Хиперхидроза – зголемено потење и лекување
Хиперхидрозата означува зголемено потење повеќе отколку што е потребно за регулирање на температурата на телото. Најчесто зафатени се пазувите, дланките, стопалата и лицето.
Како појава е многу честа, се смета дека зголеменото потење е особено изразено кај 2-3% од популацијата, од нив 51% ексцесивно се потат под пазувите. Обично започнува зголемено потење на дланките и стопалата околу пубертетот, на возраст од околу 13 години, додека под аксилите е обично подоцна. Во однос на причината на појавувањето изгледа дека има и генетска предиспозиција затоа што пациентите, 30-65% од нив даваат податок дека и други членови од семејството се жалат на прекумерно потење.
Многу неуролошки, метаболни и други болести како болести пратени со температура, употреба на некое лекови, може да се причина за енормното потење. Во повеќето случаи се работи за здрави луѓе. Покачување на топлина или емоции може да го провоцираат потењето, но оние кај кои потењето е проблем обично се потат неконтролирано цело време, независно од надворешната температура или расположението.
Ексцесивното потење моzе да има сериозни практични последици: тешкотии при ракување, при управување со автомобил, потреба од честа промена на обувки, облека, едноставно да носи низа ограничувања во креирањето на сопствениот стил. Секако одлуката за примена на одредена тераписка процедура треба да биде со консултација со доктор, дерматолог во смисол на изведување и на одредени лабараториски анализи на крвта, гликемија, ниво на мокрачна киселина, т.н. катехоламини, испитување на тироидната функција и сл. Тераписки можности за справување со овој проблем се следните:
Користење на антиперспиранти
Локална терапија со антиперспиранти кои содржат различна концетрација на алуминиум хлорид. Во дезодорансите количината на оваа состојка е 1-2% но за да делува како лек т.е да прави опструкција на потењето треба да биде во концентрација од 15-25%. Ова се однесува за лесен и среден степен на хиперхидроза. Препаратите се со различна концентрација на алуминиум хлорид, апликацијата е секојдневна, а повисоката концентрација може да доведе до иритација на кожата.
Употреба на лекови
Антихолинергични лекови( метантелиум бромид), бета блокатори, трициклични антидепресиви. Се однесува пред се за оние случаи кога причина за потењето е некоја друга болест.
Јонтофореза
Хидрекс- терапија пред се за зголемено потење на дланките и табаните. Потребни се 5-6 третмани при што се воспоставува контрола на потењето за три месеци а потоа постапката се повторува. Како споредни ефекти се појавата на црвенило, непријатно пецкање по кожата , појава на меури и др.
Хируршки третман
Познат како ендоскопска торакална симпатектомија може да биде многу ефективен третман. Ако се работи за потење како проблем пред се под пазувите можно е и отстранување на жлездите во таа регија со киретаза и липосукција.
БОТОКС
Се однесува на Ботолинум токсин тип А кој е многу чист протеински препарат кој се употребува во медицината веќе 30 години а е многу ефикасен и безбеден како лек. Во мали дози особено се употребува во козметологијата. Ботолинум токсин тип А ињекциите го блокираат преносот на нервните импулси од нервот до потната жлезда. Ботоксот важи за вредна тераписка процедура за третман на овие состојби. Овој третман е навистина соодветен за пациентите со ограничена хиперхидроза. Третманот започнува со анестезирање на регијата која ќе се третира (анестетик во форма на крем). Потоа се даваат локални ињекции на Ботолинум токсин тип А со ултра фини игли интрадермално. За ова се потребни околу дваесетина минути за една регија. Ефектот е видлив за една недела односно намалување на потењето кај 95% од пациентите кое трае 4-7 месеци. Потоа дозволено е повторување на постапката. Несаканите ефекти се незначајни и се однесуваат на можна болка на местото на убодот до евентувална појава на мала модринка.
Ботоксот за терапија на хиперхидроза се покажа како ефикасен со оглед на тоа дека другите можности се кратко трајни или се со одреден ризик. Студиите покажале дека 80-95% од пациентите имаат резултат со еден третман. Неасканите ефекти се минимални а повторување на ињекциите е безбедно. Во лекувањето на хиперхидрозата се препорачува да се оди чекор по чекор, да се одреди дали е тоа генерализиран проблем или е пред и се ограничен. Според тоа се прави план за терапијата кој секако треба да ги следи новите препораки . Секако се препрачува да се искористат сите конзервативни можности во лекувањето пред да се примени хируршкиот третман. Намалувањето на потењето го зголемува квалитетот на живеење.

Специјалист дерматовенеролог

