Подигање на свеста за важноста на превенцијата и раната дијагноза од ракот на грлото на матката

Подигање на свеста за важноста на превенцијата и раната дијагноза од ракот на грлото на матката

Доц. д-р Горан Димитров, специјалист гинеколог-акушер и претседател на Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија.

Ракот на грло на матка е рак со потекло од грлото на матката – цервиксот. Настанува како резултат на абнормален раст на клетките кои добиваат способност да се шират и да инвадираат други делови од телото. На глобално ниво, ракот на грлото на матката е на четврто место на најчест тип на рак и на најчеста причина за смрт од рак кај жените.

Кои фактори влијаат на појава и развој на ракот на грлото на матката и кои жени се со зголемен ризик да заболат?

ХПВ инфекцијата во аногениталната регија во најголем процент од случаите се пренесува по сексуален пат, a кондомите не претставуваат 100% заштита за спречување на ширењето на инфекцијата. Жените кои што имаат повеќе бремености, повеќе партнери, кои што пушат цигари и имаат намален имунитет се под ризик за добивање на оваа инфекција и последователно развивање на оваа болест.

Дали раното дијагностицирање на болеста значи и нејзино успешно лекување?

Дефинитивно- да. Токму од тие причини мора да се крене свеста за важноста на превенцијата и раната дијагноза од ракот на грло на матка, потребата за подобрување на целокупното здравје, како и зачувување на животот на жените.

Пред околу 50 години е поставена хипотезата дека ракот на грлото на матката е од вирусно потекло, а денес е веќе докажано дека основен причинител е ХПВ вирусот. Колку ризични типови на ХПВ вирусот постојат?

Одредени видови на ХПВ се онкогенични (високо ризични) т.е. доведуваат до настанување на малигни болести на одредени места од човечкото тело. Постојат повеќе од 1000 различни типови на ХПВ од кои 30-40 типа се причинители на гениталните инфекции. Се проценува дека најмалку 80-100% од девојките на возраст меѓу 18-25 години доаѓаат во контакт со вирусот при половиот однос, од нив 30% развиваат симптоми на инфекција.

Причината за тоа е спонтаното елиминирање на вирусот – природно самоизлекување, кое најмногу зависи од состојбата на имунолошкиот систем на инфицираните индивидуи. Доколку се работи за ниско ризични типови на ХПВ вируси (6, 11, 41, 43, 44) се јавуваат генитални брадавици (кондиломи).

Високо ризичните типови на вируси (16, 18, 31, 33, 35, 39, 45, 51, 52, 56) се опасни затоа што се поврзуваат со појава на абнормалности на епителот на грлото на матката (цервикална дисплазија), во отсуство на било какви други симптоми.

Дали и колку ХПВ вакцината превенира од цервикалниот рак?

ХПВ вакцината претставува изум на 21-от век. Тоа е првата вакцина во историјата на медицината која индиректно, спречувајќи го заразувањето со Хуман папилома вирус, го спречува настанувањето на малигни болести. Покриеноста со ХПВ вакцинирање во развиените земји на Европа и светот се движи близу 100% (Швајцарија, Норвешка, Шведска и др.). За разлика од тоа, во Македонија највисоката покриеност (само кај девојчиња) од 65% беше достигната во една од изминативе години. Потребно е да се работи на подигнување на свеста и oбјаснување на бенефитите од вакцините.

Препорака е да се вакцинираат девојчиња на 12 годишна возраст, како и момчиња на 14 годишна возраст од речиси сите национални здравствени организации, СЗО и комитети за борба против ракот (со тоа што во некои земји возраста може да варира). И секако дека нема дилема дека вакцината го превенира цервикалиот рак. По најновите препораки кај жените е можна вакцинација до 45 годишна возраст. И покрај тоа што пациентката може да е заразена со некој од ХПВ типовите кои ги содржи вакцината, се препорачува вакцинација со цел создавање на имунитет против другите ХПВ типови содржани во вакцината.

Одсекогаш, од самата прва вакцина имало одредени групи на луѓе или поединци кои од различни причини биле против вакцините. Вакцината против ХПВ, како што викаат поголем број од научниците, допира до неколку чувствителни сфери: рак, сексуалност, религија и политика. Меѓутоа, таа е осведочена како средство за спречување т.е. намалување не само на инциденцата на ракот на грлото на матката, туку и на други видови рак.

ХПВ вакцината е влезена во сите учебници во светот како пример за примарна превенција на рак на грло на матката, а секундарни се Папаниколау тестот и ХПВ типизацијата.

Како и со кои методи денес се третира ракот на грлото на матката и колкава е статистиката на успешност? Ваш совет и апел кон женската популација за превенција и заштита на своето интимно здравје?

Ракот на грло на матка може да се спречи преку грижа за сопственото здравје. Тоа што треба да го направиме е редовно да одиме на контролни прегледи со земање на цитолошки и/ли ХПВ брисеви. Покриеноста со вакцинација е многу важна, бидејќи што поголем е бројот на вакцинирани, толку е поголема и заштитата на заедницата во којашто живеат.

Оттаму и неодамна, Македонското здружение за цервикална патологија и колпоскопија (МЗЦПК) при Македонското лекарско друштво, бeше домаќин на хуманитарната иницијатива „Ride4Women”, преку која докторите и научниците од Европското здружение за гинеколошка онкологија (ESGO – European Society of Gynecological Oncology) сакаат да го свртат вниманието токму кон превенцијата и раното откривање на ракот на грлото на матката. Останува да се надеваме дека оваа иницијатива ќе даде позитивни резултатиза подигање на свеста кај жените за односот кон оваа болест.

дипл. спец. Оливера Антиќ

Главен уредник на VipHeart.mk