Успешно завршување на европскиот проект за одржливо управување со води – RESONATE и доделување на сертификати за учесниците

Успешно завршување на европскиот проект за одржливо управување со води – RESONATE и доделување на сертификати за учесниците

Градежен Институт Македонија – ГИМ како координатор и Институтот за истражување во животна средина, градежништво и енергетика ИЕГЕ, заедно со партнерските институции го означија завршувањето на Еразмус+ проектот Sustaianble Water Management – RESONATE и доделија сертификати на учесниците кои успешно ги завршија курсевите.

Целта на проектот RESONATE беше да обезбеди сеопфатно инженерско знаење и развој на научни, комуникациски вештини и вештини за решавање на проблеми преку комбинација на практични курсеви, индустриски проекти и теоретски основи. Во рамките на проектот RESONATE се одржаа 11 курсеви во рамките на 5 модули и се доделија 158 сертификати на 53 учесници од 9 земји.


На завршниот настан кој се одржа на 21 септември 2021 година, Доц. д-р Златко Илијовски, директор на оддел хидрогоелогија во Градежен институт Македонија – ГИМ и Проф. д-р Ангелина Танева-Вешоска, директор во Институт за истражување во животна средина, градежништво и енергетика – ИЕГЕ преку нивното обраќање дадоа убав осврт на проектот и зборуваа за значењето на одржливото менаџирање со водите.

„Сакам да го изразам моето лично задоволство што бев носител на еден од курсевите во рамките на проектот, насловен “Расположлив ресурс на подземни води и одржлива експлоатација на подземни води”. Би сакал само да истакнам дека водата е од суштинско значење за здравјето, добросостојбата, општествениот, економскиот, технолошкиот развој на секое општество. Имајќи го тоа во предвид, се наметнува фактот и потребата од одржливо управување со водите. Состојбата по однос на водите на светско ниво во последниот период укажува дека водниот ресурс се намалува и од квантитативен аспект и од квалитативен аспект што повторно ја докажува потребата од одржливо управување со водите”, изјави Доц. д-р Златко Илијовски.

„Проектот RESONATE обезбеди сеопфатно инженерско знаење преку својата богата понуда во полето на управување со води и развивање професионални вештини преку следење на курсеви и примена на знаењето на соодветните работини места на учесниците. Големиот интерес за проектот од различни профили на инженери и професионалци ја потврди значајноста на оваа тема и нејзината актуелност. Со големо задоволство нашите меѓународни партнери споделија дел од своето знаење и добри практики, а истовремено го надополнија своето со новините разменети во одржаните работилници.“, изјави проф. д-р Ангелина Танева-Вешоска.

На настанот ги слушнавме и виртуелните обраќања од партнерските институции кои беа дел од проектот. На големо задоволство на партнерските институции во проектот, учесниците дадоа позитивни коментари за темите кои беа избрани во оваа програма велејќи дека секоја од нив придонела кон пополнување на онаа празнина на знаење и вештини кои му се потребни на секој инженер во извршувањето на секојдневните работни активности, следејќи ги најновите трендови на управување со водните ресурси.

“Ако направам една ретроспектива на тие неколку месеци, слободно можам да кажам дека за мене тоа беше едно прекрасно искуство на учење, интеракција, размена на искуства, период во кој се здобив со многу ново знаење кое веќе почнав да го применувам во секојдневните работни активности.
Во нашите секојдневни активности како инженери ние секојдневно се соочуваме со нови предизвици и проблеми кои бараат примена на нови професионални вештини и знаења за нивно решавање. Тоа ја наметнува потребата од постојано надградување на секој инженер со нови знаења, а програмата на курсеви како што е RESONATE и многу други, го овозможуваат токму тоа.”, изјави Дарко Лефков, учесник на програмата Resonate.


Преку промотивниот материјал кој се доделуваше на присутните, имплементаторите упатија силна порака преку која ја истакнаа важноста за употреба на шишенца за повеќекратна употреба бидејќи со тоа се придонесува до намалување на отпадот во светот, особено оној отпад кој завршува во океаните и водите.

empty-author