Себеспознавање прв дел: Умот – Непредвидлива креација

Себеспознавање прв дел: Умот – Непредвидлива креација

За да би можеле да се себемотивираме и да овозможиме манифестација на нашиот потенцијал, потребна е самоконтрола и дисциплина. Но, за да се постигне тоа, да би можеле да „завладееме“ со нашиот ум и нашите мисли, прво е потребно да разбереме како сето тоа функционира.
Нашиот ум е неверојатен и навистина фасцинантен. Како централен систем ги контролира сите можни аспекти од нашето однесување, нашите перцепции, како се гледаме самите себе и сѐ околу нас. Умот континуирано асимилира, процесира, спознава, осознава и ги валоризира информациите. Дури и кога спиеме, проектира можни одговори на проблеми/прашања, поставувајќи ги на “екранот“ на нашата потсвест преку соновите или визиите кои ги имаме во текот на спиењето.

Разлика помеѓу свеста и потсвеста
Свеста е јасно поимање на нештото и консеквенциите на сопствените дела. Способност да се восприема стварноста што нѐ окружува. Свесниот ум е нашата волја и она што би го нарекле – разум, а материјалниот свет е именување на она што нашата свест го создава.
Од друга страна, потсвеста е она што ни е скриено од нашиот моментален мисловен процес, но и покрај тоа, потсвеста него го диктира. Иако сметаме дека свеста е таа којашто ни диктира што во моментот ќе работиме, зборуваме, правиме, но сепак свеста по автоматизам ја имплементира состојбата на потсвеста. Влезните стумулуси (инпут) што ги прима човекот, кога ќе ги согледа потсвеста, врз основа на нејзината конфигурација како и врз основа на претходно здобиените мемории и претходно стекнатото искуство изнесува одредена реакција на мозокот (процес) и на свеста ѝ дава одреден излезен стимулус (аутпут).
Иако во нас постои мислење дека управуваме со своите животи преку свесниот ум, најновите откритија покажуваат дека тие мислења се неточни. Свесниот ум управува во мал дел од времето, што значи дека со нас управува потсвеста.

Дистинкција – ум версус мисла?
Умот е сплет од спознавачки капацитети, кој овозможува способност за свест, мислење, размислување, забележување и расудување. Во секојдневната употреба на зборот, умот е често синоним за мисла. Но дали е тоа така? Што се мислите и од каде доаѓаат? Дали тие потекнуваат од надворешни околности или оригинерно се изведуваат и се веќе во умот, па потоа се преработуваат и како последица на таа обработка доаѓаме до нив?
Често слушаме/велиме ,,Еј, ми текна нешто“, ,,Добив интересна идеја“, ,,Видов нешто па ми текна!“
Ова нѐ наведува на тоа дека мислата ни доаѓа. Умот како ,,ресивер“ ѝ дава внимание на мислата, ја процесира информацијата и потоа или ја отфрла или ја задржува за понатамошна евалуација.
Мислата е конкретен умствен чин кој му овозможува на човекот да им дава смисла на работите во светот и да ги прикаже и толкува истите на начин кој им дава значење или кој е во согласност со неговите потреби, приврзувања, цели, намери или желби. Во просек, луѓето имаат 70.000 мисли секој ден.
Секоја мисла има своја тежина, форма, големина, боја и квалитет. Согласно податоците, светлината патува со брзина од 300.000 км во секунда, но мислите патуваат практично надвор од времето. Тесла предвидел дека тие патуваат со брзина од 640.000 км во секунда!


Мислата, било да е добра или лоша, поминува низ умот и поттикнува вибрации во манасот (манас – рационална способност на душата).
Но она што е значајно во конкретен случај е вниманието кое ѝ се придава на мислата. Колку е вниманието поголемо и поинтензивно, толку се посилни самите мисли, и самата таа мисла резултира со брз плод.
Со вниманието, мислата се фокусира и ѝ се дава одреден правец, па во зависност од тоа колкав е степенот на нејзината фокусираност и насоченост, толкава ќе биде и нејзината ефикасност.
Имајќи во предвид дека одлуките коишто ги донесуваме врз основа на нашето размислување, скоро и да се диктирани од потсвеста, а потсвеста е неистражен мал универзум, па мислата е веќе таму, умот ја содржи, но она што го разликува нејзиното присуство или отсуство е вниманието кое го посветуваме на конкретното нешто за што е потребно таа мисла да се појави.

Како што постојат бранови на топлина, светлина и на електрицитет, така постојат и мисловни бранови. Мислата има огромна моќ.
Пробајте – дозволете си помисла на некоја лоша мисла. Забележете, веднаш ви станува “тмурно“, ајна чакрата (третото око) пулсира со негативен ефект, правиме израз на лицето како да се лутиме за нешто.

Откога ќе го согледате тоа, во тој момент застанете. Запрашајте се – Што правам? Дали е ова неопходно? Извлечете се од таа ситуација – екстрахирајте се надвор од неа, без оглед што вие конретно сте во таа ситуација. Направете дистинкција меѓу субјективното и објективното и пробајте да ја прифатите ситуацијата така како што е.
Сменете го пристапот кон ситуацијата, ќе забележите промена на мислите. Прво нешто што приметуваме е – опуштање на делот кај ајна чакрата – веќе не е згрчена. Дали чувствувате мало олеснување?

Во физиката постои израз – моќ на ориентација.
Иако постои енергија, струјата нема да циркулира. Електричната струја мора да биде поврзана со магнет и само тогаш ќе циркулира благодарение на моќта на ориентацијата.
На сличен начин функционира и менталната енергија којашто е потребно да се насочи кон правите канали.
Најдобар детектор за тоа каква тежина и ориентација имаат нашите мисли, се емоциите. Доколку од сопствените мисли се чувствуваме уморно и тажно, значи дека нашите мисли не ни се сојузници. Затоа, кога ќе ни дојдат негативни, немотивирачки и тажни мисли, треба да се потрудиме да ги отфрлиме и да ги замениме со позитивни, мотивирачки и ведри мисли. Негативните сигурно ќе се враќаат, но не допуштајте им да ве обземат. Со истакнувањето на негативното и размислувањето за него, тоа нема да исчезне. Ќе стане уште помоќно и од еден, настануваат два проблеми. Ќе речете, па како да не се грижам? Како да глумам луда позитивност? Загриженоста е огромна бариера на позитивното размислување и најчесто таа штети на нашето здравје. Митот вели: ,,Со тоа што сум загрижен/а, се подготвувам за акција“. Реалноста е поинаква – загриженоста ни ја намалува енергијата.
„Загриженоста ми помага да се соочам со проблемите“. Реалноста е загриженоста којашто е супститут за соочувањето со проблемите. „Загриженоста значи дека ми значи конкретното нешто“. Грижењето (caring) и загриженоста (worrying) не е исто.
Затоа обидете се вашите мисли да бидат обоени со ведрина и оптимизам и на тој начин и околностите околу вас ќе почнат да се менуваат кон подобро. Мислите ќе бидат насочени кон решавање на проблемите, а со самото тоа, длабоко конструктивни.
Разбудете ја својата свест, своето внимание и намера. Вниманието дава енергија, намерата преобразува.
Сѐ е до изборот. Изберете мудро.

Бојана Бејатовиќ

дипл. правник и мотивациски говорник