Сензорен развој, сензорна стимулација

Сензорен развој, сензорна стимулација

Под сензорен развој се подразбира користење на информациите добиени од сетилата со цел да се научи за околината во која се наоѓаме. Разликуваме сетило за вид, слух, допир, мирис, вкус, проприоцепција или доживување на телото во просторот. Сензорниот систем започнува да се развива уште додека е бебето во утробата на мајката, почнувајќи од допирот.

Сензорниот развој има мошне брза развојна динамика во првата година на бебето и заедно со мисловниот и физичкиот развој му овозможуваат на бебето да се движи, учи или да се однесува на одреден начин. Овие три система меѓусебно се надоврзуваат и комплетираат овозможувајќи навреме да ги постигнува предвидените развојни скалила.

Под сензорна стимулација подразбираме избор на предмети и активности кои влијаат врз едно или повеќе сетила. Сензорната стимулација треба да започне од моментот на раѓање ,а бебето постепено и умерено да се запознава со својата околина. Голема грешка се прави кога родителите од преголема љубов и внимание претеруваат со опкружување на своето бебе со мноштво играчки, светлечки ефекти, звуци, бои, шарени тапети и слично. За правилно стимулирање на секој од сетилните системи, потребно е внимателно да се одберат информациите кои ќе бидат презентирани во даден момент. Овие информации одат во мозокот на бебето каде се обработуваат и се создава слика за тоа што му е презентирано. Треба да имаме во предвид дека мозокот на бебето е во фаза на развивање и затоа сензорната стимулација се изведува внимателно, со мерка, да не дојде до сензорно преоптеретување. Бебињата и малите деца учат токму преку сетилата, па ако ги изложиме на стимулации за кои не се во даден момент созреани да ги примат, разберат или интерпретираат, тие не само што нема да го стигнат навреме развојното скалило, туку може да предизвикаме да дојде до развојно задоцнување.

На кој начин треба да се спроведува сензорната стимулација?

Најдобар начин на сензорна стимулација е кога истовремено се активираат две или повеќе сетила. Тогаш во мозокот се создава поцелосна слика (енграм) и како таква е полесна за меморирање и по потреба повикување од меморија.

Сепак, при стимулирањето еден од сетилните системи е првично изложен на некоја дразба и затоа ќе објаснам на кој начин се стимулира поединечно секој од нив.

  • Видот не е целосно развиен веднаш по раѓањето. На почетокот бебето гледа само облици и сенки, без оглед дали нешто е големо или мало, светло или темно…На крајот на третиот и почетокот на четвртиот месец, тоа почнува да гледа подалеку и може да следи предмети кои се движат пред неговото лице, од средината кон едната страна и назад до другата, нагоре, надолу. Во петиот месец започнува да се развива просторната перцепција, длабочината на просторот, во шестиот веќе ги гледа сите бои, а кон крајот на првата година просторната перцепција е на ниво кое му овозможува да прави проценки за растојанијата помеѓу него и предметите во просторот.
    Видот го стимулираме од самото раѓање со опкружување на бебето со контрастни бои. Играчките кои ги поставуваме над него, меката заштита во креветчето, па дури и тапетите во неговата соба. Тука деталите не играат никаква улога бидејќи тоа не ги ни гледа. Важен е контрастот. Како бебето расте, меките тропалки кои му се нудат треба да се од материјали со различни текстури и повторно јаки и контрастни бои. Треба да му се зборува со лицето свртени кон него, да го шетаме на различни места кои ќе бидат извор на визуелни дразби (парк, улица, природа…)

  • Слухот започнува да се развива уште додека е во матката. Многу мајки ги споделуваат своите искуства, дека на одредени звуци од околината, чувствувале како бебињата реагираат со клоцање и тоа секогаш се повторувало. Понекогаш дури и на нивниот глас. Од раѓање до шестиот месец, кај бебињата има т.н. моторна аудитивна реакција или слушање со целото тело. Заправо, кога бебето ќе слушне звук, тоа се стресува, ако било мирно се активира и обратно, ако мрдало во тој момент се смирува. По шестиот месец се јавува јасната аудитивна реакција, или кога бебето ќе слушне звук, со поглед го бара изворот на звукот (пример, ја бара мајка му ако го повикува а не му е во видно поле).
    Слухот се стимулира првенствено со непосредно говорење на бебето од страна на мајката. На тој начин тоа ја учи матрицата на мајчиниот јазик (интонација, дикција, го учи значењето на зборовите). Со тоа се зајакнува и врската помеѓу мајката и бебето и кај него се развива чувство на задоволство. Може да му се пеат песнички или да се пушта музика, да се изложува на различни пријатни звуци (пример звуци од природата додека се шета во парк). Меките тропалки кои му се нудат пожелно е да испуштаат и звуци. Како бебето расте така експериментира со сите предмети кои му се на дофат, ги удира од маса и едни со други, ги фрла на под и на тој начин испитува каков звук испуштаат со што самото се стимулира.

  • Допирот е најдобро развиеното сетило од моментот на раѓање. Бебињата добро разликуваат различни видови текстури, некои им се пријатни некои не. Преку допир, посебно гушкање, кај нив се развива чувството на сигурност. Предметите ги испитуваат преку допир и ставање во уста.
    Допирот го стимулираме со гушкање и држење на бебето во раце уште од првиот ден. Директниот допир кожа со кожа е од големо значење, посебно за ризично родените бебиња и оние сместени во единиците за интензивно лекување. Кога ќе се отворат дланките и бебто же почне да фаќа и задржува, се одбираат меки тропалки со различни материјали и текстури кои немаат детаљи и слободно може да ги става во уста. Бидејќи ставањето во уста е доминантен начин на испитување на предметите во првата година, хигиената треба да е на високо ниво, играчките и тропалките секојдневно да се мијат. Стимулативно делуваат и масажите кои треба да му се прават на бебето по секое капење. Се користат бебешки масла или лосони за масажите да бидат попријатни.

  • Вкус – Бебињата се раѓаат со релативно добро развиено сетило за вкус, но тоа не значи дека од самото раѓање треба да им дадеме да пробаат се. Првото нешто кое го пробуваат е мајчиното млеко или млечната формула. Кон шестиот месец бебето се запознава со цврстата храна и во однос на редоследот на внесувањето на различните видови намирници, постојат нутритивни табели кои матичниот лекар им ги презентира на родителите.
    Во поглед на стимулација на ова сетило, важно е да внесувањето на цврста храна оди постепено и без притисот, со лажиче наменето за бебиња. Се почнува од една до две лажички и постепено се оди до земање на цел оброк. Првично храната е блендирана а потоа се воведува и погрубо обработена храна, пример банана испасирана со вилушка. Му се нуди храна со различна текстура и цврстина , а целта е покрај стимулирање на сетилото за вкус, да се развиваат и мускулите на образите и јазикот одговорни за говорење. Забележано е дека бебињата кои се задржале подолго на блендирана храна (после првата, некогаш и до крајот на втората година), имаат тенденција на покасно прозборување.

  • Мирис – Сетилото за мирис е исто така солидно развиено од самото раѓање, така да бебињата си ја препознаваат по мирис својата мајка од првиот ден, а им треба околу една недела да ги наужат мирисите и на другите членови од семејството кои се секој ден со него. Мирисот му овозможува да учи за средината и му создава чувство на пријатност или непријатност.
    Првата стимулација на ова сетило е преку мајчиното млеко. Има бебиња кои толку се навикнуваат на мирисот на мајчиното млеко да не можат да пијат млечна формула, ја вртат главата само што ќе ја помирисаат. Се препорачува додека дои мајката да не користи дезодоранси, како и алиштата да се перат со детергенти без мирис.

  • Проприоцепција – За разлика од петте претходно опишани сетила кои се надворешни, проприоцепцијата е вид на сетило кое ни дава повратна информација за положбата на деловите на телото, целото тело во просторот или поточно, тоа е способност за свесно или несвесно препознавање на положбата на телото во просторот. Таа ги штити зглобовите од прекумерно движење кое може да доведе до повреда. Сензорите се сместени во тетивите, коските и зглобовите. Ова сетило овозможува да се развие телесната шема, доживувањето на сопственото тело, суштина е на моторната контрола и го стимулира моторниот развој преку планирање и точно извршување на одредено движење.
    Проприоцепцијата се стимулира со непосреден допир и движење на деловите на телото и телото во целина на бебето. При тоа изборот на движења или стимулативни вежби треба да одговараат на развојната старост на бебето, за да се овозможи стимулација на постоечките способности да преминат на следното развојно ниво и да се избегнат несакани овреди доколку се применуваат вежби за кои бебето развојно не е стасано.

За сите стимулативни вежби и активности, препорачувам да се консултирате со тимовите во развојните центри, кои ќе ја направат стручно процената на развојното ниво на вашето бебе и ќе ви направат програма за стимулација во склад со направената процена.

Љубица Димовска

Дипломиран дефектолог