Габична инфекција на ноктите
Габичната инфекција на ноктот е многу честа појава во нашите дерматолошки ординации.
Во почетокот заболувањето започнува со промена на бојата на ноктот а потоа со задебелување на ноктената плоча, при што ноктот станува искривен и кршлив.
Развојот на габичната инфекција многу зависи од условите на коишто ќе наиде инфекцијата при нејзиното паразитирање (од влажноста и топлината коишто ја зголемуваат габичната инфекција, механичка или хемиска траума на ноктот, нарушена циркулација, генетскиот фактор).
Најчесто зафатен е еден нокт или поретко неколку нокти на рацете или нозете.

Габичните инфекции се многу почести кај постарите луѓе бидејќи после 40-тите години ноктите поспоро растат но и се влезна врата за бројни инфекции. Посебно ако се носат чорапи и тесни обувки коишто ја нарушуваат вентилацијата и го зголемуваат потењето.
Габичната инфекција на ноктот може да настане и како резултат на преголема изложеност на вода и детергенти, како и носењето на вештачки нокти коешто може да допринесе за нарушување на трофиката на ноктената плоча.
Симптомите може да се манифестираат на самата ноктена плоча (искривена, кршлива, задебелена) или да се промени бојата на ноктот (жолта, бела и смеѓа).

Промените не се само естетски туку може да предизвикаат и одреден дискомфорт или чувство на болка. Притоа може да влијаат на вашето одење и да ја намалат вашата мобилност.
Кои се компликациите од габичната инфекција?
Габичните инфекции може да предизвикаат сериозни здравствени проблеми кај луѓето кои имаат дијабетес или оние со намален имунитет. Здравствените проблеми може да започнат од пореметена циркулација во стопалото или отворени рани кои многу тешко зараснуваат.

Кога да се јавите на лекар?
Потребно е да се јавите кај Вашиот дерматолог на првата манифестација на болеста којашто може да започне и како мала бела или жолта дамка на ноктот која потоа се проширува и може да го зафати целиот нокт и кожата околу ноктот.
Вашиот дерматолог во потврдувањето на дијагнозата може да земе и материјал од промената и истиот да го микроскопира или да ја испрати на понатамошно микролошко истражување.

Доколку се работи за габична инфекција лечењето го извршува вашиот дерматолог со давање на соодветна антимикотична терапија. Лекувањето може да трае од шест месеци до една година.
Но понекогаш може инфекцијата повторно да се појави доколку условите кои допринесуваат за нејзиното опстојување не се отстранат.
Како до превенција
Потребна е добра хигиена на стопалата. Ноктите потребно е да се суви и чисти.
Темелно да ги сушите своите стопала после бањање и посебно да внимавате на просторот помеѓу прстите.
Доколку вашите стопала многу се потат, користете памучни чорапи и многу често менувајте ги. Користете чевли коишто се удобни и не ве стегаат и секако внимавате на материјалот од коишто се произведени. Во текот на денот соблечете ги чевлите доколку сте во можност.
Доколку временските услови се добри заменете ги вашите затворени чевли со отворени во пределот кај вашите прсти. Избегнувајте да чекорите боси во базени и вежбални.

Користете и пудра за вашите стопала. Доколку било какви симптоми се појават на вашите нозе ве молиме да не ги допирате или иритирате туку веднаш упатете се кај вашиот доктор.

Специјалист дерматовенеролог

