Управувањето со отпад како предуслов за одржливо работење на македонските компании

Управувањето со отпад како предуслов за одржливо работење на македонските компании

Секојдневно се соочуваме со последиците од загадувањето на животната средина во Македонија, кои се резултат првенствено на ниската јавна свест за зачувување на природните ресурси и животната средина. Од аспект на заштита и зачувување на животната средина, значително влијание имаат компаниите во нашата земја. Тие со своето работење во помала или поголема мера генерираат загадувачки материи и отпадоци кои имаат импакт врз животната средина и природните ресурси.
Секоја компанија која сака да биде конкурентна на пазарот се стреми кон одржливо работење почитувајќи ги стандардите за заштита на животната средина. Овој пристап вклучува:

  • намалување на количините на генерирани отпадни материи и систематски приод кон управувањето со истите;
  • рециркулација на вода со цел намалување на количината на генерирана отпадна вода, а со тоа и евентуалното загадување на почвите, површинските и подземните води;
  • намалување на загадувачките материи кои се испуштаат во воздухот и сл.

Од работењето на компаниите се генерираат отпадни материи, сеедно дали се работи за компанија која врши услужна или производна дејност. Доколку една компанија е општествено одговорна, таа цели кон остварување на солидни работни резултати, воедно грижејќи се за животната средина. Истата особен акцент става на намалување на трошоците во однос на суровините и оперативните трошоци, притоа грижејќи се за начинот на управување со сите генерирани отпади од своето работење. Ова секако вклучува и вложување во едукација на работниот кадар за правилно постапување со генерираните отпади, особено на оној кадар кој се грижи за набавките на суровините.

Од друга страна, компаниите кои досега не работеле, а сакаат да почнат да работат стандардизирано, првенствено треба да започнат со едуцирање на работниот кадар, особено во однос на одржливо работење. Ова секако подразбира намалување на количините на генериран отпад, евентуално негова повторна употреба и безбедно отстранување, притоа грижејќи се за намалување на негативното влијание врз животната средина и животот и здравјето на луѓето.

Еден од проектите кој се стреми за подигање на свеста за одржливо однесување во приватните и корпоративни сфери, кој вклучува и едукација на работниот кадар во компаниите за соодветно управување со отпад, е проектот „Developing Eco Skills for a Green Economy – DECOS“ кој е финансиран од ERASMUS + Програмата на Европската Унија.

Покрај Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ), кој е носител на проектот, учествуваат и следните организации: Papilot, Институт за унапредување и развој на квалитетот на животот, Љубљана (Papilot); Bit-Management Beratung GmbH, Австрија (bit management) и Valkeakosken kaupunki, Finland and Austromed Holding, Романија.

Наставната програма за управување со отпад вклучува: одржливо управување со отпад, избегнување на создавање на отпад, рециклирање на отпад, сепарација на отпад и останати теми поврзани со соодветно управување со отпад. Основната цел на проектот е да се развие нова и иновативна програма за поттикнување на социјалната интеграција и интеграција на пазарот на трудот на возрасните кои се ниско квалификувани за зелени вештини. Повеќе информации за проектот можете да најдете на следниот линк: http://www.iege.edu.mk/index.php/en/international-projects/.

м-р Елена Николовска

дипл. инж. за заш. на животната средина

вработена во Градежен Институт „Македонија“ – ГИМ

empty-author