Депресија
Што е депресијата во однос на депресивното расположение?
Всушност, депресијата е ментално нарушување на здравјето кое трае најмалку две последователни недели. Кога депресивната епизода не е реакција на негативни надворешни настани, туку е перзистентно чувство на меланхолија и анхедонија кое влијае на когнитивните процеси и не „поминува“ сама од себе, ниту пак дозволува да биде „излечена“ на вообичаен начин преку дружење, работни активности, хобија итн. Во таква ситуација, се работи за посериозен случај на депресивно растројство или заболување кое функционира создавајќи бесконечен циклус на когнитивни и емоционални депресивни симптоми кои можат да бидат многу перзистентни, дури и при одлични услови на психосоцијална поддршка.
Како се манифестира депресијата?
Депресијата се манифестира на повеќе нивоа.
На телесно (соматско) ниво може да се манифестира преку пореметување во спиењето (несоница или претерано спиење); отсуство на сексуална желба (импонтенција); промени во тежината (значително губење или добивање во тежина за краток временски период); губење на енергија и слично.
На когнитивно (мисловно) ниво личноста има песимистички, црни мисли (некогаш и суицидни) кои се повторуваат, се обвинува себе си, има проблем со концентрацијата, размислува црно-бело, окупирана е со минатото или со грижата за иднината која ја гледа како мрачна, заканувачка и слично.
На емоционално ниво личноста чувствува анксиозност (најчесто генерализирана анксиозност која се манифестира во вид на хронична загриженост), бес (најчесто кон себе), потиштеност и очај, чувство на вина, беспомошност.
Доколку имате најмалку пет од познатите симптоми, тогаш може да ви биде дијагностицирана клиничка депресија. Но, депресијата не е само ментална манифестација, туку предизвикува промени и во мозокот и телото.
Може да ја зафати секоја популација – децата, мажите и жените, а симптомите на депресија делумно се различни кај нив. Разновидноста и променливиот интензитет на депресијата, ја прават тешко препознатлива за пациентот и лекарот, а со тоа се создаваат и потешкотии за нејзиниот третман.
Звучи парадоксално, но, депресијата може да се јави и при наизглед среќни случувања, како што се раѓање на дете, стапување во брак, промена на работата на подобро, завршување на факултет и слично. Сето ова зборува дека се работи за многу сложена позадина на депресијата која во основа има губиток.
Што може да направите за себе?
- Разговарајте за своите чувства со некого на кого му верувате;
- Правете го она во што уживате и што ве прави добро да се чувствувате;
- Бидете во постојан контакт со семејството и пријателите;
- Се советува физичка активност, посебно шетање;
- Неопходни се редовна исхрана и доволно сон;
- Одбегнувајте или ограничете го конзумирањето на алкохолот;
- Ако размислувате за самоубиство или самоповредување, веднаш побарајте помош.
Најдобар третман за лечење на депресијата е комбинација на употреба на фармакотерапија (антидепресиви) и психотерапија.

Психолог, Советник по КБТ

