Јавен ликовен конкурс на тема: „Заштита на животната средина и одржливи еколошки навики кај децата“

Јавен ликовен конкурс на тема: „Заштита на животната средина и одржливи еколошки навики кај децата“

Отворен е повик за учество на јавен ликовен конкурс на тема: „Заштита на животната средина и одржливи еколошки навики кај децата“. Овој повик е дел од проектот TREASURE и идејата и реализацијата е од второ пласираниот интергенерациски тим „Обој ме зелено“. Најдобрите цртежи ќе имаат можност да бидат во боенка која ќе биде изработена и отпечатена во 1800 примероци. Во продолжение ви го претставуваме конкурсот.

Почитувани наставници – ментори и ученици – млади ликовни творци,

Ве покануваме да учествувате со ученички ликовни творби на Јавниот ликовен конкурс, кој го организира Институт за истражување во животна средина, енергетика и градежништво, како дел од европскиот проект – Работилници и креативни акции кон одржливи практики (TREASURE), финансиран од International Visegrad Fund заедно со второ пласираниот тим „Обој ме зелено“ на овој проект, на тема: Заштита на животната средина, одржливи еколошки навики кај децата.

Услови за учество:

Право на учество имаат ученици на возраст од 5 до 19 години. Дозволени се сите ликовни подрачја: Цртање, Сликарство и Графика. Творбата може да биде класичен цртеж или стрип. Текстот на стрипот може да биде на било кој јазик кој се зборува во или надвор од територијата на Република Северна Македонија.Темата на изложбата нуди можност да се прикажат лесни начини и добри практики кои би ги применувал секој, од најмала возраст, а кои водат кон заштита на животната средина. Истите можат да содржат примери, како треба и како не треба да се однесува секој, како индивидуа кон животната средина.

Во прилог на конкурсот Ви доставуваме текст со информации и подетално објаснување кои ќе Ви помогнат при изработката на ликовните творби за учество на ликовниот конкурс.

Пожелно е ликовниот педагог – менторот и учениците кои ќе изработат творби за ликовниот конкурс на зададената тема и можните поттеми да соработуваат и се консултираат со наставникот по биологија или друг сроден предмет кој вклучува екологија и заштита на животната средина во Вашето основно или средно училиште. Жири комисијата ќе го земе во предвид придржувањето на

зададената тема од страна на организаторите.

Училиштето има право да испрати неограничен број ликовни творби со димензии на не помали од 210mm x 297mm (А4 формат). Еден ученик од училиштето има право да испрати неограничен број на ликовни творби, а на заднината на творбата со големи печатни букви да бидат напишани следните податоци: име и презиме на менторот – наставникот, име и презиме на ученикот, одделение/клас, возраст, адреса на училиштето, место на живеење, тел. за контакт, меил – адреса.

Доколку учествувате како поединец на заднината на листот јасно напишете ги следниве податоци со големи печатни букви: поединец – индивидуално учество, име и презиме, одделение/клас, возраст, Вашата домашна адреса , тел. за контакт и Вашата меил – адреса.

Награди и начин на наградување

Изборот на најдобрите цртежи ќе го врши неколку члена жири комисија.

Сите примените ликовни дела кои нема да ги почитуваат овие услови за учество на ликовниот конкурс ќе бидат одбиени од страна на членовите на жири – комисијата. Во тој случај учесникот ќе биде информиран и во случај да сака да го добие цртежот назад ќе може истото да го направи под услови со кои ќе биде секој одбиен учесик запознаен.

Најуспешните шестнаесет автори – млади ликовни творци ќе бидат наградени со признанија (сертификати) од страна на организаторите, а останатите учесници за нивните успешни ликовни творби ќе добијат сертификати за учество.

Најуспешните ликовни творби ќе бидат прилагодени за потребите на боенка – Обој ме зелено, која ќе биде наменета за најмладите. Истата е дел од веќе споменатиот Европски проект TREASURE

Начин на учество

Краен рок за испраќање на ликовните творби е петок, 4. октомври 2019 година преку е-пошта на colormegreen.n@gmail.com или пак следната адреса: Институт за истражување во животна средина, енергетика и градежништво, ул. Дрезденска 52, 1000 Скопје. Творбите кои ќе бидат испратени преку е-пошта потребно е да бидат скенирани во висока резолуција.

За проектот

Целта на проектот TREASURE е да влијае врз создавањето на здрава иднина за нашата земја со одржлив начин на живот, зелени вештини и стратегии кои се одразуваат на економијата, општеството и животната средина. Еден од најважните приоритети на проектот е развивање на вештини за креирање одржливи практики, поттикнување на тимско работење и решавање на комплексни проблеми. Проектот TREASURE е финансиран од International Visegrad Fund. За повеќе информации, посетете: http://www.iege.edu.mk/index.php/en/treasure/

empty-author