Релакс масажа

Релакс масажа

Секојдневието ја црпи нашата енергија и виталност. Оддржувањето на врвна форма честопати е предизвик. За секој од нас е важно да се ослободи од напнатоста и да ја задржи виталната фигура. Целта на масажата е да се ослободи организмот од негативната енергија и напнатост и да се добие чувство на релаксација и хармонија.
Релаксацијата е поим којшто овозможува потполно физичко и психичко опуштање, баланс на духот и телото.
Масажата делува преку кожата на подлабоките слоеви на телото. При различни движења и зафати се предизвикуват различни и многу сложени реакции во целиот организам. Масажата на нервниот систем делува смирувачки, ја подобрува циркулацијата, секрецијата на различни жлезди, го подобрува тонусот на кожата и мускулите и делува на внатрешните органи.
Масажата има двојно дејство: механичко и рефлексно. Механичкото делува на површинскиот слој на кожата, прави чистење на изумрените клетки, загревање и отварање на порите и со тоа се овозможува подобра секреција, транспарентност на кожата како и подобра пенетрација на препаратот со којшто се врши масажата. Со механичката дразба се подобрува протокот на венскиот и лимфниот систем.
На крај од масажата добиваме козметичко освежување на кожата, поубава боја, еластичност и измазнување на брчките како и намалување на болката. Со масажата циркулацијата се подобрува за осум пати.
Се препорачува по една релакс масажа во текот на неделата за сите што имаат проблем со циркулацијата, како и за луѓе коишто постојано стојат или седат на работното место и на луѓе коишто имаат тешка физичка или спортска активност.

Сузана Блажевска

Козметолог - едукатор