Карактеристики на организациите кои учат
Организацијата која учи постојано ја унапредува способноста за да ја креира својата иднина.
Организацијата која учи и нејзините вработени континуирано учат. Користејќи го своето и искуството на другите тие ја подобруваат свјата перформанса, со отвореност да учат и од своите успеси и од своите грешки. Континуираното учење е системски вградено во организациската ДНК.
Во организацијата која учи посебно се обрнува внимание на отворената комуникација, вклученост на луѓето во споделување на информации и знаења. Главен поттикнувач и иницијатор за ваквиот начин на однесување е генералниот менаџер, кој со своето лидерство го моделира „крвотокот“ на организацијата.
Први кои го прифаќаат овој модел се постарите вработени, кои своето искуство и знаења несебично ги пренесуваат на помладите колеги, овозможувајќи организацијата да се заштити од одлевање на знаење со нивнот заминување во пензија. Исто така, останатите вработените прифаќаат дека нивното учење и споделување на знаење е очекувано и наградено, како и дека им нуди можност за напредување и во професијата, и во кариерата.
Карактеристики на организацијата која учи се:
-
Системско размислување,
-
Лично усовршување,
-
Идентификација на ментални модели,
-
Градење на заедничка визија и тимско учење.
Процесот на организациско учење бара „садење“ нови идеи и нивно негување. Овој процес значи почнување на нови проекти – „иницијативи на учење“, за да дојде до трансформација на организацијата. Исходот од ова зависи од динамичката интеракција на низа поддржувачки и ограничувачки сили.

Самиот концепт „иницијација на учење“ може да се насочи за решавање на различни проблеми: од унапредување на процес на развој на нов производ, до унапредување на квалитет на услуги, да се поврзе со други управувачки инцијативи, како управување засновано на квалитет или управување втемелено на вредности. Но, најголем учинок од оваа иницијатива е поврзан со процесот за стратегиско управување.
Токму затоа, да се развива организација која учи, значи да се стекне конкурентна предност во однос на конкуренцијата, да се привлечат и задржат талентирани вработени, да се зголеми перформансата на организацијата.
Вака сфатено, би се очекувало дека секоја организација ќе се стреми да се развие во организација која учи што поскоро. Точно, да се стане и да се одржи организација која учи не е лесно, потребно е многу труд и посветеност, многу време, енергија и ресурси.
Практиката покажува дека овој тип на организации се уште се редок случај во нашата држава. Едно од причините зошто нашите организации не се обидуваат да ги трансформираат своите начини на функционирање е сложеноста и долготрајноста на процесот, или во некои случаи незнаењето како истата да се направи, немајќи поддршка или желба од страна на врвниот менаџмент. Сепак, ако се има предвид, дека желбата на секој менаџер/сопственик е успешна и профитабилна организација, размислувањето и одлуката да креираат организација која учи треба да дојде што поскоро, обезбедувајќи силна иднина и успеси.

Основоположник на Институтот за животна средина, енергетика и градежништво ИЕГЕ

