Необично однесување кај вашето дете или адолесцент?! Како да се помогне?

Необично однесување кај вашето дете или адолесцент?! Како да се помогне?

Класната ве повикува на разговор бидејќи детето страшно попуштило во училиште, невнимателно е на час, во оние ретки денови кога е во училиште. Се враќате од училиште зачудени и сфаќате дека детето не е дома. Го чекате, мобилниот телефон не е достапен, а веќе се затемнило, ноќ е. Во последно време чудно се однесува, не сака да разговара со вас, одбива да јаде, често се затвара во соба…

За младите луѓе во адолесценцијата не е чудно понекогаш да се чувствуваат потиштено, да бидат незадоволни или да попуштат во училиште. Адолесценцијата е секогаш турболентен период во кој доаѓа до многу физички, емоционални, психолошки и социјални промени. Главната психосоцијална задача на адолесценцијата е формирање на цврст личен идентитет. Формирањето на идентитетот е процес на наоѓањето на одговорот на прашањето „кој сум јас“; „каде припаѓам“; „што сакам да постигнам“; „каков сакам да бидам“.

Претераните очекувања во училиштето, во групата на врсници или во семејството ја изложуваат младата личност на разочарувања. Кога тинејџерот ќе почне да се судира со несовршениот свет, со проблеми во семејството, неуспехот во училиште, кога ќе се разочара во девојката или момчето, ќе се скара со најдобриот другар или другарка, може да развие низа на депресивни реакции и симптоми. Доколку овие симптоми се со таков интензитет што детето или адолесцентот го оневозможуваат во извршувањето на секојдневните активности во период подолг од неколку недели, тогаш зборуваме за депресија во адолесценцијата.

Депресијата е психолошко пореметување поврзано со губитокот или неуспехот. Тоа е клинички синдром (збир на симтоми) кој го сочинуваат различни чувства, когниции (начини на размислувања) и поведенија. Важно е да се напомене дека депресивниот адолесцент не мора да покажува слика на тажна, празна, безволна личност. Депресијата често ја изразуваат преку телесни манифестации (главоболки, болки во стомакот), хипохондрија, стравови, бунтовничко поведение, деликвентно поведение, бес, злоупотреба на алкохол и наркотици, промискуитетно поведение.

Денеска депресијата се смета за најраспространето психичко пореметување помеѓу децата и адолесцентите. Се смета дека дури 10-15% од оваа популација ги има некои од симтомите и знаците.

Знаци кои можат да укажат на депресија кај децата и адолесцентите (Американска асоцијација на психијатри)
  • Афективните симптоми ги прават тагата или депресивното расположение, кои кај нив можат да се искажат и како иритабилност (раздразливост).
  • Пореметување во начинот на размислување (песимизам, генерализации – извлекување на воопштени заклучоци од една случка, предвидување на негативен исход).
  • Анхедонија (намалено интересирање за активностите кои дотогаш му причинувале задоволство, кое може да резултира со апатија и избегнување на социјални контакти).
  • Слабо внимание и концентрација, заборавање.
  • Тешкотии во донесување на одлуки.
  • Пореметување во исхраната и сонот.
  • Соматски симптоми.
  • Бихејвиорални проблеми (агресивно однесување, испади на бес, плачливост, летаргија, злоупотреба на психоактивни супстанции).
  • Недостаток на самопочитување, лична неадекватност, безвредност, безнадежност, или чувство на вина.
  • Проблем со авторитет.
  • Суицидални мисли и акции, руминации или преокупирање со смртта.
Кога е време за стручна помош?

Основниот критериум по кој треба да се разликуваат минливите депресивни реакции од сериозното пореметување е нивото на функционалноста на детето и адолесцентот и должината на траењето на симтомите. Доколку покажуваат повеќе симптоми кои траат подолго од два, три месеци и истите се влошуваат и сè повеќе го нарушуваат секојдневното функионирање, потребно е да побарате помош од стручно лице. Доколку има и појава на суицидални мисли и/или поведенија, без одложување обезбедете им стручна помош.

Како да им се помогне?
  • Најважната задача на родителите е да градат и негуваат топол и близок однос со децата.
  • Со внимание и неосудување искажете ја загриженоста и охрабрете ги да се отворат и да ви кажат како се чувствуваат.
  • Бидете полни со разбирање. Отворено разговарајте со детето и кажете му дека сте забележале некои промени во нивното поведение кои ве загрижуваат. Слушајте ги, не делете им критики. Бидете упорни и смирени додека разговарате.
  • Уважете го и земете за сериозно сето она што ви го кажуваат, затоа што тие често не можат вербално да си ги опишат своите чувства. Потврдете им ги чувствата.
  • Не се обидувајте да ги развеселите или пак да ги минимализирате нивните проблеми, во смисла „Ќе помине“ или „Тоа не e ништо“.
  • Поттикнете физичка активност.
  • Пружете им поддршка, дајте им до знаење дека сте тука за нив, целосно и потполно.
  • Одредете ги приоритетите и одделете време за вашето дете.
  • Покажете им разбирање за нивната болка и тага која ја чувствуваат.
  • Доколку не покажете сочувствување, младите ќе мислат дека не ги сфаќате сериозно нивните чувства.
  • Избегнувајте да давате совети или да условувате.
  • Понудете им помош од стручно лице. Адолесцентите често и самите бараат да одат кај некого на разговор.

Катерина Галеска

Психолог, Советник по КБТ