„Соништата постојат за да се живеат …Сѐ што можеме да замислиме, можеме и да оствариме!“ – Јелена Антиќ, првата Македонка која заигра за Евролигата
1. Имагинацијата, желбите и соништата ни се остваруваат само ако се вложи голем труд?
Сите ние имаме различни амбиции, визија и поглед на живот. Верував, а и од оваа перспектива исто верувам дека моите одлуки разбудија во мене една врвна интелигенција и мудрост, односно способност на снаоѓање во непознати ситуации, а мудроста е начин со кој управуваме со своите сили кога нешто сакаме да зграбиме, а нешто намерно пропуштаме балансирајќи помеѓу желбата и реалноста.
2. Дали правиш разлика меѓу комфорт и вистинска среќа?
Никогаш не мислев дека патот кон среќата и успехот се пробива лесно. Тие привилегии се резултат на макотрпно работење. Но помеѓу сите тие работи има и нешто што ти ја облагородува душата и ти дава дополнителна инспирација. Колку повеќе знаеш, учиш, осознаваш, работиш, толку повеќе сакаш да создаваш. Тоа е немерлива моќ на личноста.
3. Се она што го работиш, за што се трудиш, кога ќе даде резултати значи дека трудот се исплати?
Успехот за сите, па и за мене претставува голема сатисфакција. Секое признание е дополнителна мотивација за уште поголеми достигнувања. За да сме успешни неминовно е во себе да ја имаме онаа внатрешна движечка енергија, упорност и жар за победа и триумф.
Си поставив високи цели и високи стандарди и се трудев да ги остварам. Знаев дека ја правам вистинската работа, бидејќи кога животот ќе ти пружи волшебни 5 минути треба да знаеш да ги искористиш.
4. Што е она што те водеше додека го градеше твојот спортски карактер?
Три нешта ме водеа кон формирањето на мојот спортски карактер; почит кон себе, почит кон другите, прифаќање на одговорноста за сите свои постапки и кога ќе згрешам никогаш да не ја заборавам лекцијата.
5. Можеш да се пофалиш дека помина голем дел од земјината топка?:)
Секоја земја која сум ја посетила имала своја убавина. Од топлите краеви во Шпанија, до ледените зими во Шведска, имам преубави искуства секаде и стекнато пријателства за цел живот. Со оглед на тоа дека од 15 години сум насекаде по светов, менувањето на средина не ми паѓа тешко, напротив. Наоѓам големо задоволство во секоја новина и секоја нова култура. Но, како проаѓаат годините и станувам повозрасна секако би сакала да се стационирам во една држава барем на неколку години.
6. Голем хендикеп за македонската кошарка е дефицитот на женски играчи?
Кошарката не е индивидуален, туку колективен спорт каде секој играч има свое место и своја улога. Не е тајна дека македонската кошарка има дефицит на женски играчи, за разлика од машката, што е голем хендикеп за тимовите и секако за македонската репрезентација. Потребна е сериозна организација, залагање, подготовка и мотивација на играчите за да се постигнат соодветни резултати. Приоритетите да се стават на повисоко ниво, да се покаже зрелост, знаење и визија за местото на спортот во нашата земја.
7. Спортот, уметноста и музиката се твојата движечка сила, твојот Modus Vivendi?
Мојот ум и тело се склоп на уметности. Без музика не опстојувам, а по професија сум графички дизајнер. Секој слободен момент го користам за цртање, а голема пасија ми е и фотографијата, и бидејќи ја имам можноста да патувам низ светот, таа моја пасија ја користам за овековечување на незаборавните моменти.
Ја сакам апстрактната уметност и делата на Винсент Ван Гог, Јосé Бернал, Гиакомо Балла… Во моментите на одмор се разонодувам со сериите Грејс Анатомy, Суитс и Хомеланд, а исто така уживам во филмовите и книгите на Николас Спаркс. Слушам секаков жанр на музика, во зависност од расположението, а најактуелна во моментов ми е музиката на британската поп ѕвезда Јессе Wаре.
Најголема сатисфакција и придобивка во животот на еден човек е да го работи тоа што го сака, а истовремено да го сака тоа што го работи. Кошарката одсекогаш била тука за мене. Теренот ми е втор дом, место каде што биле пролеани многу солзи, тажни и среќни моменти, но и место кадешто отсекогаш го наоѓам својот мир.
8. Ти си девојка која вложува во својот изглед. Што е за тебе убава жена?
Убавината на една жена, надворешната во спој со внатрешната е рај за окото и мелем за душата. Грациозноста, шармот, културата, елоквентноста и уште многу финеси ја надополнуваат за да биде комплетна.
9. Физичката спремност и кошаркарската интелигенција се квалитети кои еден врвен спортист мора да ги поседува за да би се натпреварувал на највисоко ниво. Едното без другото не може. Твојата порака до сите кои го сакаат овој спорт?
Македонија е една убава мала земја која родила многу таленти на кои треба да им се даде шанса да просперираат и да бидат нејзини вистински амбасадори. Искрено мислам дека и во македонскиот спорт има многу докажани имиња кои допринесоа за афирмација и надвор од границите и заслужуваат подобар третман и статус во општеството. Јас како професионалец би сакала да луѓето кои се компетентни (потенцирам дека тоа би требало да бидат спортисти бивши и сегашни) направат напор повеќе да се вложи во спортот, што значи повеќе спортски сали кои ќе бидат достапни за сите што го сакаат спортот,теретани опремени со модерни реквизити, едукација на тренери (кондициони и експерти на теренот), добар скаутинг на младите спортисти низ цела Македонија, јак маркетинг и најважното големо срце, визија, и желба за напредување и успех.
10. Нашата мис трипл дабл продолжува понатаму… технички совршена, рационална и успешно спектакуларна Каде???
Ја имав таа среќа секаде да ја понесам титулата на успехот, освоени првенства и високи резултати за тимовите за кои настапував и да бидам првата македонка која заигра за Евролигата.
Оптимизмот и вербата во себе, огромниот труд, високите стандарди што си ги поставив, контролата и самоконтролата, направија најстабилно и цврсто да застанам на паркетот што е мојот живот. Секојдневните напорни тренинзи сигурна сум дека ќе ги дадат очекуваните резултати.
Мојот следен трансфер е Белгија и Еврокупот…….. мојот нов таргет и мое ново искуство 🙂

Главен уредник на VipHeart.mk