Интелектуалниот капитал основа за развојот на постмодерното општество и раст на конкурентноста на компаниите
Живееме во општество каде вртоглаво технологијата се развива и секојдневно се соочуваме со нови технолошки изуми кои влијаат врз секоја сфера на човековото живеење. Технолошката револуција неминовно го трасира новиот тек на работата на компаниите во корелација со човечкиот фактор, без кој ниту една сфера од работењето не може да се замисли. Вистина е дека сето ова во изминатите години допринесе за намалување на работната сила и засилување на синдикалните организации од една страна но и допринесе за развој на една „нова“ димензија во работењето – интелектуалниот капитал како основа за раст на конкурентноста на компаниите, без чие постоење не може да се замисли работата на ниту еден сектор.
Постомодерното општество дава голем акцент на нематеријалните средства како еден од клучните фактори за успешно и целисходно работење во насока на зголемување на материјалните средства и финансиските ресурси на организацијата. Станува збор за интелектуален капитал – нематеријален ресурс, збир од знаење, информации, интелектуална сопственост и искуство. Збирот на сите овие го даваат крајниот и посакуван резултат во работењето – конкурентност и одржливост. Интелектуалниот капитал се дефинира и како нематеријални средства, како што се патенти, трговски марки и авторски права, кои можат да бидат вклучени во традиционалните финансиски извештаи, како показател дека и овие цели се мерливи во рамките на општествените и финансиските здружувања (компаниите). Клучните три елементи на овој вид капитал кои повторно се од нематеријална природа се човечкиот капитал, структурниот капитал и релациониот капиталот. Збирот од овие три димензии се двигатели за создавање богатство или вредност.
Човечкиот капитал е всушност човечкиот фактор во организацијата, без чие постоење и влијание не е возможно да се преземат никакви акции. Вклучува знаење, вештини и искуства кои вработените ги имаат стекнато претходно, ги стекнуваат во процесот на работа и ги носат откако ќе заминат. Тие се вештини стекнати кои не може да се изгубат, но кои може да стагнираат или пак да се надоградуваат. Токму заради тоа, организациите издвојуваат финансиски средства од сопствениот буџет кои се директно наменети за обуки и семинари за надоградување на формалното и неформалното образование со една цел обезбедување долгорочен опстанок на организацијата. Обучен и способен, информиран и компетентен кадар, толеранција за двосмисленост, мотивација, задоволство и способност за учење, лојалност и флексибилност при работата е инвестиција во човечкиот капитал кој се враќа со повисоко ниво на заработка, поголемо задоволство од работата и подобри можности за кариера. Настанува трансформација од човечки ресурси во човечки капитал, кој понатаму е клучен елемент во пазарната вредност на компанијата.
Меѓутоа, за целиот процес за биде комплетен, подеднакво важни како и внатрешните односи во самата организација се и сите ресурси поврзани со надворешните односи на фирмата, со клиенти, добавувачи или партнери кои го сочинуваат релациониот капитал. Раст во обемот на продажба, задоволството на купувачите, ефективноста на рекламната кампања, бренд лојалност и перцепција, репутација на компанијата се дел од показателите за успешност на организацијата во овој дел од делокругот на работа со надворешниот свет и надворешните односи.
Но, што е тоа што недостига? За овој процес за биде целокупен, потребна е инвестиција на претпријатието во неговите системи, неговата оперативна филозофија и неговите снабдувачки и дистрибутивни канали. Тоа се систематизираните, пакуваните и кодифицираните компетенции на организацијата, како и системите за искористување на таа способност. Иновативниот капитал е способноста да се обнови организацијата, како и резултатите од иновацијата. Овие резултати вклучуваат заштитени комерцијални права и интелектуална сопственост.
Нематеријалната природа на многу производи и процеси на знаење, во комбинација со зголемената важност на нивната вредност во корпоративните биланси на состојба води до зголемен интерес за управување со интелектуалниот капитал. Создавањето, обликувањето и ажурирањето на залихите на интелектуалниот капитал бара формулација на стратешка визија, која ги спојува сите три димензии на интелектуалниот капитал (човечки, релационен и структурен капитал) во рамките на организацискиот контекст преку истражување и експлоатација, мерење и објавување.

Основоположник на Институтот за животна средина, енергетика и градежништво ИЕГЕ

