектот подразбира интегративност во стратешката мултисекторска перспектива на градот, со цел да произлезе и да се изгради одржливоста врз социо-економските и секторски приоритети, политики и стратегии. Во рамките на настанот беа презентирани резултатите постигнати во процесот на меѓународна соработка за креирање стратегија за одржлив развој на Прилеп.

На презентацијата на двегодишната научна студија, присуствуваа градоначалникот на Општина Прилеп Илија Јованоски, деканот на Универзитетот Американ Колеџ од Скопје, Проф. д-р Мишко Ралев, Директорката на Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ) проф. д-р Ангелина Танева Вешоска и претставници од Одделение за архитектура и територија, Медитеранеа Универзитет Реџо ди Калабрија.

„Ни претставува огромно задоволство денес да го организираме последниот настан од проектот Enable тука во градот Прилеп, во кој ИЕГЕ како стратешки партнер на овој проект неизмерно ја вложи својата енергија и труд. Темите кои ги покрива нашиот проект се поврзани со градење на одржливи градови и токму за студија на случај на овој проект го зедовме градот Прилеп. Карактеристиките на одржливите градови се долгорочен пристап на соработка во справувањето со економските, социјалните и еколошките предизвици кои се јавуваат, со посебно внимание на користењето, споделувањето на ресурсите, кои се ограничени. При креирањето на стретешкиот документ за Градот Прилеп освен главните теми на архитектура и урбано планирање, беа опфатени и аспектите на одржлив јавен градски превоз, чист воздух, вода, зелени површини, и културното наследство со кое градот Прилеп може се гордее.“, изјави проф. д-р Ангелина Танева Вешоска

„Драго ми е што после две години максимална ангажираност и професионална работа го постигнавме она кое што сакав да го направиме: во градов да имаме просторно планирање, архитектура, да имаме инфраструктура, да има сообраќајни решенија и се’ она што му е потребно за градот да биде одржлив и да живее“, изјави во своето обраќање градоначалникот Илија Јованоски.

Процесот на изработка на стратегијата содржеше меѓународна и интердисциплинарна соработка помеѓу субјекти од Македонија заедно со субјекти од ЕУ, Австрија, Италија и Чешка кои го комплетираа овој меѓународен конзорциум од високообразовни институции и приватни истражувачки институции.

„Резултатите од овој двегодишен процес резултираа со стратешки документ, стратешки план за градот Прилеп, кој е консултативен документ за сите идни плански иницијативи кои што ние ги насловивме зелена и сина инфраструктура. Тие ги вклучуваат зелените капацитети и сините капацитети, односно водите на градот, меѓутоа не се ексклузивни во однос на зеленилото и на водата туку тие само го покажуваат капацитетот и на сите останати слоеви што постојат во градот. Односно, сите останати изградени капацитети на градот и нивно вмрежување во еден, се’ со цел одржлив долгорочен развој на Прилеп“, истакна координаторот на проектот Максим Наумоски.

Во креирањето на стратегијата беа вклучени факултетите на три високообразовни институции Факултет за архитектура и дизајн, Универзитет Американ Колеџ Скопје, Истражувачка единица за локално планирање, Технички Универзитет Виена и Одделение за архитектура и територија, Медитеранеа Универзитет Реџо ди Калабрија потпомогнати со практично искуство пренесено од двата партнерски институти: Институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ од Скопје и Чешката фондација за партнерство за животна средина од Брно.

Стратегијата содржи насоки, кои ќе бидат основа за понатамошен развој на планската документација за Прилеп. Проектот се реализира како дел од Еразмус +, програма КА203 за Стратешка соработка помеѓу високообразовни институции и е финансиран од Европската Унија.

empty-author