Цветните ливади како паметен начин за зеленило во градот

Цветните ливади како паметен начин за зеленило во градот

Општинските паркови стануваат сè повеќе стерилни, состоејќи се само од сè помали тревници и високи дрвја, намалувајќи им го просторот за прибежиште на животните. 

Радикалното уредување на градското зелено го спречува ритамот на живот на голем број на животински видови, инсекти, водоземци, птици и мали цицачи. Неуредните плоштади се губење на вредна површина во градот. 

Потенцијалните трошоци за да се претвори урбано делче од градот во ливада, се релативно ниски. Тие се слични на трошоците за подготовка на тревниците, со таа разлика што нивното чување е многу поекономично. Цветните ливади не бараат наводнување и обично се косат само еднаш во годината.

Ливадите се местa каде што живеат различни видови на организми како растенија, птици, цицачи и инсекти. Тие пулсираат во ритамот на животот во текот на целата година, а на лето се посебно шармантни во различни бои. 

Цветните ливади се отворени живеалиштa, или поле, на коешто растат трева, дрвја и други растенија. Тие привлекуваат животински свет и ја поддржуваат флората и фауната што не би можела да напредува во други живеалишта. Тие обезбедуваат области за гнездење, собирање храна, опрашување на инсекти, а понекогаш и засолниште, ако вегетацијата е доволно висока, што ги прави еколошки важни.

Урбаните цветни ливади стануваат сѐ популарни низ Европа. Во Бјалисток, Полска, во периодот 2019-2021 година, ќе бидат посадени 56,5 хектари цветни ливади на автопатите и на местата во општината, во близина на автопатите. Назначените области ќе бидат засадени со традиционални видови на повеќегодишни растенија, годишни растенија и житни култури. Бјалисток ќе биде четвртиот град во Полска, каде веќе се постојат цветни ливади, меѓу Краков, Варшава и Гдањск.

Слика: Цветни ливади во Краков

Извор: http://krakow.eska.pl/newsy/

Покрај придобивките за флората и фауната, ливадите придонесуваат за прочистување на воздухот апсорбирајќи повеќе прашина, а складираат и повеќе вода од тревниците и се поедноставни во одржувањето. Дополнително, ливадите се природни извори за исхрана на инсектите, како што се пчелите, пеперутките и малите животни.

Разговаравме со проф. д-р Ана Ивачевиц – Орловска, професор на Универзитетот за Финансии и Менаџмент во Бјалисток, која прави истражувања и објавува трудови на тема одржливост, и воедно е жител на Бјалисток.

Како напредува проектот со Цветните ливади во Бјалисток? Дали има разлика во имиџот на градот?

Во моментов сме во рана фаза на имплементација на проектот. Цветните ливади беа посадени во пролетта 2019 година. Денес можеме да забележиме некои предности. Пред сè, жителите на градот ја сметаат ваквата форма на покривање со зеленило како многу корисна.

Во моментов цветаат многу диви цвеќиња и сончогледи, а истовремено беа распоредени куќи за инсекти и табли со информации за луѓето. Изгледот на градот е навистина подобрен.

Но, она што предизвикува контроверзии кај жителите е големите трошоци за спроведување на инвестицискиот проект, т.е. околу 400 000 евра за површина што изнесува само 6 хектари. Секако, оваа цена се однесува на одржување и грижа на цветните ливади до 2021 година, но треба да се признае дека и покрај сè, износот е висок.

Дали придобивките од цветните ливади, кои вклучуваат почист воздух, помалку прашина и складирање повеќе вода, веќе се чувствуваат во градот?

Сѐ уште е доста тешко да се утврдат сите позитивни елементи на реализирање на цветните ливади, како на пример, тешко е да се утврди дали воздухот е почист. Нам, на жителите, ни се чини дека е така, но нема конкретна студии и пресметки. Мислам дека ваквата анализа ќе се спроведе по целиот годишен циклус на реализацијата на проектот (во пролетта 2020 година).

Но она што заслужува внимание е подобрување на имиџот на градот. Жителите и туристите ги третираат ливадите како атракција и туристите се сликаат со цвеќињата. Треба да се потенцира дека Бјалисток е зелен град и има создадено токму таква слика за себе во Полска. Жителите многу се грижат за зеленилото и придаваат големо значење внимавајќи на тоа. Следна „зелена“ иницијатива во градот се зелени автобуски постојки.

Проф. д-р Ана Ивачевиц – Орловска ќе биде гостин предавач на третата работилница од проектот TREASURE, која ќе се одржи на 24 и 25 Август 2019 год. Целта на проектот TREASURE е да влијае врз создавањето на здрава иднина за нашата земја со одржлив начин на живот, зелени вештини и стратегии кои се одразуваат на економијата, општеството и животната средина. Еден од најважните приоритети на проектот е развивање на вештини за креирање одржливи практики, поттикнување на тимско работење и решавање на комплексни проблеми. Проектот TREASURE е финансиран од International Visegrad Fund. За повеќе информации, посетете: http://www.iege.edu.mk/index.php/en/treasure/.

Ана Томиќ

Помлад истражувач ИЕГЕ