Најголемата драгоценост којашто ја поседувам е моето семејство – Владимир Георгиевски, генерален секретар на КФСМ и сопственик на Cherry Orchard
1. Која е Вашата претстава за совршена среќа?
– Мислам дека совршена среќа не постои, тоа е субјективна перцепција на моментот.
2. Кој е Вашиот најголем страв?
– Немам некој посебен најголем страв што би го издвоил, веројатно оние стравови стандардни што ги имаат нормалните луѓе во дадени животни ситуации.
3. Со која историска фигура би се поистоветиле?
– Не би се поистоветувал со никого, секое време си носи свои херои и фигури, ајде да кажеме дека во некои ситуации се споредувам сам со себе во однос на минатото и сегашноста.
4. На кого најмногу му се воодушевувате?
– На успешните луге кои успеале да ја задржат својата едноставност и спонтаност.
5. Која Ваша карактерна особина не ја поднесувате кај себе?
– Можеби импулсивноста и избувливоста, некогаш и некоја доза на нестрпливост во одредени ситуации.
6. Која е Вашата најголема екстраваганција?
– Се трудам да останам едноставен и рационален, нешто што во минатото било повеќе од нормално, а денеска е преминато во екстраваганција.
7. Кое е Вашето омилено патување?
– Сум бил на многу патувања, меѓутоа едно од најомилените дефинитивно ми е моето свадбено патување, 20 дневна обиколка на Италија.
8. Во кои прилики лажете?
– Во прилики кога вистината би донела големи последици, а малата лага не би нанела никаква штета.
9. Која карактерна особина кај човекот сметате дека е најпреценета?
– Во денешно време можеби скромноста, бидејќи колку што може да биде голема доблест, често носи и негативни последици на СКРОМНИОТ.
10. Кои зборови и реченици најчесто ги користите?
– Немам некои секојдневни зборови или реченици или барем не сум се фатил сам себе како повторувам нешто често.
11. Што не Ви се допаѓа во Вашиот физички изглед?
– Хахаха се имам прифатено себе со сите мани и доблести.
12. За што најмногу сте се покајале во животот?
– Нема нешто досега за што животно сум се покајал или допрва ќе дојде таква ситуација или пак сум се навикнал да живеам без да погледнувам наназад.
13. Кој-а е љубовта на Вашиот живот?
– За многу кратко време на мене и на мојата сопруга љубовта на нашиот живот стана нашиот 8 месечен син ИВАН.
14. Кога и каде сте биле најсреќни?
– Искрено пробувам во секој момент да бидам среќен, се разбира доколку тоа го дозволува дадената ситуација, но секако најсрекен е раѓањето на мојот син.
15. Кој талент би сакале да го поседувате?
– Можеби еден од талентите кои сакам да ги поседувам, е да знам убаво да пеам. Желбата е тука фали уште талентот ?
16. Како се чувствувате моментално?
– Замислено, барам одговори на зададените прашања.
17. Што сметате за Ваш најголем успех?
– Toa што и покрај секојдневните животни искушенија успеав да останам нормален човек и станав фамилијарен човек.
18. Ако после смртта би се вратиле на овој свет, што би биле?
– Був, би ги прател спокојно сите случување без да коментирам.
19. Која е најголемата драгоценост која ја поседувате?
– Семејството.
20. Што претставува за вас разочарувањето?
– Неисполнето очекување.
21. Со која професија (освен оваа) би сакале да се занимавате?
– Сигурно би било нешто во врска со спортот.
22. Кој е Вашиот идол (пример) во животот?
– Веројатно во различни времиња на растењето сум имал различни идоли,за сега да останам без некој посебен идол.
23. Кој е Вашиот омилен сликар, а кој писател?
– Искрено не сум некој познавач на сликарството, еве би го издвоил можеби Салвадор Дали, имав прилика да ги видам неговите дела во Барселона, а сум голем љубител на убавата книга и има многу писатели кои би ги издвоил, еве на пример Екарт Тол, Лобсанг Рампа, Наполеон Хил, Робин Шарма а од секојдневните теми и романи, Гијом Мисо, Лингвуд Баркли, Донато Каризи……..
24. Кој е Вашиот фиктивен јунак?
– Супермен.
25. Каде би сакале да живеете?
– Би останал да живеам тука и покрај сите случувања и околности во нашата држава, но би сакал да патувам барем секој месец по десетина дена низ различни дестинации во светот.
26. Што најмногу мразите?
– Алчни луѓе и гужва во сообраќај.
27. Која човечка особина ве иритира?
– Алчноста.
28. Кое е Вашето мото?
– Најдобар рецепт да бидеш незадоволен е да се обидеш секој друг да го направиш задоволен.
29. Кои квалитети ги вреднувате кај мажите?
– Успешност со задржана едноставност.
30. Кои квалитети ги вреднувате кај жените?
– Исклучително ги вреднувам жените што се способни да направат дијаметрална трансформација од семејна жена дома со сите домаќински работи, до топ модел и бизнис елеганција надвор од домот и способност за изнаоѓање баланс помеѓу професионално остварување и среден дом.
31. Што е за вас вистински пријател?
– Оној кој еднакво се радува на твоите успеси, и тука е, со тебе во неуспесите.

Главен уредник на VipHeart.mk