Градење на одржлив бренд и успешни организации

Градење на одржлив бренд и успешни организации

„Во економијата базирана на знаење природната селекција ги фаворизира организациите кои најефективно ќе ја координираат и употребат колективната интелектуална енергија и креативните капацитети.“ – Џастин Розенштајн

Живееме во свет на секојдневни промени, некои очекувани, некои не. Нашето окружување се менува постојано и често доживуваме притисок и предизвик за да останеме во чекор со новините и се адаптираме на промените. Промените се евидентни на секое ниво на постоење – индивидуално, организациско, општествено.

Општествата и организациите се соочуваат со забрзан развој на нови технологии, високо иновативни конкуренти, потрошувачи кои имаат поголеми и посложени барања, поагресивни регулативи, пософистицирани доставувачи, непредвидливост на цени, каматни стапки, даноци и друго. Индивидуите се соочуваат со промени на работни места, недостаток на знања и вештини за примена на нови технологии, потреба да иновираат, збунетост како потрошувачи од преголем избор, бомбардираност од огромна количина информации на дневно ниво, тешкотии да се постави филтер и согледа вистината.

Сите овие турбуленции во окружувањето ги притискаат организациите да најдат нови начини за преживување, но и подобри начини за раст. Одговорот за справување со овие предизвици е јасен, да се преживее со континуирано растење, преку постојано учење и развивање. Овој пристап е во склад со новите правила на работење кои ги наметнува економијата базирана на знаење.

Промените кои се случуваат на макро ниво, мора да бидат следени со соодветни промени и на микро ниво, кои посебно се забележуваат во новите форми на организирање и бизнис модели. Соодветни форми и модели се организации што учат, иновативни организации, компании што креираат знаење или организации засновани врз знаење, создадени во насока на креирање на одржлив бренд, односно организација која ќе има долгорочна одржливост и висока перформанса, постигнувајќи конкурентна предност на пазарот.

Земјата, капиталот и опремата веќе не се одлучувачки фактори за развој. Успехот и конкурентноста на организацијата се повеќе зависат од развивањето на способностите на поединецот и како истите  се применуваат во остварувањето на поставените цели. Овој процес на менување и трансформирање на традиционалните организации во нови, модерни, одржливи системи и градење на усшени брендови, е потребно да стане секојдневие на компаниите и да се втемели во нивните стратегии и визии. Опстанокот и на компанијата и на поединецот во несигурното и променливо опкружување е загарантиран, пред сé, од нивната способност да учат.

Оттука, сосема е сигурно дека способноста  на една организација да учи и да се менува, да учи побрзо од другите и наученото брзо да го претвори во акција е најголемата предност која една организација може да ја поседува. Трансформацијата на организациите поттикнува длабоки промени во истата, промена на нејзината визија, стратегија, организациска структура, култура и клима (деловен систем и процеси), што претставува зафат чија реализација бара истрајност, и составно вложување на посебни напори во текот на најмалку 3-5 години.

М-р Славица Трајковска

Основоположник на Институтот за животна средина, енергетика и градежништво ИЕГЕ