Успешна организација е организација која учи

Успешна организација е организација која учи

За да бидат успешни во економијата базирана на знаење, компаниите мора да креираат организации кои учат.“ – Дон Тапскот

Сигурно сте сретнале, а можеби и сте работеле во организација која не е во тек со трендовите во индустријата, не води сметка за барањата на потрошувачите или не ги менаџира на најефикасен начин своите ресурси. Впечатокот за овие организации е дека се застанати во времето, постојат, но како да преживуваат, без светла иднина. Заедничка карактеристика на ваквите организации е нивната неспособност да растат и да се развиваат.

За разлика од нив, успешните организации се карактеризираат со нивната визија, ориентираност кон високи перформанси, имаат желба и моќ да создадат потреба кај потрошувачите, да наметнат нови трендови, континуирано да ги развиваат своите капацитети, на јасен и систематски начин. Овие организации кои континуирано напредуваат преку брзо креирање и унапредување на капацитетите потребни за успех во иднина се нарекуваат организации кои учат.

Организацијата која што учи може да се претстави како организација во која функционирањето се одвива со цел да се обезбеди континуирано учење за своите вработени.

Карактеристики на организацијата која што учи се:1

  • луѓето континуирано ги развиваат своите капацитети за да ги постигнат посакуваните резултати;

  • се негуваат нови и експанзивни модели на размислување;

  • постојат заеднички интереси и

  • луѓето континуирано учат како да учат заедно и едни од други.

Усвојувањето на ориентацијата на организација која учи носи голем број бенефити, и на индивидуално и на организациско ниво.

На организациско ниво бенефитите може да се согледаат преку:

  • унапредување на ефективност во работењето,

  • развој на способност за дефинирање и постигнување на посакуваните цели,

  • зголемена ефикасност на организацијата,

  • намалување на трошоци,

  • јакнење на иновативност (зголемен потенција за равој на нови производи/услуги),

  • подобрување на способноста за организациска промена,

  • подобрување во квалитетот во работењето, итн.

Во корелација со сите придобивки на организацијата, ефектите се чувствуваат и уживаат од страна на вработените. Имено, на индивидуално ниво, вработените во организација која учи, доживуваат лична и духовна благосостојба, дефинирана визија и план за личен и кариерен развој, исполнетост од работата, и желба за поголем придонес и ангажираност во организацијата каде работи.

1 Walker, N., Creating a talent mindset: a five-step roadmap, Strategic HR Review, 2004

М-р Славица Трајковска

Основоположник на Институтот за животна средина, енергетика и градежништво ИЕГЕ