Ја сакам медицината и сите достигнувања во неа. Да не бев новинар, сигурно ќе бев хирург – Мирјана Мирчевска

Ја сакам медицината и сите достигнувања во неа. Да не бев новинар, сигурно ќе бев хирург – Мирјана Мирчевска

1. Која е Вашата претстава за совршена среќа?

– Претстава за совршена среќа немам, не ми е потребна. Среќа имаме но некогаш не ја гледаме. Живееме да имаме нешто повеќе, а среќата е седната до нас, нè милува, но не ја приметуваме се додека „не нè удри“ нешто да не потсети дека таа е тука до нас.

2. Кој е Вашиот најголем страв?

– Во последниот период земјотресите. Најверојатно ме плаши состојбата кога не можеш да делуваш.

3. Со која историска фигура би се поистоветиле?

– Јованка Орлеанка.

4. На кого најмногу му се воодушевувате?

– На моите деца, на нивната емотивност, внимателност и итрина.

5. Која Ваша карактерна особина не ја поднесувате кај себе?

– Можеби некогаш нетрпеливоста. Јас сум човек што сакам сè да е средено под конец и на време, па најверојатно на луѓето со мене не им е лесно.

6. Која е Вашата најголема екстраваганција?

– Мислам дека немам. Сакам едноставни работ, ненаметливи. Е сега, бојата на мојот глас не може да е неприметлива.😊

7. Кое е Вашето омилено патување?

– Италија, земја на убавината, прекрасна комбинација од бои, култура, уметност. Чувство на место каде што би останале да живеете.

8. Во кои прилики лажете?

– Е сега ќе ме открие тој што не треба.😊 Кога не ми е добро, а викам да да супер сум.

9. Кои зборови и реченици најчесто ги користите?

– Ахххх, тоа ќе мора да другите да кажат. Но, има моменти кога навистина многу зборувам и дури и некои од колегите ми викаат најчесто на кафе пауза по вестите: „Ајде Мими почни“.

10. Што не Ви се допаѓа во Вашиот физички изглед?

– Понекогаш висината😊, но во многу ситуации висината многу ми помогнала. Здравјето и среќата му даваат на човекот секогаш убавина.

11. За што најмногу сте се покајале во животот?

– По природа сум многу интуитивна личност. Жалам што во некои ситуации не сум ја послушала интуицијата.

12. Кој-а е љубовта на Вашиот живот?

– Мојот сопруг Предраг. Е тука ја послушав интуицијата за да излеземе и еве скоро единаесет години сме во брак.😊

13. Кога и каде сте биле најсреќни?

– Во овој момент на животот тоа е нашата свадба, сите што ми биле драги и сакани беа таму. А денес остануваат на фотографиите како убав спомен.

14. Кој талент би сакале да го поседувате?

– Сликарка. Искрено многу сакам да сликам пејзажи, ме воодушевува таа комбинација и игра на бои.

15. Како се чувствувате моментално?

– Убаво, прашањата ме вратија многу години а и со паузи во пишувањето за прашањата посветени на мојата личност.

16. Што сметате за Ваш најголем успех?

– Надминувањето на една тешка животозагрозувачка состојба. Успех е што останав рационална и се послушав себеси да го побарам човекот кој ми го спаси животот.

17. Ако после смртта би се вратиле на овој свет, што би биле?

– Жирафа (високи се и елегантни).😊

18. Која е најголемата драгоценост која ја поседувате?

– Оптимизмот.

19. Што претставува за Вас разочарувањето?

– Најверојатно кога очекувам нешто многу. Но, со текот на годините разбирате дека со трпението и живеејќи ги моментите што животот ви ги дава не треба да чувствуваме разочарување. Некогаш треба време за да дојдат работите на свое место.

20. Со која професија (освен оваа) би сакале да се занимавате?

– Хирург. Ја сакам медицината и сите достигнувања во неа. Некако ме воодушевува лапараскопијата. Но, во овој момент останува да правам тв прилози на оваа тема.

21. Кој е Вашиот идол (пример) во животот?

– Родителите, оние кои ме создале, вложиле во мојот живот и ми давале поддршка за сè.

22. Кој е Вашиот омилен сликар, а кој писател?

– Сликарот Глигор Чемерски и пред сè неговите мозаици, а од писателите Венко Андоновски.

23. Кој е Вашиот фиктивен јунак?

– Немам конкретно, сега можеби веќе сме возрасни. Но, кога ќе размислам низ насмевка а по ставеното име од страна на моите колеги сниматели од Канал 5, атомската мравка, мала, вредна и сè завршува навреме.

24. Каде би сакале да живеете?

– Најубаво е таму каде што е фамилијата и пријателите, тука во Македонија.

25. Што најмногу мразите?

– Не мразам ништо, тежок збор и емоција е омразата. Може од време на време да ме нанервира одредено однесување кај луѓето. Но и тој што ви ја предизвикал таа емоција имал причина и за неговото однесување, можеби и така ми е полесно за да ги надминам непријатните ситуации.

26. Која човечка особина ве иритира?

– Тврдоглавоста, не води кон добар развој ниту комуникација.

27. Кое е Вашето мото?

– Пред да кажеш нешто, прашај го прво мозокот, па обрати му се на јазикот.

28. Кои квалитети ги вреднувате кај мажите?

– Стабилност и смисла за хумор.

29. Кои квалитети ги вреднувате кај жените?

– Исто, стабилност и смисла за хумор. Искрено не можам да кажам разлика во мажи и жени. Најважно е да си човек.

30. Што е за вас вистински пријател?

– Вистинско пријателство за мене е кога ќе ти ја кажат или ќе ја кажеш вистината, без притоа да се заборавите во животот.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk