Успешна приказна за заедничко планирање на урбанистички простор
Прочитајте како партиципативното планирање со локалната заедница може да допринесе кон создавање на урбанистички простор кој ќе одговара на заедничките потреби.
Партиципативното планирање овозможува вклучување на целата заедница во стратешките и управувачките процеси на урбанистичкото планирање. Локалното население поседува одредено знаење за местото во кое што живее, знаење што професионалците го немаат. Вклученоста на заедницата во текот на целиот процес на развој овозможува споделување на тоа знаење и создавање на простор кој ќе одговара на нивните потреби и ќе придонесе за развој на заедницата.
Партиципативното планирање има за цел да го намали јазот помеѓу желбите на локалните заедници и владините програми. Во поново време, се практикува и методот на електронско партиципативно планирање, каде граѓаните може да се вклучат во урбанистичкото планирање електронски, без физичко присуство.
Скалата на Арстеин од 1969 година ги определува нивоата на учество засновано врз тоа колку се вклучени локалните актери – колку е поголема улогата на локалното население во донесувањето одлуки , толку на повисоко ниво се наоѓа на скалата.

Фотографијата е превземена од Arnstein (1969)
Заедничкото планирање на урбанистичкиот простор, неговата значајност и примена, беше дискутирана на втората работилница на проектот TREASURE од страна на Вероника Мора, Директор на Ökotárs-Унгарската Партнерска Фондација за заштита на животната средина, во соработка со Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика (ИЕГЕ).
Вероника Мора го сподели своето исксутво на оваа тема и успешната примена на партиципативното планирање преку обновата на плоштадот Телеки во Будимпешта.
Која сте Вие и каква е Вашата сегашна работа?
Веќе 10 години работам како директор на Фондацијата Ökotárs-Hungarian Environmental Partnership Foundation, посветена на зајакнување на граѓанското општество и развојот на локалната заедница, со фокус на еколошките движења. Поголем дел од мојот живот сум работела во граѓанскиот и еколошкиот сектор на најразлични теми, вклучително и партиципативно планирање, еколошка потрошувачка и генетско инженерство.
Како започна проектот за обнова на плоштадот Телеки во Будимпешта?
Плоштадот Телеки во 1960-тите и 70-тите години беше многу популарен и посетуван, но подоцна состојбата на зелениот простор и јавната безбедност постојано се влошуваа и плоштадот веќе не беше посетуван. Во 2005 започна реконструкцијата на плоштадот која опфати 14.000 м2 и траеше 8 години.
Како се одвиваше процесот на партиципативно одлучување?
Процесот на планирање се состоеше од 10-неделна отворена серија на работилници на кои секој можеше да се придружи во секое време. Луѓето од соседството беа поканети да учествуваат во проектот преку постери и летоци со прашањето „Како треба да изгледа плоштадот Телеки?“, Исто така пошироката јавност беше поканета да коментира на Интернет и другите социјални медиуми.
Плоштадот Телеки во процесот на реконструкција со партиципативно планирање

Фотографијата е превземена од: https://www.facebook.com/milyenlegyenatelekiter
Дали имаше интерес кај локалното население?
Локалните жители ентузијастички се приклучија на јавните форуми, сфаќајќи дека можат сами да одлучуваат за иднината на нивната околина на конструктивен и демократски начин. Планираните сесии содржеа стручни презентации, проследени со групни дискусии со 10-30 лица. Контроверзните прашања беа решени со гласање, откако се дискутираа заеднички на конструктивни дебати. За време на процесот на планирање, учесниците неколкупати го посетуваа плоштадот за да можат да ја замислат рехабилитацијата во пракса. Најдобрите идеи беа јавно објавени и реалзиирани при реконструкцијата.
Плоштадот Телеки денес

Фотографијата е превземена од:http://www.ujirany.com/projekt/teleki-square-community-park
Ова е Ваша прва посета на Скопје. Како би го опишале тоа искуство? Дали сте импресионирани или разочарани од нешто?
Да, ова е моја прва посета на Скопје. Сметам дека историјата и локацијата се прилично интересни и импресивни, но забележав дека многу згради, на пример Калето, имаат потреба од обнова и реставрација. Исто така, сообраќајот е хаотичен. Но, храната беше одлична!
Можете ли да се сетите на некоја позитивна пракса од Вашата земја преку која би можело да се подобри или да се реши некој проблем со животната средина во Скопје?
Покрај подобрувања на зелените површини, сметам дека од големо значење би биле мерките за намалување на сообраќајот и развој на велосипедската инфраструктура.
Целта на проектот TREASURE е да влијае врз создавањето на здрава иднина за нашата земја со одржлив начин на живот, зелени вештини и стратегии кои се одразуваат на економијата, општеството и животната средина. Еден од најважните приоритети на проектот е развивање на вештини за креирање одржливи практики, поттикнување на тимско работење и решавање на комплексни проблеми. Проектот TREASURE е финансиран од International Visegrad Fund. За повеќе информации, посетете: http://www.iege.edu.mk/index.php/en/treasure/.

Помлад истражувач ИЕГЕ

