Детето и емоционалната писменост

Детето и емоционалната писменост

Мрзливо дете“, „непослушно дете“, „лошо дете“, „немирно дете“, „тромаво дете“, „невоспитано дете“, „заборавно дете“, „плачливко/а“, „ кукавица“, „безобразник/чка“, „нервозно дете“. Тоа се секојдневни поплаки на родителите, па дури и на наставниците.

Етикети, етикети, критики. Зад овие епитети се кријат „забранети“ чувства; на пример, страв и тага кај момчињата, а кај девојчињата лутина. Тоа е родителски став за да се стане „јака личност“. До што доведуваат овие епитети? Кои се последиците од тоа?

Тие го прават детето несигурно, несреќно, осамено, повлечено или агресивно. Го намалуваат неговото самопочитување и создаваат кај него лоша слика за себеси. Во текот на животот се акумулираат емоционални повреди и кога доволно ќе се насоберат го оправдуваат изразувањето на потиснатите емоции на неконтролиран и деструктивен начин.

Поради тоа во главата на децата се вртат многу прашања: „Дали некој се запрашал зошто сум такво?“; „Зошто сум осамено, повлечено, несфатено?“; „Зошто другарчињата не сакаат да си играат со мене?“; „Дали можете да почувствувате како се чувствувам јас?“; „Дали би можеле да ми помогнете?“.

Дали има решение? Да.

Уште од најмала возраст децата треба да се учат на емоционална писменост. Емоционалната интелигенција е способност за емпатија; чувство за себе, другите и околината. Таа е способност да се „читаат“ своите и туѓите емоционални состојби и со зборови да се опишат чувствата.

За да можат децата да се описменат емоционално, пред сè потребно е родителите да бидат емоционално писмени.

Луѓето се разликуваат според тоа колку се во состојба да ги препознаат емоциите и да ги поврзат со одредени случувања или со мисловниот тек.

Емоционално неписмени се оние кои не се во состојба ниту да ги доживеат диференцираните чувства ниту да ги именуваат. Тие некогаш не се сигурни дали тоа што го чувствуваат во телото е почетен знак за некоја органска болест или пак е само реакција на некоја животна ситуација. Поради тоа се насочуваат да се занимаваат со телото, а не со ситуацијата која всушност ги предизвикала. Истото се случува кога се во прашање и нивните деца. Се појавуваат силни дифузни емоционални состојби кои ги доживуваат во целото тело. Недоволно дефинираните емоции силно го активираат целото тело, така што постои склоност на ваквите личности кон психосоматски болести.

Кога некој е способен да го именува чувството кое го доживува така што на пример, ќе каже „јас сум лут“ или „јас се исплашив“, тогаш покажува почетна емоционална писменост. Кога детето ќе располага со поголем фонд на зборови за чувства тоа повеќе ќе ги разликува поединечни чувства како поими и е во состојба поточно да ги препознае и да опише што чувствува. Од таа причина важно е родителите на децата да им ги именуваат емоционалните состојби кои тие ги доживуваат така што им зборуваат: „ти сега си лут“; „ти сега си исплашен“ итн.

Следен степен на емоционална писменост е кога детето е способно својата емоционална состојба да ја поврзе со одреден настан или мисловен тек. Тогаш тоа е способно да размислува за ситуацијата така што ја преиспитува било самата ситуација било својата емоционална реакција.

Кога детето ќе биде во состојба да ги разбере сопствените чувства и да ги поврзе со животните ситуации или со мисловните текови, тоа станува способно да претпостави како другите се чувствуваат во слични ситуации. Така настанува способноста за емпатија – соживување во емоционалните реакции на другите луѓе.

Катерина Галеска

Психолог, Советник по КБТ