Дерматоскопија – метода за рано откривање на меланомот на кожата

Дерматоскопија – метода за рано откривање на меланомот на кожата
  1. Дерматоскопија е нова неинвазивна метода на микроскопирање на кожата којашто користи оптичко зголемување за согледување на промени на кожата невидливи со голо око. Со помош на дерматоскопијата сите структури на кожата се согледуваат па лесно се воочуваат различните промени, посебно бемките. Дерматоскопијата е основна алатка за дерматолозите.

Дерматоскопијата е клучна дијагностичка метода со којашто се овозможува разликување на меланоцитните од немеланоцитните пигментирани промени на кожата.

Ефективноста на дерматоскопијата

Неколку студии укажуваат дека дерматоскопијата е корисна во идентификацијата на меланомот посебно кога се користи од страна на експерти во таа област. Со појавата на дерматоскопијата се овозможило детално да се набљудува структурата на кожата посебно кај лицата коишто имаат бројни пигментирани бемки. При тоа се прават и снимки кои потоа овозможуваат пратење на истите бемки во одредени временски интервали.

Што се всушност бемките?

Во кожата во горниот слој којшто се нарекува епидермис, покрај епителните клетки се наоѓаат и меланоцитите коишто се дифузно распоредени во базалниот слој на епидермисот.

Меланинот или пигментот којшто на кожата ѝ дава боја, претставува продукт на меланоцитите коишто пак ја штитат кожата од сончевите зраци. Пореметувањето во функцијата на меланоцитите резултира со зголемена или пак намалена пигментација, додека пореметувањето во растот на меланоцитите доведува до појава на меланоцитни тумори од коишто некои се малигни како меланомот.

Од младеж до меланом

Младежите се циркумскрипни ненаследни аномалии на кожата кои настануват во ембрионалниот развој. Некои се присутни уште по раѓањето а некои се јавуваат во текот на животот. Се разликуваат по структурата и видот на клетките од кои се градени. Некои од нив се добронамерни (бенигни), а некои можат да поминат во малигна форма. Еден од нив е таканаречен Naevus dysplasticus, кој е најчесто генетски предодреден. Лесно е издигнат, има лесна тенденција за раст и бојата е од розеникава до светлосмеѓа. Кај него постои зголемена склоност за преод во малиген меланом.

Во такви случаи потребни се редовни контроли посебно во текот на бременоста, пубертетот и климактериумот, односно било какви долготрајни иритации, а се препорачува и заштита од сонце. За да се отстрани било каков сомнеж најдобро е да се обратите кај дерматолог за дерматоскопски преглед на младежите.

Меланомот е малиген тумор кој го карактеризира висок малигнитет поради раните метастази. Во последно време расте стравот од таа болест бидејќи се регистрираат зголемен број на новозаболени и висок степен на малигнитет како и појава помеѓу младата возрасна група, и со тоа се скратува животниот век, како и квалитетот на животот.

Меланомот настанува на местата со пигментни промени, најчесто од диспластични младежи но има и такви коишто настануваат како нова промена на претходно непроменета кожа.

Подеднакво штетни се излагањето на вештачки извори на УВ зраци во солариуми, но секако важна е и индивидуалната осетливост на сончевите зраци.

Фактори на ризик за појава на кожен карцином

Точна причина за појавата на ракот на кожата се уште не постои но се докажани фактори на ризик кои ја зголемуваат појавата на ракот на кожата. Дефинирањето на главните фактори на ризик за развој на меланомот е од суштинско значење за рано откривање и превенција.

Бојата на кожата

Ракот на кожата почесто се јавува кај белата раса кај лицата со светол тен на кожата.

Генетскиот – наследниот фактор

Почесто се јавува кај лица кои имале во своето семејство болен со карцином на кожата.

Полот и возраста

Ракот на кожата е почест кај машкиот пол а во однос на возраста е почест кај лица над 40 годишна возраст.

Изложеноста на сончеви зраци и вештачки извори на УВ зраци

Дејството на УВ зраците е кумулативно, со зголемување на времето на изложување на сонце или друг извор на зрачење ризикот за појава на ракот се зголемува.

Детската кожа и ракот на кожата

Појавата на рак на кожата во детството е речиси непознат, но погоре споменатите фактори на ризик коишто произлегуваат како резултат на кумулативниот ефект на УВ зрачење поради прекумерната или интензивна експозиција може да доведе до појава на изгореници, почнувајќи уште во детството. Нашата кожа го памети секој момент кога ние сме изложени на сонце уште и во детството. Мошне често, во текот на летото, децата поминуваат часови и часови на плажа играјќи во песокот, водата или во плитките води само во костуми за капење или потполно голи. Нивните родители се уште се водат по правилото на носење на влажни бели маици коишто тие веруваат дека ,,ги одбиваат” зраците од сонцето и прават заштита од појавата на изгореници (напротив, ние треба да имаме на ум дека некои бели ткаенини, кога се влажни пропуштаат многу поголеми износи на УВ зраци на кожата). Благодарение на овој однос, навиките и верувањата на родителите, се повеќе деца се изложени на зголемена вкупна доза на УВ зрачење кое доведува до оштетување на кожата и подоцна во животот може да резултира со појава на рак на кожата.

И не заборавајте – Заштитете ги вашите деца од сонцето со заштитен фактор којшто мора да биде минимум 30 СПФ или повисок од 30 СПФ.

Самопреглед на кожата за превенција за рак на кожата (меланом)

Како да се препознае

Направете самопреглед на вашата кожа со помош на огледало и внимателно прегледајте ја кожата на целото тело вклучувајќи ја и кожата на рацете и нозете.

Секогаш придржувајте се кон АBCDE правилото :

  • A-асиметрија (Asymmetry)
  • B-граници (Border irregularity)
  • C-боја (Color variation)
  • D-дијаметар (Diameter greater than 6 mm)
  • E-еволуција (Evolution )

Превенцијата на појавата на карциномот на кожа се состои од избегнување на факторите на ризик и постојаниот самопреглед на вашата кожа.

Избегнувајте претерано излегување на сонце

Докажано е дека помеѓу клучните фактори за зголемена присутност за појава на меланом е прекумерното излегување на сонце, а посебно опасни се изгорениците од сонце здобиени во детството и младоста.

  • Секогаш носете заштитна облека( капи, маици со долги ракави доколку излегувате на сонце)
  • Користете заштитни кремови за сонце
  • Нанесете средство за заштита на кожата половина час пред да излезете на сонце како и нанесувајте го заштитниот крем на секои 2 саати
  • Избегнувајте изложување на сонце од 12 часот до 16 часот
  • Редовно прегледувајте ја вашата кожа
  • Обратете се веднаш на дерматолог доколку забележите промена на вашата бемка како: промена на боја, големина, крварење, јадеж и болка.

М-р др. Наташа Теовска - Митревска

Специјалист дерматовенеролог