Мајка Ѕуница

Мајка Ѕуница

Велат дека мајката се раѓа во моментот кога се раѓа детето. Длабоко во себе, никогаш не се согласував со оваа теза, можеби дека по природа од секогаш бев мајчински тип. Како дете, ме сакаа и ги сакав помалите дечиња од мене, кон помалите и послабите негував заштитнички став. Тоа не значи дека ја оспорувам тезата, туку лично јас, улогата мајка ја разбирав како нешто што го носиш во себе многу порано пред и да претпоставиш дека еден ден ќе имаш свое чедо.

Бебињата ме фасцинираа….ги обожавав. Памтам кога се роди бебе на нашите пријатели, доаѓав до врата кај нив и замолував само да го ѕирнам додека спие, ветувајќи дека ќе бидам тивка….имав едвај 7 години.

Секако дека тие чувства се неспоредливи со чувството кое се јавува кога мајката прв пат го гледа своето бебе….тоа е почеток на нивното заедничко патување, нивната заедничка животна авантура. Секое бебе е дар за родителите, за семејството, најголем дар за мајката. Кај неа се јавува и се развива не само едно чувство, туку фузија од сите позитивни чувства , а меѓу нив и по некоја негативна нишка – стравот на мајката за чедото свое се проткајува. И секогаш горе-долу е истата формула, се повторува исконски од памтивек.

Некаде прошитав интересен текст за т.н. виножито бебиња. Тоа се всушност бебињата кои се раѓаат во семејството после долг период на неуспешни обиди за бременост, после едно или повеќе изгубени бебиња на мајката, после смрт на дете во семејството. Накратко, после страшна бура и мрачен период низ кој минува мајката и семејството во целина, доаѓа на свет бебе кое како виножито после бура го осветлува домот.

Овој текст не е посветен на тие бебиња, туку на мајките кои го минуваат тој мрачен и пеколен пат за да конечно ја доживеат фузијата на позитивни чувства држејќи го во прегратка своето мало виножито. Овој текст е за мајките ѕуници.

Тие ги бијат најтешките битки во тишина, сами со себе. Му се радуваат на трудничкиот стомак на мајката која чека ред заедно со нив, во истата гинеколошка чекална, а самите го изгубиле плодот пред некој ден…Секоја наредна бременост ја знаат не само во број на денови и недели, туку имаат посебно разработен принцип на пресметување на бременоста: пред и после Приска, пред и после ЕХО, пред и после скрининг….посебно доживување им е кога бременоста ќе ја помине неделата кога го изгубиле претходното бебе….кое олеснување.

Или мајката која од породилиште заминува сама….со бебешките алиштенца спакувани и никогаш необлечени….

Или мајката која бдее над смртната постела на своето чедо и се моли, најголем верник станува, сака местата да си ги заменат….попусто.

На овие мајки, непотребно е да им делите совети како да ја одржуваат линијата во текот на бременоста, да им давате предлози во кој јога клуб да се запишат….која фризура е во тренд оваа сезона апсолутно не ги интересира. Доколку познавате некоја мајка ѕуница, дајте и поддршка и охрабрете ја да го растера сивилото од срцето свое.

Се што на овие мајки им треба е да поминат пеколните 9 месеци исчекување и да донесат на свет здраво бебе. Во плишаното кебенце со мече да го свиткаат сонот свој и да си го донесат дома, на сигурно, до нив. Им треба чудо, да го заборават болничкиот кревет на нивниот ангел……

Можеби сите мајки се исти и помајка од мајка нема, но кога ќе светне виножитото во срцето на мајката ѕуница, го облева целиот свет. Би сакала да допрам до секоја од вас, да ви дадам сила и верба дека мракот не е занавек и да ви подарам дел од моето виножито, за полесно да го остварите вашиот сон.

Со љубов, од една мајка ѕуница.

Љубица Димовска

Дипломиран дефектолог