Генитални брадавици (Condylomata acuminate)

Генитални брадавици (Condylomata acuminate)
Што се генитални брадавици?

Гениталните брадавици се предизвикани од Хуман Папилома Вирус (ХПВ) тип 6 и 11 кои се пренесуваат по секуален пат. Тие личат на израстоци во пределот на гениталите, околу чмарот и медицинскиот назив е Condylomata acuminate. Инкубацискиот период (периодот од контактот и видливата инфекција ) може да е од 8 дена до 9 месеци. Вирусот може да е присутен во кожата со месеци или години без видливи знаци.Ова значи дека го носиме вирусот без да знаеме. Ако после излекувањето на брадавиците тие повторно се појават обично станува збор за активирање на истиот вирус а не нова инфекција. Гениталните брадавици не се наследуваат. Тие можат да бидат да бидат присутни и кај мажот и жената. Обично во возрасна група од 20 до 30 години.

Кои се знаците и симптомите на гениталните брадавици?

Речиси секогаш присуството на брадавиците го открива самиот пациент, освен субјективно чуство на лесен јадеж нема други знаци.

Обично пациентите веќе на почетокот се свесни за постоење на истите. Постоењето на брадавици сепак може да биде пратено со исцедок од вагината или анусот и многу ретко е присутно и лесно крварење.

Како да ги препознаете?

Брадавиците наликуваат на мали израстоци кои дотогаш сте ги немале мазни при допир со боја на кожа, или потемни од околната здрава кожа.

Како се дијагностицираат?

Дијагностицирањето го прави Вашиот дерматовенеролог. Посебно внимание се посветува и иследува доколку промените не наликуваат на брадавици т.е се потемни од бојата на кожата или доколку улцерираат тогаш вашиот дерматолог може да земе и биопсија од промените.

Доколку брадавиците се сместени и подлабоко (вагината или цервиксот ) тогаш е потребно е да се направи и вагинален преглед и поретко ендоскопски преглед (внатрешен во анусот или во уретрата доколку брадавите се присутни на тие места.

Каква е прогнозата на брадавиците?

Прогнозатата е варијабилна т.е зависи од имунолошкиот статус на самиот организам. Некои можат и спонтано да исчезнат или да се појават и повторно и по излекувањето.

Дали  се лекуваат?

Да, но е многу тешко да се знае дали вирусот бил комплетно отстранет. Брадавиците што се повторуваат и кои подолго време не се лекуваат секогаш бараат повторувачки тертмани.

Тие третмани може да траат со месеци се до комплетно нивно отстранување. Брадавиците/ кондиломите се многу заразни. Употребата на кондом како единствено средство за спречување на ширење на брадавите по секусален начин, не секогаш дава комплетна заштита. Ризикот за пренос е поголем кај оние кои имаат повеќе сексуални партнери.

Компликации

Големите брадавици се многу ретки како појава кај здрави индивидуи, но секако може да се видат кај бремени жени и кај оние со намален имунитет. Може да предизвикаат болка, да имаат секундарна бактериска инфекција, крварење и доколку се присутни во уретрата, вагината и анусот да предизвикаат и нивно функционално пореметување.

Скринингот за цервикална дисплазија треба да биде дел од иследувањата поради можноста за ко-инфекција на цервиксот со карциногениот тип на ХПВ (16, 18). Како и да е жените се со поголем ризик за добивање на премалигна цервикална промена или инвазивен цервикален карцином за разлика од мажите доколу во моментот имаат и добиено и брадавици.

Како се третираат?

Третманот зависи од локализацијата и големината на брадавицата. Постојат повеќе методи за нивно отстранување криотерапија (смрзнување со течен азот), ласерско отстранување, електро кауетризација и подофилотоксин апликација. Друг тераписки можност е зголемување на локалниот имнуитет против вирусот со имиквимод крема.

Постојат и вакцини против карциногените и не карциногените ХПВ вируси (тпи 16, 18, и 11 и 6) кои веќе се широко употребувани. Тие најверојатно ќе го намалат ризикот од инфекција во иднина.

Брадавици за време на бременост?

Третманот на брадавиците кај бремени жени треба да започне што е можно побрзо. Како и да е во последните 8 недели од бременоста одредени деструктивни методи треба да се избегнуваат. Најдобро средство за треман е апликација на криотерапија (течен азот ) еднаш неделно. Подофилотоксинот и Имиквимодот се потенцијално штетени за време на бременост и може да го оштетат фетусот и се строго забранети за време на бременоста.

М-р др. Наташа Теовска - Митревска

Специјалист дерматовенеролог