Водата е од суштествена важност за здравјето, добросостојбата, технолошкиот и економскиот развој на човештвото – без вода нема живот – Доцент Д-р Златко Илијовски

Водата е од суштествена важност за здравјето, добросостојбата, технолошкиот и економскиот развој на човештвото – без вода нема живот – Доцент Д-р Златко Илијовски

Климатските промени имаат сериозно влијание на глобално ниво врз намалувањето на расположливиот ресурс на подземна и површинска вода, како и на одржливото управување со водите, а квалитетот на подземните води во нашата земја е сѐ уште е добар, но е под ризик од загадување. Разговаравме со Доцент Д-р Златко Илијовски директор на секторот Хидрогеологија во Градежен Институт Македонија на тема води, во светот и кај нас.

1. Колкаво е значењето на подземните води општо во светот и кај нас?
Водата е од суштествена важност за здравјето, добросостојбата, технолошкиот и економскиот развој на човештвото – без вода нема живот.
Од посебно значење се подземните води, кои се со далеку подобар квалитет од површинските. Од подземни води со вода за пиење се снабдува околу 50% од светската популација, 75% Европа, Данска, Австрија 100%, Германија, Франција, Холандија > од 50%, Словенија, Хрватска >90%, Црна Гора 95%, Србија 75%, Македонија 75-80%. На светско ниво во 2050 год 50% од населението ќе се соочува со проблем на обезбедување на вода за пиење, некаде од аспект на количина, а некаде од аспект на квалитет. Климатските промени имаат сериозно влијание на глобално ниво врз намалувањето на расположливиот ресурс на подземна и површинска вода, како и на одржливото управување со водите.

2. Каква е распространетоста на подземните води во нашата земја, колку е истражена и колку е богата со подземни води?
Македонија е средно до добро богата со подземни води. Вкупно расположив ресурс на подземна вода која може да се користи е околу 50м3/сек, ако ова се претстави како количина на вода за пиење – доволно е за околу 12.000.000 жители. Распространетоста не е рамномерна, впрочем Западниот дел од земјата е многу побогат со подземни води од источниот. Од вкупно 40 извори со капацитет поголем од 100л/сек ниту еден не е во Источна Македонија.


3. Колку разумно се користи водата кај нас со оглед на тоа дека во некои земји е скапоцена течност?
Водоснабдителните системи се застарени, но и немаме навика на домаќинско, штедливо и рационално користење на водата. Нашите водоснабдителни системи имаат загуби од 40-70%. Виена и Париз имаат загуби во границите од 7-10%.

4. Кажете ни за Скопската котлина како најнаселено подрачје во нашата земја, каде и колку подземни води има?
Скопската котлина земено во целина е богата со подземни води, особено Западниот дел почнувајќи од централното градско подрачје кон Аеродром, Лисиче, Кисела вода. Реонот на влив на река Лепенец во Вардар исто така е богат со подземни води. Искористеноста на подземните води во Скопската котлина е околу 33%.

5. Какво е значењето на изворот Рашче за сите нас?
Изворот Рашче со неговиот капацитет од 3-9м3/сек, средно 5м3/сек, стабилност во протокот и квалитетот на вода е огромен бенефит и природно богатство кое треба да се чува и да се користи одржливо.

Околу 90% од населението во Скопски регион кој брои околу 600.000 жители и добар дел од стопанството, потребите со вода ги задоволува токму од овој извор. Сега за сега водата е со одличен квалитет, но истиот е под сериозна закана од загадување од индустриската депонија Југохром која продуцира неконтролирано истекување на шестовалентен хром во реката Вардар и во зоните на прихранување на изворот Рашче. Оваа депонија треба што е можно поскоро да се отстрани, загадената почва и подземни води во зоната на депонијата и комбинатот Југохром да се стават во процес на ремедијација, а целиот простор да биде рекултивиран.

6. Каков е квалитетот на подземните води кај нас и кои се ризиците од загадување?
Општо земено, квалитетот на подземните води во нашата земја сѐ уште е добар, но е под притисоци од нарушување на квалитетот, односно ризик од загадување.

7. Посочете некој значаен проект од областа на подземни води на кој моментално работи Градежен институт Македонија – ГИМ?
Во конзорциум со Интелегент Нетворк Солушн ДОО Скопје и швајцарскиот партнер ИБП, Градежен институт Македонија  работи на проект за изработка на дигитален систем за евидентирање и управување со податоци на подземни води на ниво на цела држава финансиран од Швајцарската амбасада.

8. Има ли некој проект кој во вашата кариера оставил посебен впечаток?
Во 90-тите години од минатиот век, Дојранското Езеро се најде во сериозен ризик од еколошка катастрофа како резултат на енормен пад на нивото на вода во езерото. Решението се најде во изведба на десет бунари со вкупен капацитет од 1.000л/сек од реонот Ѓавато Гевгелиско и препумпување до езерото со цевковод долг 26км. Како резултат на оваа активност езерото се врати во нормалните граници. Градежен институт Македонија – ГИМ беше креаторот на овој концепт за спас на Дојранското Езеро.

empty-author