Во хематологијата денес сме во состојба трајно да излекуваме дури и малигни заболувања – проф. др. Оливер Каранфилски

Во хематологијата денес сме во состојба трајно да излекуваме дури и малигни заболувања – проф. др. Оливер Каранфилски

1. Кога зборуваме за болестите на крвта повеќето од нас ја поврзуваат со анемијата како најчеста хематолошка болест. Но, она што не го знаеме е дека најчесто анемијата е симптом на многу посериозни болести.

– Токму така, иако во денешната медицина не би требало да биде така. Имено, нашите студенти одамна ги едуцираме дека по дипломирањето треба да се оспособени сами да ги дијагностицираат најчестите типови анемии, да ги познаваат дијагностичките методи со кои таквата состојба ќе биде потврдена, како и да ги лекуваат своите пациенти со вакво пореметување. Во развиените општества оваа поделба на работните задолженија, условена со нивото на едукација, се почитува, па во современата медицина хематолозите се главно ориентирани кон згрижување на потешките состојби во хематологијата, односно на малигните хематолошки заболувања, како што се леукемиите, лимфомите, миеломите и слично. За жал, во нашата секојдневна практика, најголемиот број пациенти упатени секојдневно во нашите амбуланти, на Клиниката, се пратени поради наод на анемија.

Втората констатација содржи суштинска карактеристика, а тоа е дека анемијата не претставува заболување, или, како што ние велиме, не е медицински ентитет, туку само состојба која е последица на друго постоечко заболување, пореметување, кај пациентот. Во медицината, со терминот симптом се означува нешто кое пациентот го наведува како мотив за барање лекарска помош, а медицински знак на заболување е она што лекарот, при прегледот на пациентот, а засновано на своето знаење, го смета за манифестација на одредена болест. Пациентите со анемија најчесто се упатени кај лекар поради добивање на лабораториски наоди од испитувања, во кои се констатира ниско ниво на хемоглобинот, основата за поставување на дијагноза на анемија.

2. Кои се симптомите поради кои пациентите се јавуваат на хематологија и кои се најчестите заболувања на крвта?

– Доколку пациентот сам побара лекарска помош, односно упатувањето не е од страна на лекарот поради лабораториски наод на анемија, најчесто пациентите наведуваат замор, неможност за изведување на вообичаените секојдневни активности, вртоглавици, главоболки, слаба концентрација, општа слабост и малаксаност, отежнато дишење и задишување при помал физички напор, забрзана работа на срцето, срцебиење, некогаш и епизоди на губење на свеста. Не постои ниту еден симптом специфичен, односно карактеристичен за анемијата. Симптоматологијата е општа и може да наведува на постоење на срцево заболување, белодробно заболување и сл.

Со мали исклучоци, најчестите типови анемии се последица на недостиг на одредени елементи потребни за изградбата на црвените клетки, еритроцитите, така што нив не ги сметаме за заболувања кои потекнуваат од крвотворниот систем. Имајќи го ова предвид, најчести крвни заболувања остануваат малигните заболувања, кои настануваат, почнуваат, во ткивата и клетките на крвотворниот, односно хематопоетскиот систем.

3. Кои се причините поради кои доаѓа до пореметување на бројот и обликот на крвните ќелии?

– Не секогаш, при анемиите, се пореметува бројот на црвените крвни клетки. Основно за дијагностика е да се констатира пад во нивото на хемоглобинот, составен дел на еритроцитите, комплекс задолжен за пренос на кислород, активност од кардинална важност за функционирање на сите сегменти од човечкиот организам. При најчестиот тип анемија, а тоа е анемијата предизвикана со недостиг на железо, бројот на еритроцити воопшто не е афектиран. Тоа што е променето е просечната големина на еритроцитот. Таа клетка е мала, поради недоволното создавање на нејзините составни елементи, што ја намалува и способноста за врзување и пренос на кислород, но бројот на клетки најчесто е во нормални рамки.

Формата на еритроцитите е најчесто променета при вродени состојби, заболувања. Одредени недостатоци и дефекти во развојниот процес на црвените крвни клетки, условуваат истите да добиваат сферична или елиптовидна форма, што ја оневозможува нормалната функција на еритроцитите. Ваквите аномалии се констатираат најчесто во детска возраст. Нормалната форма на еритроцитите е таа на диск вдлабнат од двете страни, но сликовито моите студенти се согласни дека македонскиот јазик содржи термин за најверодостоен опис на формата на еритроцитите: тиганица. При одредени вродени, генетски условени форми на анемија, доста често застапени и кај нашата популација (бидејќи спаѓаме во земјите на Медитеранскиот басен), исто така можат да се нотираат карактеристични промени на обликот на еритроцитите.

Доколку прашањето се однесува на сите крвни клетки, треба да разликуваме повеќе состојби.

Бројот на белите крвни клетки, леукоцитите, најчесто се зголемува при инфекции. Но, ако прашањето се однесува на крвни, хематолошки заболувања, тоа е најчесто првата манифестација кај леукемиите, акутните и хроничните. Намален број на бели крвни клетки се констатира во поретки состојби, како што е намалената способност за создавање на крвни клетки од страна на крвотворните ткива (коскената срцевина) при хипопластична, односно апластична коскена срцевина. Друга состојба е тн. агранулоцитоза, при која во коскената срцевина не се создаваат воопшто, или доволно гранулоцити, еден од видовите бели крвни клетки. Ова е често предизвикано или со друго заболување или со хемиски агенс (некогаш и лек) кој предизвикува ваква намалена способност на коскената срцевина за производство на најзастапениот тип бели крвни клетки.

Третиот тип крвни клетки се тромбоцитите, или крвните плочки, кои играат значајна улога во спречувањето на крвавењата. Намалениот број тромбоцити е состојба означена како тромбоцитопенија. Причината е најчесто имунолошка, но може да е и последица на друго заболување, често инфективно (кога е минлива состојба, односно се коригира со излекување на инфекцијата). Тромбоцитопенијата може да биде причина и за фатални искрвавувања, особено ако се случат во мозокот. Од друга страна, бројот на тромбоцити може да биде и зголемен, што обично се наоѓа кај еден дел од малигните хематолошки заболувања, збирно означени како миелопролиферативни заболувања.

4. На кои принципи и методи се заснова дијагностицирањето на хематолошките заболувања?

– Генерално гледано, според современите позиции, четири методологии ја чинат сржта на дијагностиката кај малигните хематолошки заболувања. Микроскопијата, односно карактеризирањето на клетките типични за заболувањето, е секогаш појдовната позиција. На микроскопските препарати можат да се прават тн. цитохемиски боења, што помага во дефинирањето на типот на клетките. Имунолошкиот профил на малигните клетки се одредува со тн. проточна цитометрија, апаратна техника, со која се покажуваат површинските карактеристики на клетките. Во денешната медицина, сепак најголемо значење се дава на дефинирање на генетските карактеристики на типичните малигни клетки, што може да се направи со класична генетика (кариотип и кариограм), техники на молекуларно ниво ( тн. PCR технологија) и со некои почувствителни методи (FISH – флуоресцентна in situ хибридизација, секвенционирање и сл.).

Се разбира дека сè започнува со правење на стандардна крвна слика, а натаму и соодветни биохемиски и други анализи, кои најчесто се изведуваат на примероци од крв, некаде и на урина. Кај речиси сите, особено кај малигните крвни заболувања, е потребно да се анализира и коскената срцевина, ткивото во кое се создаваат крвни елементи. Таа се анализира на примероци добиени со аспират (повлекување во шприц, по пункција, бидејќи се работи а течно ткиво) од градната коска, или пак со биопсија, односно извлекување на коскен цилиндер со посебна игла за биопсија, при што се добива материјал и за пато-хистолока анализа.

Значајно место во дијагностиката на хематолошките заболувања заземаат техниките за визуализација (imaging). За различни намени, се користат различни методи: ултразвук, класичен рендген, компјутеризирана томографија, магнетна резонанца, но најзначаен напредок е постигнат со овозможувањето на тн. PET scan снимање. Последното е најдобра метода за визуализација и на локацијата и големината на туморското ткиво, но истовремено методата покажува и степен, односно интензитет на метаболна активност на туморот, која е правопропорционална со агресивноста на заболувањето. Методата се употребува и иницијално, за дијагностика, но и за следење на ефектите од лекувањето, како и за конечна процена на состојбата по завршениот третман.

5. Дали и поради кое ризично однесување може да дојде до хематолошки заболувања (лоша исхрана, пушење, алхохол…….)?

– Не постои лекар кој на пациентот ќе му препорача ниту цигари, ниту алкохол, ниту било каков друг ризичен животен стил. Но, за волја на вистината, никогаш не е докажано дека било кој од тие фактори е непосредно поврзан со настанувањето на хематолошките заболувања. Тоа што е познато е дека крвотворниот систем страда меѓу првите при инциденти поврзани со прекумерно озрачување (нуклеарни катастрофи и сл.). Но, кога зборуваме за немалигните хематолошки состојби, поточно за состојбите на слабокрвност, токму одреден животен стил може да биде провокативниот фактор. Ако се знае дека основниот извор на железо е месото, јасно е дека оние луѓе кои практикуваат вегетаријански начин на исхрана, а не се едуцирани за последиците, некогаш во тек на својот живот ќе страдаат од железо дефицитна анемија. Затоа, ваквите индивидуи треба да земаат паралелно и суплементи (не тераписки препарати) на железо, кои содржат 10-20 милиграми железо (тераписката дневна доза изнесува 100-200 мг). Ексцесивната употреба на алкохол доведува до црнодробно оштетување, најчесто од типот на цироза, при што се манифестира недостиг и на витаминот Б-12, што станува натаму причина за тн. мегалобластна анемија. Кај пушачите е компромитирана дишната функција, а со тоа и тн. размена на гасови, што има за последица намалена достава на кислород до сите ткива. Кај ваквите индивидуи секој тип на анемија доведува до влошување на овој процес, односно натамошно намалување на оксигенацијата на ткивата.

6. Дали ставаме доволно акцент и важност на општата и здравствена едукација во однос на хематолошките болести или ги занемаруваме и недоволно третираме?

– Во едукацијата на студентите на Медицинскиот Факултет, им објаснувам на идните колеги дека со дипломирањето би требало некои медицински состојби комплетно да ги згрижуваат, а за некои можат да побараат натамошно мислење и интервенција од повисока, специјалистичка инстанца. Меѓу состојбите кои треба да можат да ги дијагностицираат и лекуваат, се и најчестите типови на анемии, настанати поради дефицит на одредени елементи (железо, витамин Б-12, фолна киселина и сл.). Кај случаите кои не се комплексни, односно кои не се последица на невообичаено комплицирани околности, третманот е прилично едноставен. Сепак, треба постојано да се има на ум дека паралелно со лекувањето на слабокрвноста, мора да се дефинира причината за недостигот на одреден елемент, односно, во најголемиот број случаи, да се санира изворот на крвозагубата. Најчесто се работи за пообилни или подолготрајни циклуси кај жените во репродуктивна возраст, додека втора групна причина се состојби и заболувања на системот за варење на храната. Ако не се третираат двата сегменти паралелно, анемијата ќе се повторува. Во мојата секојдневна практика, пациентите најчесто прифаќаат третман за анемијата, но не се толку ревносни кога станува збор за санирање на основата врз која е настаната анемијата. Во вториот сегмент се ангажираат и специјалистите гинеколози, како и гастроентерохепатолози и/или дигестивни хирурзи. Санирањето на основата за анемичниот синдром некогаш бара и поагресивни методи на лекување, за кои пациентите не секогаш се подготвени, па тука треба да се вложи дополнителен напор за да се објасни колку тој сегмент е важен за дефинитивно санирање на здравствената состојба кај пациентот.

Инаку, ако зборуваме за сериозните, малигните заболувања, тука не би смеело да има дилеми. Неопходно е изведување на сите препорачани дијагностички постапки и третман, кој не е лесен, ниту кусотраен, но сепак ми овозможува да искажам една реченица, која на почетокот на својата професионална кариера не сум можел ни да ја замислам: во хематологијата денес сме во состојба трајно да излекуваме малигни заболувања. Современите тераписки опции навистина ни овозможуваат да добиеме определено задоволство од она што секојдневно го работиме.

проф. др. Оливер Каранфилски

7. Колку често и кои анализи на крвта треба да се прават за да и здравиот пациент има увид во својата здравствена состојба?

– Општеството ги дефинирало временските рамки во кои секој вработен, ученик, студент итн. треба да биде предмет на медицинско испитување, воспоставувајќи ја институцијата систематски преглед. Многу често сум во состојба на своите пациенти да им поставам прашање зошто правеле определени анализи, кога ќе дојдат кај мене на преглед со веќе претходно добиени резултати. Испитувањата имаат смисла ако постоела одредена симптоматологија, медицинска состојба, проблематична епизода и сл. Почесто од пропишаното изведување на анализи, со цел да се „превенира“ настанување на некакво хематолошко (или друго) заболување, реално нема смисла ниту е оправдано. Исклучок се состојбите кога веќе се знае дека постојат одредени фактори на ризик, но и тогаш обемот на анализите и динамиката на испитување треба да бидат дефинирани од страна на лекар. Од друга страна, за малигните хематолошки заболувања причината и процесот на настанување (како и за сите малигни заболувања) остануваат генерално непознати, така да за нив превентивните прегледи немаат никаква смисла. Конечно, не сите заболувања се дијагностицираат преку анализа на крвен примерок, така што на испитувањето на крвта не смее да му се придава некакво мистично или почесно место во медицината. Важно е, може многу да покаже, но сепак не е семожно и не е применливо за сите заболувања.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk