Немирно наспроти хиперкинетско дете
Поплаки, поплаки. Колку пати во деновите сте ги слушнале за однесувањето на вашето дете? Добивате коментари дека тоа е многу интелигентно и напредно но, и дека не сака да слуша што му се зборува, немирно е, ги задира другите деца, немирно седи… Бурно реагира кога другите деца го навредуваат, го прават секогаш виновен итн. Сте добивале ли поплаки за однесувањето на детето во градинка, во училиште, дома, кај дедо и баба, на игралиште?
Но, и самите родители, кои се исцрпени, знаат да се пожалат дека не можат да се справат со своето дете кое место не го фаќа. Немаат решение за некои ситуации, се чувствуваат беспомошно, па и луто, имаат чувство дека некаде згрешиле во воспитувањето.
Мислите дека сè сте направиле што е во ваша моќ, а вашето дете и понатаму е „невозможно“? Неговото однесување не се менува без разлика на наградите, казните, заканите и пофалбите? Колку пати сте помислиле дека сте лош родител?
Но, дали поплаката е на место? Дали детето, кое како да е приклучено на „моторен погон“, е само пргаво, претерано „живо“ или станува збор за проблем, за чие надминување е потребна стручна помош и големо умеење од најблиските? Повеќе пати сте помислиле дали моето дете е хиперактивно?
Немирноста или непослушноста е очекувано однесување кај децата. Помала или поголема разиграност, љубопитност, одредено испитување на границите на родителската толеранција и стрпливост, претставуваат составен дел од растењето на секое дете. Меѓутоа, понекогаш родителите овие вообичаени детски палавости погрешно ги нарекуваат „хиперактивност“, дури и со тоа се фалат на некој начин, не забележувајќи колку, всушност, грешат. Исто така, поимот „ хиперактивност“ се меша и со размазеноста или интелигенцијата.
Немирно дете
Немирното или палаво дете има само пожив темперамент, кој е биолошка карактеристика за цел живот. За разлика од дете со АДХД синдром, немирното дете или е во некоја своја развојна фаза поактивно, или генерално, во однос на своите врсници, е поразвеселно, попалаво, подинамично, порастрчано. Сепак, дури и кога неговото однесување претставува проблем за околината, тоа не значи дека има АДХД. За тоа треба да утврдат само стручни лица (психолози, дефектолози, педијатри, психијатри). Меѓу пргавите деца се „кријат“ и деца за кои родителите ги испуштиле конците од раце. Тоа, понекогаш е „само“ презаштитено, од страна на родителите или други возрасни личности. Бидејќи, кога тие не се однесуваат во согласност со возраста на детето, кога не го насочуваат на одредено однесување, го пуштаат без ограничување да прави што сака, тогаш детето својата немирност, непослушност дополнително ќе ги негува. Детето не може да го научи значењето на зборовите „НЕ“ и „НЕ МОЖЕ“. Немирното дете остава впечаток дека многу нешта ги може и знае, ама, просто, не сака, затоа што навиканало некој друг да ги прави наместо него. Во вакви случаеви се работи за пропусти во воспитувањето. Не е направена граница што му е дозволено на детето, а што не, до каде може да оди, ниту му е структуирано времето. Времето на детето треба да има распоред и тоа да знае дека има време за играње, за учење, за спиење… Без тоа, одгледувањето на секое дете без разлика дали е палаво, пргаво или мирно и повлечено, ќе биде хаотично. Доколку детето не ги знае ограничувањата, гледајќи од страна ќе изгледа како хиперактивно.
Разликата помеѓу „немирно“ и „хиперактивно“ дете
Кога ќе наиде на нешто што го интересира, што го сака, тогаш вниманието на „само“ немирното дете е фокусирано и може да се задржи подолго време на таа активност. Тогаш престанува со сите други активности и знае да ја организира играта и средината, по своите потреби или пак, со другите деца, без постојанато викање, без рушење и менување на правилата на играта.
Сепак, основната разлика е што хиперактивното дете има дефицит на внимание и зголемена потреба за движење во секој момент и во секоја ситуација. Односно, тоа не ги распознава барањата на различните ситуации, па на ист начин се однесува и во својот дом, кај баба и дедо и во училиште.

Психолог, Советник по КБТ

