Хиперкинетско дете
Детето С.Л., на возраст од 7г. и 6м., второ одделение, доаѓа со родителите по препорака од наставничката затоа што е немирно на час, зборува без престанок, се врти, им пречи на другите деца, бара да оди во тоалет, нема истрајност во работата, недоволна концент-рација, често паѓа и се повредува, секогаш е дежурен виновник во одделението. Наставничката им вели на родителите дека тоа може и повеќе кога сака. Учи со принуда, заборава што има за домашна, мора некој да го потсетува. Кога е одморено е поефикасно, за разлика од попладне кога е изморено и потешко помни. Сака да игра со деца, но брзо се лути и често им ја растура играта и станува агресивно. Заборава делови од облеката и училишниот прибор.
Зошто некои деца не можат ниту за момент да бидат мирни?
Зошто не успеваат да го сосредоточат вниманието на зборовите од наставниците или родителите?
Зошто и најмала дразба може да ги вознемири и да ги заврти како вртелешка?
Станува збор за проблем кој е карактеристичен за децата кои патат од АДХД синдром, односно се работи за развоен хиперкинетски синдром – растројство поради нарушено внимание и хиперактивност – според американските автори. Оваа појава е почеста кај машките деца отколку кај девојчињата.
Се појавува некаде од втората и третата година од животот, но, тој не е препознатлив сè до поаѓањето во училиштето, бидејќи дефицитот на вниманието доаѓа до израз во училницата, каде што детето не може да го задржи вниманието на предавањето и не може да седи во училишната клупа подолго од 45 минути и не може да се фокусира на училишните задачи.
Развојниот хиперкинетски синдром претставува нарушување на психомоторната организација (импулсивност и хиперактивност) или растројство на вниманието и расеаност или комбинација на двете работи.
И покрај големиот број испитувања на централниот нервен систем не е најден ниту еден сигурен доказ дека таму се причините за таквото растројство. Понекогаш се работи за повреда на мозокот (кај мал број на случаи), понекогаш за генетска преодреденост, влијанието на околината, исхраната.
Неуспех на училиштето
Сознајните функции кај децата со овој синдром се изменети, поточно, нивната интелектуална функција е послаба заради слабото внимание, претераната активност која недозволува детето да ги прибере потребните информации, како и заради брзоплето, погрешно и случајно заклучување.
Наставниците почнуваат да се сомневаат на пречки во интелектуалниот развој и бараат детето да биде испратено на прегледи
Децата со хиперкинетско однесување имаат тешкотии во однесувањето дома и на училиште, во односите со врсниците, со авторитетите и во успехот во училиштето.
Кога детето има несоодветно однесување, а не ги препознава своите грешки во однесувањето, ќе има проблеми и со наставниците и со соучениците, па кај него може да дојде до емотивно страдање и да ја изгуби самодовербата. Во таков случај таквото дете кое секогаш е насмеано и обично важи за „ведар кловн“, може да стане депресивно, а тоа да го искаже со агресија кон околината.
Неретко се случува да реагираат родителите на другите деца и да уценуваат дека ќе ги испишат своите деца доколку не биде отстрането „проблематичното“ дете од одделението.
Како да им се помогне?
На хиперактивните деца за да им се пружи адекватна помош и поддршка, потребно е да се обратат на стручно лице (психолог, дефектолог…) кој ќе утврди дали се работи навистина за АДХД и да предложи адекватен третман. Третманот би се состоел од општа реедукација на моториката и вежби за координација, вежби за подобрување на вниманието, специјални вежби за графомоториката, психотерапија, давање на лекови. Инаку, кинетичките проблеми на хиперактивните деца главно се средуваат кога ќе стигнат во средно училиште, а проблемите со нарушената концентрација може да продолжи и подоцна во животот.
Препораки за родителите
За да можат да му помогнат на своето дете, родителите треба и самите да поминат психотерапија за да сфатат дека се работи за еден вид на растројство. Важно е да го разберат проблемот на своето дете и барањата да ги приспособат според тоа. Да имаат висок праг на толеранција, да развијат вештини за да можат да бидат доследни во одржувањето на границите на дозволеното за нивното дете. Да не го казнуваат детето, туку да пристапат со позитивен стимул, со хумор и ако дадат сопствен пример. Пофалбите вредат повеќе од казните. Да го вклучат во некоја слободна активност која не вклучува натпреварување туку тимска работа – спорт, фолклор, пливање, танцување…
Во воспитувањето е важна согласноста на двата родитела, доследноста во однесувањето и реагирањето во одредени ситуации. Постојано да се обидуваат со објаснување, давање на јасни и кратки упатства, едноставни задачи, заеднички да ги планираат активностите, да му помагаат во планирањето на учењето (да решаваат една по една задача и да се награди), поголемите целини да се поделат на помали.
Со разговор смирено да му укажат што не чини во одредено однесување и да го пофалат детето секогаш кога тоа позитивно ќе изреагира. Тоа ќе ја зајакне самодовербата на детето.
Препораки за наставниците
Ваквото дете да се прифати онакво какво што е и да му се помогне. Детето може ефикасно да работи само во кратки интервали (20 мин.) и да прави паузи. Треба да се земат во предвид неговите „лоши“ и „добри“ денови. Во „лошите“ денови родителите и наставниците треба да му постават помали барања отколку во „добрите“ денови. Одржувајте контакт со очи со ученикот. Давајте јасни и концизни насоки. Поедноставете ги сложените инструкции и избегнувајте да давате различни насоки. Бидете сигурни дека ученикот ве разбрал пред да започне да работи. Повторете на пријатен, позитивен начин ако е потребно. Помогнете му да се чувствува удобно и ако има потреба да побара помош. На овие деца им е потребно повеќе помош за подолг временски период отколку на просечно дете. Постепено, со текот на времето може да се редуцира помошта. Често набљудувајте ги овие деца. Родителите и наставниците нека му дадат на детето можност за успех и за самопотврдување на оние подрачја на кои тоа може најуспешно да се афирмира.
Важно е и соучениците да научат да не го провоцираат ваквото дете, туку во одредени ситуации да го смируваат, да знаат на кои возрасни да се обратат за помош и да ги предупредат наставниците.
Треба да се знае дека детето не пишува лошо, не чита лошо, не е немирно, не е расеано, не е заборавно, не е мрзливо или невоспитано, туку тоа така се однесува заради некои особености во функционирањето на нервниот систем.

Психолог, Советник по КБТ

