Збогување со градинката и подготовка за училиште

Збогување со градинката и подготовка за училиште

Мај, мај, мај. Убав пролетен месец. За многумина многу значаен месец. А, посебно за оние кои наполниле шест години и треба да се запишат во училиште. Значаен и за децата и за родителите во чии глави се вртат многу прашања.

Дали наставничката ќе ме сака?“, „Дали децата ќе ме сакаат?“, „Дали ќе можам да пишувам, читам….?“

Како моето дете ќе се вклопи?“, „Дали ќе му се допадне училиштето?“, „Како ќе ги прифати училишните обврски?“, „Дали ќе има другарчиња?“, „Дали како родители сме подготвени за училиште?“, „Дали е подготвено?“, „Дали е зрело?“ И многу други прашалници….

Вашите прашања и дилеми се оправдани, бидејќи поаѓањето во училиште е еден од најважните периоди за Вашето дете и Вас. Често се чини дека поаѓањето во прво одделение е постресно за Вас отколку за детето. Доколку чувствувате голем притисок и одговорност, тоа можете да го пренесете и на детето.

Важно е со Вашето дете отворено да разговарате за она што го очекува во училиште. Не треба да му се заканувате со училиштето кога се немирни („Ќе видиш ти кога ќе тргнеш во училиште, нема повеќе играње…“), ниту пак да ги намалувате училишните обврски („Таму само малку ќе црташ и пишуваш, ќе си играш и ќе ти биде лесно…“).

Подготвеноста за училиште не е издвоена вештина, туку комбинација на различни вештини кои придонесуваат за училишниот успех, а вклучува: добро физичко здравје, добро развиена моторика, социјална и емоционална зрелост, јазични и комуникациски вештини, способност за решавање на проблеми и креативно размислување, како и општо познавање на светот во кое детето живее. Секогаш е важно да се потсети дека децата различно се развиваат и дека секое дете има свои јаки и слаби страни.

Како да му се помогне на детето кога ќе се одделува од другарчињата од градинка?

Природниот процес на растење и созревање вклучува постојани промени при преоѓање од една фаза во друга, а со самото тоа се случуваат и губитоци – одделување од омилената воспитувачка, негувателката од градинката, одделувањето од другарчињата. Важно е да се разговара со детето за промените кои ќе се случат, да му се помогне да најде начин како да се збогува од другарчињата, посебно од оние со кои повеќе нема да се гледаат во училиштето или во соседството.

Пред поаѓање на училиште детето треба да се подготви за училиште. На кој начин?

За детето многу е важно во училиште да тргне со позитивни ставови. Затоа родителите секогаш треба само позитивно да зборуваат за училиштето, за наставниците, а и кога зборуваат како било во нивно време кога тие оделе во училиште.

Разговарајте со детето за училиште уште кога тоа е во градинка, изразете возбуда и радост поради поаѓањето во училиште, зборувајте за интересни работи кои ќе ги научи.

Треба да се одбегнуваат реченици како: „Едвај чекам да тргнеш во училиште, таму наставниците да те доведат во ред“ или „Училиштето ќе те опамети, нема повеќе играње“, бидејќи децата тогаш стекнуваат негативен став за училиштето и стравуваат дека повеќе никогаш не ќе можат да играат. Стравуваат дека сето тоа ќе го изгубат ако им се зборува со такви реченици. Училиштето треба да значи место во кое детето ќе запознава нови пријатели, во кое самостојно ќе може да чита и пишува и така натаму.

Родителите можат многу да направат за развивање на некои социјални вештини и за емоционалната зрелост кај децата. Можат да им покажат на децата дека без обзир на тоа што ќе се случи, тие ќе се грижат за нив и ќе ги сакаат. Децата кои добиваат многу љубов и внимание, прегратки, охрабрувања, спонтано напредуваат, растат и се развиваат побрзо од емоционално занемарените деца. Таквите деца ќе бидат посигурни во себе и ќе имаат добра слика за себе. Децата го имитираат она што го гледаат од родителите.

На оваа возраст детето и понатаму најповеќе учи преку игра. На пр., играјќи друштвени игри, како што е „Не лути се човече“, со Вашето дете можете да вежбате како да реагира на неуспех, да ги прифати правилата и да соработува со другите, да вежба трпение, да вежба концентрација и внимание. Додека играте барајте да ги почитува правилата, покажете му на Ваш пример како се губи, честитајте му на фер-плеј играта и партијата завршете ја до крај. Играта можете да ја користите и за ситуации кои за детето се непознати или непријатни. Играјте игри на улоги, вие сте актери во дадената ситуација, или направете претстава со неговите омилени играчки.

Одложување на уписот или рано поаѓање во училиште?

После направеното тестирање понекогаш може да Ве посоветуваат да почекате со уписот во училиште за една година. Што тоа би значело за Вас и Вашето дете? Тоа би значело дека детето не го постигнало соодветното ниво на зрелост во едно или во повеќе подрачја кои се потребни за подготвеноста за училиште. Така што од редовното поаѓање во училиште потенцијално ќе има повеќе штета отколку корист. Детето нема да може на соодветен начин да ја следи наставата, а тоа ќе му создаде значајни потешкотии, па следствено може лошо да се чувствува, да изгуби мотивација и самодоверба. Ако му се дозволи уште една година учење и подготовка во градинка, а и соодветни третмани (ако се потребни во посебни установи), тоа може значително да му помогне во развојот на психофизичките функции. Ова не го сметајте како нешто негативно, ниту пак е тоа знак дека детето сте го „уназадиле“. Подготвеноста на детето е работа на телесната и психичката зрелост во сите аспекти од развојот, а не чисто на хронолошката возраст на детето.

Додека пак, предвременото поаѓање во училиште ретко се препорачува, исклучително кај многу надарените и бистри деца кои истовремено ги исполнуваат условите на подготвеноста на сите останати подрачја. Доколку многу бистрото дете нема соодветна социо-емоционалната спремност, а често е тоа случај, сепак се препорачува да се почека со запишувањето. Односно треба да му се овозможи уште една година игра и дружење со врсниците во градинка.

И не заборавајте, детето кога станува ученик, не престанува да биде дете.

Катерина Галеска

Психолог, Советник по КБТ