Промоција на едукативна програма за подобрување на менталното и физичко здравје на професионалци со високо стресни професии
Се одржа првиот настан за промоција на европската едукативна програма “Подобрување на менталното и физичко здравје на професионалци со високо стресни професии” во организација на Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ и Кошаркарска Федерација на Република Северна Македонија – КФСМ.
На настанот беа презентирани платформата за е-учење и содржината на програмата која нуди курсеви и алатки за подобрување на емоционалното и физичко здравје и зелен животен стил.
Програмата ENERGY нуди различни курсеви за ментално здравје, кои ќе ги одведат учесниците на патување истражувајќи ги тајните на спокојот и хармонијата, управувањето со стресот и емоционалната отпорност.
Исто така во рамките на програмата вклучени се и тренинзи во природа и во затворени простории во форма на фитнес режим со широк спектар на вежби, од енергични кардио вежби до релаксирачки истегнувања, сите со цел да помогнат во подобрување на физичкото здравје и нивото на енергија.
Програмата е надополнета со низа активности кои имаат за цел учесниците повторно да ги запознаат со природата и нејзините лековити моќи.
Програмата е развиена во рамките на Еразмус+ проектот ENERGY – Развивање на едукативна програма за подобрување на менталното и физичко здравје на професионалци со високо стресни професии кој се фокусира кон подобрување на менталното и физичко здравје и има двоен ефект – од една страна, да ги поврзе професионалците со природата, обезбедувајќи иновативни практики за зачувување на природата и користење одржливи ресурси, а од друга страна, позитивно да влијае на нивното ментално и физичко здравје и да ги опреми со техники за управување со стресот, подобрување на продуктивноста на работата и зголемување на квалитетот на нивниот живот.
Повеќе за проектот на https://energywellnessprogram.com/