Анестезиологијата е најубавата гранка во медицината и е љубов која започнува на прв поглед и трае засекогаш – Проф. д-р Мирјана Шошолчева
1. Како бард во областа на анестезиологијата кај нас, колку според Вас анестезиологијата е битна гранка од областа на медицинската наука?
– Анестезиологијата е респектирана област во широката биомедицинска заедница на академски науки. Како специјалност безусловно подразбира познавање на повеќе специјалности како што е пред сé хирургијата, интерната медицина, педијатријата, опстетрицијата, клиничката фармакологија, применетата физиологија и биомедицинската технологија. Оттаму, како гранка во медицинската наука, јас со сиугурност можам да кажам дека анестезиологијата е кралица во медицината. Затоа и на моите предавања со студентите, се трудам да им објаснам колку е значајна анестезиолошката практика и голема улогата на анестезиологот во интраоперативниот менаџмент и постанестетичката грижа на пациентите. Задачата на анестезиологот освен за ослободување и превенција од болка за време и по хируршкиот зафат, изведување на безболни терапевтски и дијагностички процедури е и мониторинг и одржување на нормална физиологија за време на периоперативниот период. Менаџментот на критично болните пациенти во Единиците за интензивно лекување е особен предизвик и уште една голема одговорност. Дијагнозата и третманот на акутна, хронична и болка поврзана со канцер, клиничкиот менаџмент за кардијална и пулмонална ресусцитација, како и проценката на респираторната функција и апликација на респираторна терапија се дејности во кои анестезиологот /реаниматор/интензивист е супериорен.
2. Не ретко слушаме дека добар анестезиолог е пола успешно извршена оперативна интервенција. И навистина е така, но што мислите Вие за тоа?
– Анестезиологот и хирургот се дел од тим во кој несомнена улога имаат и иснтрументарката и анестетичарката. Без било кој добар член од тимот не е возможна успешна оперативна интервенција. Анестезиологот ја утврдува состојбата и ги подготвува пациентите за анестезија, обезбедува безбедност и сигурност на пациентите во тек на оперативната интервенција, заштита од оперативниот стрес, погодни услови за работа на хирургот, а со тоа овозможува и брз развој на хирургијата како наука. Но, уште еднаш сакам да потенцирам дека успешната оперативна интервенција зависи од секој член на тимот безусловно.
3. Имаме ли во Македонија доволен број на анестезиолози, согласно информациите дека и тие се дел од медицинскиот кадар кој се иселува од земјава и има ли според Вас решение за ваквите состојби?
– Во Македонија за жал нема доволен број на анестезиолози и оваа состојба трае многу одамна, можеби уште од почетокот на моето вработување па сé до денес. Дел од одговорот зошто е тоа така е што здравствените власти не секогаш можеле да ги препознаат сите дејности во кои се вклучени и за кои се одговорни анестезиолозите. Во планирањето на работниот процес во болниците и потребата од кадар не секогаш беа слушнати барањата на анестезиолозите. Ова, и континуираното заминување на нашите анестезиолози надвор од земјата доведе до тоа денес да имаме, слободно можам да кажам катастрофална состојба во бројот на анестезиолози. По завршена специјализација од пет години која е според Европските стандарди на Унијата на медицински специјалности во Европа (УЕМС), нашите колеги имаат отворени врати за работа во било која Европска земја, во Малта, Кувајт, Дубаи, саудиска Арабија, Катар, со брзо нострифицирање на дипломата. За да ги задржите анестезиолозите во Македонија, но и оние кои од јавното здравство преминуваат во приватните болници, пред сé треба вистински, но навистина вистински да го вреднувате нивниот труд. Не сите заминуваат само заради финансиски причини, си заминуваат заради подобри услови за работа, заради подобар живот, свој и на своите семејства кои можат со својата работа да им го пружат во други земји. Заедно со нас си заминуваат и нашите први соработници, анестетичарите, за кој проблем не се зборува, а е многу сериозен. Решението за подобрување на состојбата со недостиг на анестезиолози и анестетичари јас го гледам во континуирано вработување на кадар според вистинските потреби, почитување на програмата за специјализација од страна на раководните структури во болниците кои недостатокот на кадар се обидуваат да го решаваат со повлекување на анестезиолозите во матичните куќи и со прекинување на нивниот стаж, вистинско вреднување на нивниот труд, и тоа дефинитивно на сите доктори во однос на другите општествени работници, но секако најважно, ако не и клучно, подобрување на општествената состојба во земјата.
4. Покрај тоа што сте Раководител на Катедрата за анестезиологија со реанимација на Медицинскиот факултет во Скопје, Вашата наставната дејност е по предметите: анестезија со реанимација, ургентна медицина, прва помош и здравствена нега за студентите од прв, втор и трет циклус студии, и тоа за студентите по општа медицина и стоматологија, за специјализантите по Анестезиологија со реанимација и специјализантите по семејна медицина, како и за студентите на тригодишните студии за медицински сестри, рентген техничари. Предавате и научноистражувачка етика на докторските студии. Тоа е голем наставен ангажман и што тој значи за Вас и вашите студенти?
– Јас уживам да спремам предавања за моите студенти, тогаш можам да ја покажам мојата креативност како педагог и се надевам дека тоа успешно го правам. Би сакала моите студенти да ме запаметат како професор кој е рамноправен со нив, само што е со поголемо знаење и стручност кои тие треба понатака да ги стекнат и да бидат подобри од мене. Во наставата се трудам да им ги претставам темите кои ги предавам на начин кој ќе придонесе тие да ја засакаат нашата анестезија и реанимација и евентуално тоа да биде нивна понатамошна определба. Многу пати разговарам со нив за нивните афинитети, размислувања и ги охрабрувам да бидат навистина наши партнери во текот на студирањето, да ја евалуираат нашата работа како професори, не само анонимно, туку тоа да го прават отворено и транспарентно. Огромно ми е задоволството кога во евалуацијата на нашите предмети ќе ги видам највисоките оценки во споредба со другите предмети, а за тоа секако се заслужни сите наставници од нашата Катедра.
5. Имате импозантна професионална биографија. Сенатор сте на УКИМ од 2016 година и потпретседател на МЛД од 2017 година. Членувате и во меѓународни професионални здруженија, член сте на Европското здружение на анестезиолози (ESA), на Европското здружение на критични болни (ЕSICM) и на основачкиот комитет на Балканскиот анестезиолошки форум (BAF). Од 2010 година сте и член на Европскиот борд на анестезиолози (ЕВА), секција при Унијата на Европски медицински специјалности (European Board of Anesthesiologists – UEMS), и активно работите целиот овој период во подготовка на европски курикулуми на специјализацијата по анестезија, реанимација и интензивно лекување. Во ова тело сте и како акредитор на Европски симпозиуми, конгреси од областите анестезија и интензивно лекување. Како претставник од ЕВА, акредитирате болници и тренинг центри во Европските земји за специајализанти по анестезија и интензивно лекување. Згора на се сте и член на Европскиот Совет за Анестезија (ESA Council) како претставник од нашата земја избрана во втор мандат и потпретседател на Македонското лекарско друштво. Како излегувате на крај со сите овие обврски и ангажмани? Често патувате…… Какви импресии носите од сите овие меѓународни професионални контакти?
– Моите ангажмани надвор од земјата започнаа многу одамна, уште во 1995 г. кога за прв пат имав пристапно предавање за членство во Европската Академија на анестезиолози, во Берн. Бев подржана од два еминентни странски професори, членови на Академијата и тоа е најубавиот период од мојот професионален живот. Академијата беше највисокото научно тело во нашата Европска асоцијација на анестезиолози кое одржуваше состаноци низ Европа и каде беше навистина чест да бидете избрани да предавате. Подоцна Академијата стана дел од ЕСА каде продолжи мојот ангажман. Јас моите патувања и учество на конгреси ги финансирав сама, мислев и се уште мислам дека секој од нас треба да оддели дел од својата заработувачка за професионалното усовршување. Не можете да чекате некој друг тоа да го прави место вас и тоа да биде причина за вашето неучество на конгреси и симпозиуми. Се разбира, ако вашата установа или некој друг општествен чинител препознае дека може да помогне, тоа е секогаш добредојдено. Јас со години учествувам на два конгреса или симпозиуми годишно надвор од нашата земја. На тие состаноци сретнувате колеги кои повеќе или помалку ја знаат вашата земја, а вие имате прилика да им ја претставите во најдобро можно светло. Ви се пружаат можности да учествувате во работни групи и тела каде работата е волонтерска, но е прекрасна. Во една од тие групи на Европскиот борд на анестезиолози, групата за развивањето на едукацијата во нашата област работам од 2010 година и горда сум што успеав нашата специјализација да ја усогласам со европските курикулуми, за што особена благодарност имам од нашите специјализанти кои специјализираат по Европска програма.
6. Вашите колеги велат дека сте една од ретките професори кои се уште дежура, што во денешно време е вистинска реткост? Од каде тој порив комплетно да им се оддадете на потребите на вашата здравствена институција и пациентите?
– Дежурам од почетокот на моето вработување до денес. Никогаш не помислив да се исклучам од дежурства ниту кога станав професор, ниту кога ги исполнив законските услови и кога можев да престанам да дежурам. Не е само причината што нема доволно кадар па заради тоа е невозможно да се исклучам од дежурства, туку за мене работните обврски на комплетен анестезиолог подразбираат и дежурства. Впрочем и нашата специјалност е таква што голем дел од своите дејности анестезиолог ги извршува за време на дежурства. Сепак, ќе откријам за вас една тајна, конечно од овој септември ќе ги намалам моите дежурства на половина, од дежурање на секоја петта или шеста ноќ во сите овие 37 години преку годината и на секоја трета ноќ сите овие години во летниот период.
7. Согласно сиот ваш ангажман, имате ли време за она што Ве релаксира и ве прави среќна?
-Да, секогаш имам време за шетање, одмор и уживање. Секој пат кога сум слободна одам во Дојран, таму ги полнам моите батерии. Ме прават среќна средбите со моите студенти надвор од факултетот на летните школи во Охрид, ме прават среќна седенките со моите специјализанти и секогаш многу се радувам кога ќе ми закажат средба, а тоа го прават барем еднаш месечно кога одиме или низ Македонија на различни места и таму целодневно се дружиме или некаде во Скопје. Прошетките со мојата Бри, тулеарски бишон, ме прават среќна.
8. Имате ли можеби некоја порака до вашите млади колеги и оние чинители на здравствената политика во Македонија?
– Јас на сите мои млади колеги им велам дека анестезиологијата е најубавата гранка во медицината и е љубов која започнува на прв поглед и трае за секогаш. Знам често во шала да им кажам и тоа стана наше мото дека “анестезиолозите се најпаметните, највредните, најчесните и најубавите”. На младите колеги им порачувам освен ова од нашето мото, да бидат слободоумни, и напредни.
Здравствените власти не само декларативно, туку и вистински да препознаат дека нашата вистинска сила се младите колеги, дека од нив можеме многу да научиме, и дека и ние стануваме подобри кога учиме од нив. Впрочем и последните вклучувања со сугестии од Асоцијацијата на младите лекари и специјализанти покажаа дека од нив навистина имаме што да научиме.

Главен уредник на VipHeart.mk