Што е витилиго? – м-р д-р Наташа Теовска – Митревска

Што е витилиго? – м-р д-р Наташа Теовска – Митревска

Нормалната боја на кожа се должи на присуството на меланин. Пигментните заболувања  типично доведуваат до зголемено присуство на меланин, доведувајки до потемни обојувања на кожата таканаречени хипермеланози или хиперпигментација.

 

Што е витилиго?

Витилиго е пигментно заболување кое се карактеризира со губење на бојата на кожата. Започнува со појава на бели флеки по кожата и слузокожата коишто можат да се појават во било кое време во текот на животот.

Се појавува кај сите типови на кожа, во сите возрасни групи, со еднаква застапеност и кај мажите и кај жените.

Витилигото не е заразна болест.

Причини за појава на витилигото

Постојат повеќе теории за појавата на витилиго. Во најголем број случаи постои генетска предиспозија т.е. кадешто веќе е присутно кај некој поблизок или подалечен член од семејството. Главната причина за појавата на витилиго сеуште се истражува, дали е од автоимуна природа, оксидативен стрес и /или неурогена причина.

Витилигото не е предизвикано од неадекватна медицинска нега. Обично пациентите даваат податок за претходен провоцирачки фактор како стрес, ендокрина болест, инфекција и траума.

Пациентите не се доволно запознаени со состојбата на нивната кожа. Многу од луѓето мислат дека витилиготo е предизвикано од неадекватна медицинска нега, од погрешна диета, нивното лично однесување кон состојбата како и загадувањето од околината.

Како се манифестира и како започнува?

Промените со витилиго многу ретко но сепак можат да бидат пратени со субјективно чувство на чешање. Пациентите со витилиго имаат голем ризик од појава на опекотини при изложување на сонце.

Витилигото може да започне со појава на една бела флека или повеќе на одредени локализации на телото. Како резулат на различната локализација постои и различна поделба на витилигото.

Витилигото во најголем дел се јавува околу очите на работ од усните, околу папокот, околу ареолите на дојките, под пазувите, на гениталиите, препоните, на колената и лактите.

Како се лекува?

Витилигото е заболување коешто може да се лекува но има различни тераписки пристапи. Прогресијата на витилигото во 90% се запира со адекватната терапија и најчесто со комбинирање на различни терапии. Повеќе од 75% од пациентите се задоволни од нивниот третман (медицински или хируршки). Од горенаведеното не е вистина дека ништо не може да се направи за витилигото туку спротивното е точно.

Третманот на витилиго се одвива по тераписки протокол. Првиот чекор е да се избере најсоодветна, помалку штетна, и не премногу скапа метода. Вашиот  доктор ќе започне со употребата на кортикостероидна терапија па потоа со калцинеурински инхибитори.

Доколку првата терапија не дава сакани резултати се продолжува со секундарна терапија која се состои од фототерапија (фокусирачка микрофототерапија ). Потоа се продолжува со Таргетирана фототерапија со 308 нм Монохроматичен Excimer ласер. Последниот чекор е хируршкиот каде се вршат трансплатации на кожата.

Дали витилигото е често заболување?

Преваленцата на витилигото се претпоставува дека  е од 0,5 % до 2 % во светската популација. Но во земји како Кина, Индија тој број е поголем и изнесува и до 8,8% од вкупното население.

Како може да сум сигурен/а дека имам витилиго?

Појавата на бели дискретни флеки опкружени со нормалната боја на кожата, без да е пратено со појава на болка или со многу мало чешање се главните симптоми за витилигото. Дијагнозата ја  потврдува дерматовенерологот. Дијагнозата обично се поставува по клинички преглед и со употреба на Wood ова лампа која емитира ултравиолетови зраци (365нм) со што ги прави промените да бидат млечно бели. Витилигото обично се приметува за време на пролет и лето на места од телото кои се експонирани на сонце, при што нормалната кожа потемнува додека витилиго лезиите остануваат бели или имаат тенденција веднаш да изгорат од сонцето. Доколку местото на појава на витилигото е атипично тогаш вашиот дерматолог може да земе биопсија од промената  и да го прати на хистопaтолошко иследување. Доколку се работи за Витилиго во резултатите од хистопатолошкиот материјал ке има отсуство на меланоцитите или клетките кои создаваат пигмент.

Покрај целосниот клинички преглед на целото тело  потребни се и основни лабораториски иследувања  како и проширени иследувања (тироиден хормонален статус , антинуклеарни антитела). Доколку се работи за генерализирана форма на витилиго потребно е да се направат и офталмолошки и отолошки прегледи.

Квалитет на животот и витилиго?

Пациентите со витилиго имаат нарушен  квалитетот на животот бидејќи социјалната околина не ја разбира доволно болеста и понекогаш пациентите се стигматизирани. Витилигото секогаш е погрешно толкувано како лепра или сексуално пренослива болест, или како казна добиена од Господ.

Жените генерално повеќе се психолошки оптеретени отколку мажите. Дерматолозите мора секогаш да го информираат пациентот за можноста на успешна терапија.

М-р др. Наташа Теовска - Митревска

Специјалист дерматовенеролог