Фрактура на колк, што потоа? Третман и препораки – дипл. физиотерапевт Димитар Антевски
Скршеницата на колкот е чест проблем на јавното здравство кое најчесто се должи на порастот на старата популација. Околу 70 000 до 75 000 скршеници на колкот се јавуваат секоја година на светско ниво. Бидејќи појавата на паѓања и скршеници често сигнализира на постоечко лошо здравје, потребен е обемен мултидисциплинарен пристап од појавувањето до последователното следење, вклучувајќи го и преминот од болница во заедницата.
Скршеницата на колкот се однесува на скршеница која се јавува во регионот меѓу работ на бутната глава и 5 сантиметри под малиот трохантер.

Кај помладата популација фрактурите најчесто настануваат при директно дејство на сила со голем интензитет, во пределот на колкот. Кај повозрасните луѓе причините се поврзани со постоење на придружни болести на коските како што е на пр. остеопорозата. Кај овие лица скршениците во најголемиот број се последица на паѓање или сопнување.

Овој тип на скршеници во најголем процент се решаваат со хоспитализација на пациентот и со правење на хируршка интервенција на која и следи постоперативен престој во институцијата пропратена со медикаментозна и рана физикална терапија.
Во предоперативната подготовка на пациентот е неопходно да се посвети внимание на употреба на соодветна површина за лежење (антидекубитални душеци), да се одржува оптимална телесна температура, соодветна аналгезија и ренген иследувања, надоместок на течности и избегнување на длабока венска тромбоза (препишување на хируршки еластични чорапи кои пациентот ги носи и во раната постопераативна фаза).
Императив е рехбилитационата програма да започне рано уште во првиот постоперативен ден. Целта на третманот е да се врати обемот на движење на екстремитетот, да се зголеми мускулната сила да се едуцира пациентот да користи ортопедски помагала за движење и да се едуцира што треба и што не треба да прави.

Рехабилитационен процес
– 1-7 постоперативни денови (болнички престој)
– вежби за опсег на движење во колк и колено(пасивни, потпомогнати, активни)
– изометрички вежби за јакнење на мускулите на бутот
– вежби за јакнење на горните екстремитети
– вежби за дишење
– седење околу 30 мин. со нозете спуштени преку работ на креветот (пациентите не треба да седат на ниски кревети и столови подолг период и при седење не смеаат да ги чуваат нозете вкрстени)
– вертикализација и оптоварување (во зависност од видот на фрактурата, хируршката интервенција, квалитетот на коската и општата здравствена состојба на пациентот)
– движење со помагало (одалка, подпазувни или подлакотни патерици) и усвојување на правилна шема на движење со предвиденото оптеретување кое го препорачува хирургот и физиотерапевтот
-вежби на здравиот екстремитет за спречување на атрофија на мускулите.

Понатамошен план и очекувања ( во првите 6 месеци)
– Флексија во колк 90 до 120 степени
– Функционална неависнот (лежење и станување од кревет)
– Самостојност во одот со помагало (на рамен терен и по скали)
– Самостојност во трансфер (користење на санитарии)
– Активности од секојдневниот живот (облекување, соблекување, лична хигиена)
– Користење на статички велосипед и тредмил лента со мало оптеретување (по 4 до 6 недели од оперативен третман)
– Прогресивни вежби со отпор за зајанување на мускулатурата
– Електротерапија (само одреден дел на терапевтски струи кои се дозволени при имплантиран остеосинтетски матријал или ендопротеза на колк)
– Хидрокинезитерапија (бањско лекување) почнувајки по 4 недели од оперативниот третман (вежби во вода кои го олеснуваат отпочнувањето на одењето со помалку стрес, намалува грчеви во мускулите се подобрува циркулацијата и се намалува болката)
– Работна терапија која се фокусира на оние активноти од секојдневието кои се изведуваат со потешкотија а се есенцијални за независност на пациентот.

Во процесот на рехабилитација се советува примена на високо протеинска исхрана како и максимална соработка со најблиските членови од семејството со цел процесот да помине на најбезболен начин за самиот пациент и неговата околина.
Најголемиот дел од пациентите ќе се вратат на претходното функционално ниво во период од 4 до 6 недели по интервенцијата. Самиот рехабилитационен процес трае од 4 до 8 недели а во одредени случаеви и нешто подолго.

дипл. физиотерапевт

